Волшебна ноќ со LONDON FILM MUSIC ORCHESTRA

Културата и уметноста се дел мојот живот години наназад, па моето видување од овој агол е дека уметноста, културата и спортот треба да претставуваат главен столб за формирање на здраво, цврсто општество. Постојат повеќе причини за ова. Пред се тие промовираат суштински цели како што се: идентитет и припадност, креативност и иновации, развој и образование, здравје и добросостојба, и секако толеранција и разбирање. 

Играат клучна улога и во образованието и развојот на луѓето, овозможуваат места и прилики за учење, размена на искуства и формирање на критичко мислење. Преку нив, ние луѓето ги прошируваме своите хоризонти на знаење и ги развиваме своите способности.

Денес ќе ви зборувам за неверојатната убавина на музиката .

Фото: ВПГ 2023, Utrecht-Netherlands

Во срцето на Утрехт, Кралството Хландија се наоѓа еден од исконските симболи на христијанството и црковната моќ. Величествениот Domtoren, стар 700 години, сведок на најважните настани во изминатите седум века историја на градот, култен монументален споменик кој скоро секојдневно е домаќин на исклучителни музички и останати уметнички настани.

Во овој контест, преку оваа статија ќе се потрудам да ви го пренесам моето лично музичко доживување од посета на концертот на LONDON FILM MUSIC ORCHESTRA кој се одржа токму во Domkerk катедрала.

Фото: ЗГ 2023, DOMKERK-Utrecht, Netherlands

LONDON FILM MUSIC ORCHESTRA во DOMKERK

На неодамна одржаниот концерт во Domkerk, Utrecht, Холандија, бев сведоk на вистинско врвно искуство. Изведбата на LONDON FILM MUSIC ORCHESTRA беше просто магична и незаборавна. Со својата виртуозност и емоционална интерпретација, оркестарот нè одведе на неверојатно патување низ светот на филмската музика. Во оваа статија искрено, од се срце ќе ги споделам моите впечатоци и искуства од овој незаборавен настан.

Фото: ВПГ 2023, DOMKERK-Utrecht, Netherlands

Во вечерното патување низ кое музички не носеше оркестарот, ние посетителите имавме можност да ги слушнеме дел од најдобрите дела на денешницата, на двајцата најпознати филмски композитори, John Williams и Hans Zimmer.

Можеби на некој кој не следи ваков тип на музика нема да му значи многу, но доколку ве прашам дали ја паметите музиката на филмовите E.T. Extra-Terrestrial, Jurassic park, Jaws, Star wars, Da Vinci code, Harry Potter, Schindler’s list, Indiana Jones, Supermen returns, Interstellar, Gladiator, The dark knight, Pirates of Caribbean, Inception, Man of steal, Sherlock Holmes сигурна сум дека се ќе ви стане јасно.

Фото: ВПГ 2023, Utrecht – Netherlands

John Williams е американски композитор познат по најкултната филмска музика на сите времиња. Има компонирано музика за преку сто филмови, од кои голем дел во режија на Steven Spiеlberg. Како композитор е номиниран за над 340 награди. Има освоено 5 Оскари, 3 Еми, 4 Златни глобуси, 25 Греми, 7 филмски награди на Британската академија и 8 награди Сатурн. Во моментов држи рекорд за најмногу номинации за оскар.

Фото: ЗГ 2023, Utrecht – Netherlands

Hans Zimmer е препознат како еден од најиновативните музички таленти во Холивуд. Во 1995 година првпат влегува во светот на филмската музика за време на долгата соработка со познатиот композитор и ментор Stanley Myers. Забележителен момент во кариерата на Цимер се случува во 1988 кога било побарано да ја компонира музиката за филмот Rain Man кој доби оскар за најдобар филм таа година и му донесе прва номинација за најдобра оригинална музика. Има компонирано музика за The Lion King (1994), The preacher’s wife (1996), The prince of Egypt (1998), Gladiator (2000), The last samurai (2003).

Оркестарот и изведбата

LONDON FILM MUSIC ORCHESTRA, под маестралното водство на диригентот Rossi Dusheva, преку виртуозната интерпретација ги маѓепса посетителите на концертот кои ја испoлнија величествената Domkerk до последното предвидено место.

Морам да напоменам декa самата локација на концертот беше впечатлива, Domkerk како домашна црква за своите жители, преку перфектно озвучување и осветлување, звучеше и беше поставена како волшебен стејџ за оваа музичка величина.

Фото: ВПГ 2023, DOMKERK – Utrecht, Netherlands

Од првите ноти на музиката, публиката беше фасцинирана. Звуците од оркестарот се простираа низ просторот, го исполнуваа воздухот и не однесоа во светот на филмската магија. Секој тон и нота беа изведени со таква прецизност и страст, што секој присутен чинам дека се стопи во мелодиите и емоциите.

Програма

Програмата на концертот беше секако богата и разновидна. Како што претходно напоменав, оркестарот ја изведе легендарната музика од некои од омилените филмови на светската јавност, вклучувајќи ги и моите омилени. На моменти лично јас се чуствував како да сум во самиот Gladiator, Star wars, Harry Potter, Da Vinci code и многу други, нестварно, волшебно.

Секоја композиција LONDON FILM MUSIC ORCHESTRA ја преточи во нова димензија, давајќи им живот и душа на сите дела од програмата.

Фото: ВПР 2023 – Програма

Особено впечатлив беше моментот кога оркестарот ја изведе музиката од Harry Potter, имав впечаток дека одеднаш Хари ќе пролета на метла низ катедралата и домот. Оркестарот дефинитивно не пренесе во друго место и друго време внесувајќи не во епските приказни и магијата на Хогвардс преку своите инструменти. Чинам дека треперење и срцево отчукување не беа само кај мене, туку беа присутни кај сите слушатели во катедралата, па го претворија концертот во вистинско фантастично искуство.

Фото: ВПГ 2023, DOMKERK – Utrecht, Netherlands

Атмосферата во Domkerk беше извонредна. Публиката беше воодушевена. На момент почуствував како сите присутни емотивно и духовно се слеаја во едно со помош на музиката, создавајќи неверојатна хармонија. Гледајќи ја околината, останатите гости, беше вистинско задоволство да видиш луѓе со различни вкусови и интереси, обединети од љубовта кон музиката.

Фото: ЗГ 2023, DOMKERK-Utrecht, Netherlands

Не смееме да заборавиме дека културата и уметноста промовираат и здравје и добросостојба, позитивно влијаат на граѓаните и заедницата, односно имаат позитивно влијание врз физичкото и психичкото здравје на луѓето. Тие создаваат можност за физичка активност, изразување на емоции и ментална релаксација. Ова помага во справувањето со стресот и подобрување на општата благосостојба на луѓето.

Толеранција и разбирање помеѓу луѓето се елементи кои преку изложби, настани, спортски натпревари и други културни активности, луѓето имаат можност да ги искусат и разберат различните култури, перспективи и начини на живеење. Ова го намалува родовото и културно раслојување и ги поддржува вредностите на инклузивност, рамноправност и меѓу културна размена.

Уметноста, културата и спортот се интегрален дел од општеството и играат клучна улога во формирањето на здраво, цврсто и напредно општество. Треба да се почитуваат, во нив да се инвестира (доверба и сигурност) и да се поддржат како главен столб на општеството.

Верица Пандилоска Гичева – “СТРАТЕГИСКО И КОМПЕТЕНТНО УПРАВУВАЊЕ СО ИНСТИТУЦИИТЕ ОД КУЛТУРАТА КАКО КАТАЛИЗАТОР ЗА ПРОМЕНИ И РАЗВОЈ ВО ПОСИГУРНО ОПШТЕСТВО ЗА СИТЕ ГРАЃАНИ
Фото: ЗГ 2023, DOMKERK-Utrecht, Netherlands

Концертот на LONDON FILM MUSIC ORCHESTRA во Domkerk UTRECHT, Кралството Холандија останува во моето срце како едно од најзначајните музички искуства. Виртуозноста на оркестарот и енергијата која ја испуштаа беше вистинско благослов за мене како уметник, но и за сите нас кои ги посетивме овој концерт. Оваа неверојатна изведба на овој светски реномиран оркестар во удобноста на совршениот, исконски Domkerk ги пренесе емоциите и магијата на филмската музика на ново ниво.

Како што и ми напомена проф. д-р Ганка Цветанова, мојата драга пријaтелка и ментор по предметот УПРАВУВАЊЕ СО КУЛТУРНИ ИНСТИТУЦИИ (ИСППИ-МЧР) кога и кажав што ќе имам можност да слушам, цитирам: … “ова е вистинска програма за Охридско лето“.

Верувам дека оваа статија ќе го пренесе дел од восхитот кој го искусив на овој концерт и ќе ве натера да ја откриете магијата на LONDON FILM MUSIC ORCHESTRA на следниот нивен настан, можеби тоа ќе е и некое следно Охридско лето.

Текстот е авторски! За споделување на содржината и објавување (во целост или парцијално) потребно е да побарате дозвола од авторот и да го наведете изворот!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *