Денот на кралот во Кралството Холандија

На почеток на ова наше денешно дружење ќе говорам за еден од обичаите кој е традиција во Кралството Холандија како дел од културата на живеење. Повод за оваа блог објава е најважниот ден на холанѓаните наречен денот на кралот, свеченост која секоја година се одржува во оваа кралска земја.

Секоја земја во светот има своја култура на живеење, свои обичаи и традиции. Обичаите во нашата нашата земја РС Македонија верувам сите дека ги знаеме и почитуваме (без оглед за кој етникум, националност се работи). Но, верувам дека со претставувањето на обичаите кои се почитуваат во кралството Холандија ќе добиете нови информации и сознанија за традицијата и култура на живеење во оваа земја.

Холандија е земја во која коегзистираат голем број на различни култури. Заедничко за сите нив е моментот кој сите со нетрпение го очекуваат. Тоа е роденденот на кралот, во случајов Вилијам Александар.

За овој ден (од она што можев да истражам и дознаам) државата со своите механизми за свеченост и организација се спрема скоро цела година. Сите градови организираат свеченост каде луѓето здружени доаѓаат да го прослават роденденот на кралот. Најголемата свеченост се одржува во градот Амстердам, Ротердам, Утрехт и буквално во сите други останати градови на територија на Кралството Холандија.

Поради глобалната пандемија изминативе две години манифестацијата за денот на кралот не се одржуваше. Со самото тоа и возбудата, радоста и емоциите кои преовладуваа кај населението на денот на кралот, оваа 2022 година беа значително изразени и разбирливи.

На моја особена чест и задоволство имав можност како музички изведувач (претставник на ЕУ ИНСТИТУТ Скопје) да бидам дел од манифестацијата на денот на кралот во град Утрехт. Во тој контекст би сакала да го пренесам моето лично искуство со цел, позитивно влијание во заедницата.

Фотографија: Звонко Гичев, ЕУ ИНСТИТУТ Скопје “Kings Day 2022“

Без маски, со гардероба во која преовладуваше портокалова боја и со особена радост и позитивизам уште од раните утрински часови на улиците на Утрехт се надзираше сончев ден исполнет со прекрасна енергија од сите луѓе кои забрзано ги привршуваа личните обврски и трчаа да се подготват за прославите кои се одвиваа на територија на целата општина.

Неколку одделни стејџа (подготвени ден однапред) со комплетно висококвалитетно озвучување, осветлување беа спремни за музички изведувачи, кои ја збогатија и расположија широката народна маса која почна да се собира на плоштадот уште од претпладневните утрински часови.

Фотографија: Звонко Гичев, ЕУ ИНСТИТУТ Скопје “Kings Day 2022“

Од аспект на невербална комуникација и изразен говор на тело, можев да забележам насмеани и растеретени лица на луѓе кои облечени во стилот на боите на Холандија (портокалова) беа облечени во гардероба и комплетна иконографија која симболизира и асоцира на денот на кралот и прославата. Во истите бои беа уредени и сите молови, продавници, ресторани, пабови. Ова особено ме израдува!

Веќе на пладне започна музичкиот дел со холандска традиционална музика. Продолжија понатаму изведувачи кои секој со своја програма ги забавуваа широките народни маси.

Верица Пандилоска, “Kings Day 2022“ Фотографија: Звонко Гичев ЕУ ИНСТИТУТ Скопје

Од аспект на странец на кој му се дала можност да настапи на ваков значаен ден за холандскиот народ сакам да споделам навистина позитивно искуство. Најсубјективно кажано, бев прифатена со овации и аплаузи што за мене беше дополнително гориво за оптимизам. Еве со ова мое излагање ќе ја разбијам предрасудата дека холанѓаните се ладен народ и не сакаат странци. Во овој мој случај би рекла дека е сосема спротивно, бидејќи моето лично искуство беше навистина поинакво, би рекла за драго сеќавање и паметење за цел живот.

Верица Пандилоска, “Kings Day 2022“ Фотографија: Звонко Гичев ЕУ ИНСТИТУТ Скопје

Споредба помеѓу спектаклот на манифестацијата денот на кралот и нешто слично кај нас во РС Македонија не може да се направи и тоа поради многу причини за кои сега не би зборувала…. Слично нешто (од мое лично доживување од аспект на музички изведувач) беше свеченото прогласување на суверенитетот, независноста и самостојноста на македонскиот народ од страна на тогашниот претседател Киро Глигоров која се одржа на градскиот плоштад во Скопје каде имав можност да настапувам како изведувач со особена чест, гордост, еуфорија и оптимизам.

Верица Пандилоска “Kings Day 2022“ Фотографија: Звонко Гичев ЕУ ИНСТИТУТ Скопје

Доколку сакате да ја почувствувате еуфоријата, забавата, позитивната енергија на Холандија срдечно ви препорачувам во својата годишна агенда да испланирате некоја следна година да ја посетите Холандија за денот на кралот. Сигурна сум дека ќе искусите неверојатно доживување (забава) за паметење.

Холандија си ја одржа традицијата за прославата на кралот Вилијам Александар после цели две години разбирлива изолација која владееше низ целиот свет.

Верица Пандилоска “Kings Day 2022“ Фотографија: Звонко Гичев ЕУ ИНСТИТУТ Скопје

Животот е навистина краток, затоа е потребно да ги живееме со “полни гради“ бидејќи моментот кој секој едeн од нас ќе го доживее, никогаш повторно нема да му сe врати. Затоа би препорачала секој од нас да ги искористи сите можности кои ни ги дава животот бидејќи никогаш не знаеме дали истата шанса ќе ја добиеме пак и можноста некогаш повторно ќе ни се врати.

Текстот е авторски! За споделување на содржината и објавување (во целост или парцијално) потребно е да побарате дозвола од авторот и да го наведете изворот!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *