ЗНАЧЕЊЕТО НА ЖИВОТОТ

Малите нешта ги сочинуваат најголемите животни радости.

Материјалистичкиот свет не прави празни па имаме потреба за нешто религиско, племенито, духовно, христијански. Со кратки зборови кажано, нешто што допира до бога. Верба во бога!

Едноставноста и молитвата е вистинскиот лек за сите нас. Радост во душата и насмевка на лицата. Ова некако е првото нешто кое ми доаѓа а памет во овие моменти на чествување на најголемиот христијански празник, Велигден.

Без оглед на тоа кој каде се наоѓа и кој колку има материјално да потроши на свечената трпеза, поентата е пред се да се има внатрешен мир, хармонија и емотивен баланс во овие денови на љубов, спокој и разбирање. Ова е празник кој не потсетува колку е важна нашата внатрешност, нашата содржина, нашата сплотеност кон бог, едни кон други како луѓе, а колку е неважно да е наш животен “лајт мотив“ само материјалното, кое многупати забораваме дека и не е пресудно за да побараме прошка и благослов од севишниот.

Кое е личното ниво на свесност на секој од нас?

Животот ни е брза филмска лента која секоја година некако се побрзо се троши. Оптеретени од секојдневието кое ни носи предизвици од различен вид некако подзабораваме да се вратиме на корените. Да веруваме!

Македонските верници на Свечена Литургија во “Sint Catharinakathedraal“ – Utrecht, Netherlands

Во што е потребно да веруваме?

Многу пати сaкам да се шегувам па велам дека моето видување е дека секој треба да верува во “3 вери“.

Мое гледиште е дека првенствено треба да веруваме во нашиот создавач, господ бог која ни е единствената движечка сила која се нарекува мотивација. Мотивација за лична надградба, сатисфакција и делотворност. Освен него потребно е секој од нас да веруваме во самите себе си. Колку и да секој од нас има моменти на внатрешен немир, несогласување со самиот себе, внатрешни превирања од животни случувања (предизвици), несогласувања со други луѓе и слично. Секој од нас има привилегија да верува во самиот себе, непоколебливо. Вербата во себе е магичниот невидлив титан кој може да ги сруши нашите лимити и граници, да ги зајакне нашите лични и колективни капацитети и да ни помогне да достигнеме највисоко ниво на спремност и успешност. Третата вера е да веруваме во она што го рабoтиме или сакаме да го постигнеме на секое поле во животот, општествено, семејно, работно.

Акција

Кога се зборува за акција секогаш прво на памет ми доаѓа третиот закон на Исак Њутон.

Portrait of Isaac Newton (1642-1727)

Секоја акција создава еднаква или спротивна реакција.

Исак Њутон

Секојдневно слушаме различни животни стории кои би требало да бидат поука за наши идни чекори, за акција. Зошто, бидејќи животот е училиште во кое секојдневно имаме испити кои ни се предизвик. Но, не смееме да заборавиме дека сите сме гости на овој свет кој е краток и не се враќа. Затоа и треба да го живееме со полни гради. Да уживаме во секоја насмевка, поглед, радост, присуство на нашите најмили околу себе.

Да се надградуваме, да сме на високо ментално ниво (за кое е потребна континуирана работа на себе).

Најважно! Мора да знаеме дека животот нема реприза, денот нема реприза, не се враќа ниеден момент од него. Секој ден од нашиот живот е премиера. Колку таа ќе биде успешна зависи само од нас и од никој друг. Не зависи од тоа кој е премиер, дали не ни чини државата, во кое општествено уредување живееме или од тоа кој што кажал. Зависи само од нас и никој друг! Што порано го сфатиме ова многу поедноставно ќе ни биде. Потребно е конечно да превземеме одговорност према самите себе за да продолжиме понатаму со чисто срце и мисла кон се она што не очекува во некое идно време.

Верата е таа која е клучен фактор за да бидеме сплотени, среќни, здружно да пристапуваме кон предизвиците кои треба да не креираат да сме помудри. Да, помудри, а не лукави! Лукавоста и итрината е карактеристика на слабите луѓе, на моменти се шегувам па веднаш на памет ми доаѓа “Итар Пејо“. Мудроста е карактеристика, големина на успешните луѓе кои од моето животно искуство се секогаш оние наједноставните. Во тоа е и нивната големина.

Велигден во Холандија

Во вечерните часови во кaтедралата “Sint Catharinakathedraal“ македонските православни верници го дочекаа христовото воскресение. Дојдени од сите градови на Холандија, но и Белгија и Германија верниците беа дел од Света Велигденска литургија која ја држеше отец Захариј Панов во придружба на холандскиот колега, отец Рафаел, православен свештеник од Холандија и ипоѓакон Зоран Радичевски.

Отец Захариј Панов, отец Рафаел, ипоѓакон Зоран Радичевски на Свечена Велигденскa литургија во “Sint Catharinakathedraal“ – Utrecht, Netherlands

По завршување на Свечената Велигденска Литургија, свој прикладен говор имаше нејзината екселенција Бети Јачева, Амбасадорката на РС Македонија во Кралството Холандија. Таа даде своја поддршка и дополнителна мотивација за сите македонци кои се дел од заедницата во Холандија.

По завршување на Свечената Велигденска Литургија која ја држеше отец Захариј, од страна на МПЦ ОА “Св. Стефан“ , беше претставен и новиот управен одбор на црковната општина.

ЕУ ИНСТИТУТ Скопје им посакува успешна понатамошна работа во реализирање на активностите кои се во заеднички цели и интереси на македонците во Кралството Холандија.

“Македонките во Холандија“ составени од жените кои се дел од македонската заедница во Холандија дел од МПЦ ОА “Св.Стефан“, беа одговорни за свечената трпеза која беше сервирана за послужување по завршувањето на свечената литургија. Како женска иницијатива на “Македонките во Холандија“, учествуваат жени, девојки и девојчиња кои живеат и работат во Кралството Холандија, а се дел од македонската заедница.

“Македонките во Холандија“ дел од МПЦ ОА “Св.Стефан“

Вистинско уживање за очи и сетила беше храната која со љубов беше приготвена, сервирана и декорирана од вештите раце на македонските жени во Холандија. Највкусните македонски специјалитети беа подготвени за верниците по завршувањето на Свечената Велигденска Литургија. Сето ова е доказ за негување на македонската традиција далеку од родната земја.

Да создадеме услови Велигден да ни е во срцата постојано. 365 дена во годината да ги негуваме вистинските вредности, да си помагаме едни на други. Животот го сочинуваат малите нешта. Доколку не сме искрени сами со себе, многу тешко ќе ни биде да работиме со останатите луѓе околу нас. Затоа, ајде сите заедно да се обединиме и потрудиме да бидеме подобри утре од она што сме денес.

ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ! ВИСТИНА ВОСКРЕСЕ! За многу години љубов, слога и разбирање.

Текстот е авторски! За споделување на содржината и објавување (во целост или парцијално) потребно е да побарате дозвола од авторот и да го наведете изворот!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *