Почитувани следбеници, по повод Новогодишните и Божиќни празници оваа 2024 година решив да ја започнам со животната приказна на една личност која целиот свој живот го посветува на уметноста. Таа е сестран уметник, пишува поезија, црта на платно, црта и дигитално, пишува текстови, музика за песни. Јас ја запознав во почетокот на деведесетите години, преку наша заедничка пријателка. Ја паметам, дека на мој настап дојде на штаки и се чудев како се спушти по скалите во Студио 5. Ми рече ајде да ја пееме заедно “Принцеза“ од Слаѓана Милошевиќ и Дадо Топиќ која ни беше идол и на двете. Долги години ја немав видено, знаев дека е надвор од Македонија. Патиштата повторно ни се споија пред 3 години кога јас дојдов во Кралството Холандија каде таа живее долги години.
Во ова празнично издание ви ја претставувам жената борец, со неверојатен елан и енергија со која ги поместува границите на возможното. Верувам дека ова интервју ќе ве мотивира сите вас кои ќе го читате и мислите дека имате тежок период во животот.
Јас, како обичен човек и некој кој имал различни животни предизвици денес, заедно со мојата гостинка, на читателите ќе се обидам да им доловам дека, се е до нас самите и до нашиот ум, дека ништо во животот не треба да ни е пречка. Мислам дека денешната гостинка на ЕУ ИНСТИТУТ Скопје е вистински пример за една позитивна и успешна приказна (личност) за пат до успехот. Задоволна од сама себеси и тоа што го работи. Ја има точната мера за успех и исполнетост. Поентата на оваа блог сторија е заеднички да испратиме мотивациска порака на читателите, сите заедно да сфатиме дека ограничувањето е само во нашите глави. Честопати се браниме со изговори од типот, сега не можам, сега немам пари или нешто трето е во прашање како изговор. Моето конкретно прашање кон ваков став секогаш е исто. Кој не спречува да бидеме утре успешни!? Но, ова е само мое лично видување. Затоа, темата за мотивација и инспирација е всушност посветена на една моја драга личност, чие размислување и енергија сигурна сум дека ќе бидат супер мотив, за сите нас.
Ценети читатели, ви ја претставувам Маја Павловска – Maja Angel која е пример за лична мотивација. Драга Маја, твојата животна приказна сакам на читателите да им биде еден вид на движечка сила и оптимизам на категорија на млади, но и возрасни кои ќе го читаат ова блог интервју.
ВПГ: За почеток, раскажете нѝ нешто за почетоците на вашиот живот?
МП: Завршив на Факултетот за Туризам во Охрид. Имав уметнички начин на изразување од мали години. Уште од основното училиште, пишував поезија и учествував на различни уметнички натпревари. Една од моите први награди беше за поезија на тема за Тито, насловена Последното патување. Токму во тоа време, се случи смртта на Тито, и мојата поезија случајно се претвори во ода за неговото последно патување. Потоа, мојата слика со наслов КРИК, на тема за НОБ, беше наградена на ниво на Југославија во Рашице.
ВПГ: Кога почнавте да сликате, со што започнавте, со која техника? Дали самоуко тоа го правевте или имавте некаква стручна наобразба ?
МП: Во сликарството навлегов со голема страст. Главно се фокусирав на сенчењето со молив, што ми беше најприродно и восхитувачки во тоа време. Истражував со водени бои, темпери, дури и линолеум и други различни техники.
Во основното училиште и гимназијата, добив значителна поддршка од наставниците и професорите, особено од Ратка Илиева – Лале, која го забележа мојот уметнички потенцијал и ме поттикна да учествувам на уметнички натпревари и изложби. На една изложба на која учествував ми беа украдени сите мои дела, но во смеа, Лале ми рече: “Ако ги украдоа делата, значи си била навистина добра.“ Таа беше мој ментор и ме подготви за уште поголеми натпревари, вклучувајќи го и “Титу на дар”, каде добив првата награда на ниво на Југославија со моето дело КРИК.
Моите амбиции за уметност до некаде беа ограничени од татко ми, кој ми ја одзема шансата за уметничко образование поради неговиот поглед за реалност во контекст на живеење од уметноста. Мојот пат почна како текстописец и работа во туризам, но уметноста продолжи да биде срце на моето постоење и изразување.
ВПГ: Луѓето не го ценат само формалното образование туку и талентот кој се разви низ годините. Во суштина дали самите себе си се менаџираш секогаш? Немате куќа која што ве застапува, некој кој од професионален аспект се грижи, ви ги средува, договара, преговара за вас и вашите дела?
МП: Секогаш сум била сама свој менаџер. Формалното образование ми беше драгоцено и ми помогна во развојот на моите уметнички и професионални вештини. Никогаш не се ограничив само на една област – мојот живот е исполнет со музика, уметност и различни професии.
Кога бев млада, истражував разни професии – работев како секретарка во Хотел Бристол, во бутикот “Мио“, а потоа и во туристичка агенција. Имав и приватен маркет, дури и имам и неколку соработки како модел.
Сите овие работни искуства ми донесоа богатство на искуства и различни перспективи. Се водев од желбата за експериментирање и изучување на различни аспекти на животот и работата.
ВПГ: Вашето постојано справување со животните предизвици, воедно со вашата енергија и позитивност, е инспиративен аспект за секој еден човек, навистина е за почит. Верувам дека ќе ги инспирирате сите читатели на ЕУ ИНСТИТУТ Скопје. Ние луѓето често сме во некоја заблуда со самите себе си, дека нешто не може да се постигне, додека вие Маја, стоите како доказ дека се може. Има моменти кога други луѓе се жалат за нешто толку мало, банално, а тука сте вие, со вашата енергија и оптимизам, што укажува на вистинската вредност на животот и како треба да го живееме со уште поголема благодарност и оптимизам.
МП: Многу често ми се случува другарки да ми се пожалат како се тажни и депресивни, “дечкото ги откачил” и слично … ех, си велам ако јас почнам да ви раскажувам што сѐ ми се случи, ќе сфатите колку е лесно решлив тој смешен проблем. И колку треба да си опуштена, а не тажна заради некој таков “проблем“, смешна ситуација која се случила, како луѓето да имаат многу мало искуство со шамарите што животот знае да ги удри понекогаш.
ВПГ: Некои од овие личности веројатно биле премногу заштитени, галени, живееле во стаклено ѕвонце или самите не сакале да пуштат прсти во оган, да пробаат. Е сега, кога ќе ви дојде оганот?
МП: Ех, тогаш човекот е појак и од камен. Можеби и јас би размислувала така доколку не би го поминала моето животно патешествие низ овие 33 години во ваква состојба (од 1991), во инвалидска количка (повеќе сум во количка отколку во нормална здрава состојба била, во движење).
ВПГ: Сега сте 10 пати поуспешна отколку пред 20 години?
МП: Кога тоа ми се случи болеста, бев многу млада имав 23 години, туку што пркнав во животот. На 20 години бев секретарка кај Копров, во Хотел “Бристол“, на 21, менаџер на туристичка агенција, но дојде на свет мојот син Бобан и потоа се разболев. Боби имаше само 1,5 година кога јас се разболев. Од тогаш наваму е само борба, секој ден борба. Со болки, со спазми, болки, институции, разводи.
ВПГ: Сите ние во животот имаме турбуленции, каков беше вашиот живот?
МП: Мојот живот ако ви го опишам во детали, наликува на шпанска, турска серија оригинал. Доколку, нешто не ми се допаѓа, веднаш судски, се обраќам на системот.
ВПГ: Животот во Холандија за вас, Маја, изгледа како вистинско патешествие на искуство и случајности. Како изгледа адаптацијата во системот и културата тука, особено од агол на голем уметник како вас. Вашите изложби и присуството во холандските медиуми претставуваат значителен чекор во вашата кариера.
МП: Живеам во Холандија веќе 15 години, почнувајќи од 2008 година. Почетната точка за моето преселување беше мојот вотор брак, како и моето познанство со уметничката Нена Шешиќ-Фишер, која живее во Утрехт. Кога пристигнав во Холандија, на нејзина покана, земав учество како гостинка на нејзината изложба. Таа е уметник која живее во Утрехт од 1991 година, дошла по распаѓањето на СФРЈ. За време на моето престојување 2007, добив понуда за интервјуа од холандските весници, кои напишаа позитивни критики за моето дело. Таа година во Холандија бев само турист, а во меѓувреме ги подготвував своите и документите на мојот син за преселување и живеење во Холандија. Неговиот факултетски избор и бракот, кој краеше, се одразија на мојата одлука за трајно преселување. Во 2013/14 година имав лична самостојна изложба, Kunst uit eigen provincie, што е традиционален настан во општината на Утрехт, каде што живеам.
Во желбата да продолжам со моето уметничко патување во Холандија и да стекнам статус на слободен уметник, случајноста ме доведе до Шучо Саркинович, професор по уметност во Арнем, пред многу години живеел во Скопје. Еден ден како за сеќавање на мојот татко имав ставено слика насоцијален медиум како честитка за неговиот “небесен“ роденден, каде во позадина беше видлива зградата во која живеел Шучо. Тоа го поттикна контактот помеѓу нас преку социјалните медиуми.
Шучо ми даде важни насоки и совети за тоа како да се навлезам во холандската уметничката заедница. Се сретнавме он лајн, а потоа тој дојде во мојот дом како гостин, каде ги погледна моите уметнички дела. Неговите пофалби и одобрување од него, како познат и признат уметник, имаа голема вредност за мене. Тој ме насочи каде да пуштам апликации за учество на конкурс во музејот Museum Catharijneconvent. Тоа беше прилика да се покажам пред холандските уметници и да учествувам на, националниот уметнички саем во 2018 година. Преку четири слики го претставив своето уметничко изразување, вклучувајќи го портретот на мојот татко Јован Павловски додека ја пишува песната БИСЕР БАЛКАНСКИ, како и портретите на мојата мајка и баба, кои имаат особено значење во моето срце и дом.
Сите интервјуа и овјави на ЕУ ИНСТИТУТ Скопје, можете да ги следите на нашиот Блог.
Моето прифаќање од страна на независните уметници во Холандија беше импресивно. Кога ја оставив својата уметност (сликите) во музејот, на четири познати холандски уметници и уметнички критичари, им беше дадена задача да одлучуваат за прием или одбивање на пријавите за конкурсот. Прегледувањето на уметничките дела траеше во текот на еден ден. За среќа, во рок од неколку часа, добив потврда и позитивен одговор – бев примена во Националната асоцијација на визуелни уметници на Холандија како независен уметник.
Оттогаш, почнав да изложувам свои слики на уметничките саеми во Холандија, вклучувајќи ги Nationale kunstdagen – Utrecht, ADAF – Amsterdam, АrtEindhoven итн. Учествував на разни конкурси и изложби, што ми даде можност да ја проширам својата присутност и да ги споделам своите уметнички творби, и на интернационалните уметнички саеми и натпревари: Мајами, Луксембург, Лондон, Барцелона, Париз, Рим, Мелбурн и други, каде што моите дела беа наградени.
ВПГ: Од неодамна се забележува дека вие се решивте за дигиталното сликање, што е новина во вашето уметничко изразување. Тоа е голема промена од класичното сликање на платно. Како ја гледате врската помеѓу двата начина на изразување и дали има некоја корелација помеѓу вашите поранешни творби и оние што ги реализирате сега, во дигитална форма? Се приметуваат ли некои разлики во процесот или во изразот на вашата уметност?
МП: Мојот почеток во дигиталната уметност беше чекор напред, започна пред неколку години. Пред тоа, работев како судски преведувач и графички дизајнер, со почеток на експериментирање со графички програми во доцни 90-ти. Започнав со Corеl Draw, работејќи на каталози и флаери за различни фирми и приватни лица. Мојот син, Боби (ИТ инженер), беше мој поддржувач и “асистент“ во тоа време, но главно, сама себеси се учев. Понатаму, графичкиот дизајн го вклучив во своето уметничко изразување, секогаш со самоук пристап.
Со појавата на фотошоп, започнав истражување во фото-монтажата. Иако не работев често во тој дел, се збогатив со искуство во тој правец. Со текот на времето, научив нови програми и навлегов во светот на дигиталната уметност. Почнувајќи од празен лист, од нула “скреч“, го создавам секој дел од сликата со помош на движења, и индивидуалноста на моите изрази. Не користам готови слики или залепени дела – ова е моето лично движење и начин на креирање. Сликата ја обликувам сама, со техники и алатки што се дел од дигиталниот процес на сликање.
ВПГ: Што прво насликавте со оваа техника?
Првата слика што ја создадов со оваа техника беше во чест на филмот “Медена земја”, кој отиде на Оскар. Таа слика беше и дизајн и уметност воедно, посветена на филмот и тимот кој стои зад него. Се гордеев што можев да им подарам нешто несекојдневно, честитка за постигнатиот успех, нацртана во необичен стил.
Со почетокот на 2020 година, патувајќи во различни градови како Рим, Луксембург и други, забележав дека луѓето реагираат позитивно на ваквата уметност. Тие веднаш ја препознаваат и вреднуваат уникатноста на овој вид на изразување.
ВПГ: Дали повеќе ви се бараат дигитални слики или стандардно изработени? Се води полемика, дали е подобро и по вредно класичното цртање или овој вид на уметност?
МП: Постојат различни размислувања на оваа тема. Академските уметници, кои особено ги почитувам, кои се специјализирани во традиционалното цртање често се противат на дигиталната уметност и на овој начин на работа. Но според мене, дигиталното сликање е исклучителен предизвик како процес, понекогаш и поголем предизвик отколку класичното сликање. Замислете цртање на мал простор со голема прецизност на “потези” на мобилен телефон. Освен тоа, користам и компјутер, но исклучително го вреднувам целосниот спектар на дигитални ресурси што го овозможуваат овој вид на работа. Не користам никаков вид на вештачка интелигенција, се работи за процес на “органско“ цртање, исто како на пример со акрилик на платно, или било кој друг вид на материјали и медиуми. Единствено што користам се моите прсти како четки и алатки за реализација на сликата. За мене, ова е повеќе од дигитална уметност – тоа е дигитално сликање, каде раката на уметникот е основна и важна, а не само изборот на боите што ги користам.
ВПГ: Ако ја разгледаме секоја деценија, може лесно да издвоиме песни, кои филтрирани од времето се класификуваат како вистински класики. Што се однесува на музичкиот дел, би сакала да разговараме и за поезијата и музиката.
Што се однесува на поезијата, почнав да пишувам уште како мало дете. Многу од идеите што ги имав, ги запишував, а некои од нив се објавени, додека други останаа невидени, во фиока. Од 1991 година, кога почнав да се развивам како текстописец, се случи еден фестивал во Битола наречен ИНТЕРФЕСТ. Имав напишано текст за нумера, во тоа време го виде Горан Алачки, кој беше соработник на татко ми. Тој беше познат по тоа што со неговата група изведуваше народна музика. Ова беше неочекувано за мене. Моето парче текст првпат се испеа на сцена во забавниот дел од фестивалот. За мене, ова беше многу значајно. Мојот татко беше етаблиран автор на македонски народни песни, но јас во тоа време не бев.
БИСЕР БАЛКАНСКИ – Автори: текст Јован Павловски, музика Хилми Билбил , аранжман Томислав Таневски, изведувач Гоце Николовски, Продукција МРТ, прва изведба 1990 година, Фолк Фест Валандово.
ВПГ: Како се мотивирате, по се она што доживеавте како тешка битка ?
МП: Ова беше период на животен предизвик, каде се борев со болеста што ме парализираше. За околу две години бев практично непокретна, затворена во постела, во болница, и со висока температура. Моите раце и нозе беа парализирани поради вирус кој го нападнал целиот нервен, а како се случило ова, имаше неколку претпоставки. Се работи за едно од најретки автоимуни заболувања во светот, еден на 250.000 луѓе може да ја добие оваа болест. Бинго, во негативна конотација. Но, дури и во тие моменти на немоќ, се борев да се вратам во животот. Еден момент на мојата врата се појави моја другарка, докторка, која иако знаејќи за мојата состојба, дојде со кафе и незапалена цигара во рака. Веднаш посакав да излезам надвор и да пушам, и тоа беше таа чудна мотивација што ме повлече да се борам уште повеќе. Тоа беше таа чудна мотивација што ме повлече да се борам уште повеќе. Оддалечена од секојдневниот живот, мојата борба стана борба за оние два прста кои ми беа пречка за да држам цигара. Докторката ми постави услов – кога тие два прста ќе ми проработат, ќе можам да пушам цигара. Тоа за почеток беше мојата цел, и таа мотивација ме натера да вежбам мисловно, да испратам импулси до прстите и упорноста да се вратам во рутината. Иако левак, морав да ги употребувам и десните прсти. Тоа беше мојот начин на враќање во својата реалност, во моето творештво.
Кога ќе се случи вакво нешто некому е навистина лошо искуство, не можеш веднаш да се навикнеш на ваква состојба. Ги поминуваш сите фази на депресија и се останато што го носи самата болест. Транзицијата од здрав и прав човек кон човек со физички “хендикеп“ е макотрпна и тешка која мора да се прифати.
Во текот на рехабилитација, преживеав период на големи предизвици, машки се борев со болка и немоќ. Процесот на враќање во нормалниот живот, во моето креативно творештво, беше многу макотрпен, тежок. Кога левата рака почна да ми се оживува, постепено, започнав да вежбам да пишувам со неа. Мојата мајка беше со мене во тие моменти, пишував со лева рака и тоа наопаку, како во огледало. Првиот момент кога напишав нешто, и го дадов листот да го стави на стакло, да го преврти листот и да го види текстот, да прочита што сум напишала. Болна вистина … се расплака …Тоа беше постапка што ми донесе чувство на враќање и почеток на одново придвижување напред. Тоа беше песна која понатаму си го најде својот пат.
Воедно, моето учество на фестивалот ИНТЕРФЕСТ во Битола беше еден мотивирачки и важен момент. Дури и во неволни услови, песната која ја напишав Болна вистина, прерасна во нешто што е емотивно и искрено, за што добив награда за најдобар текст. Чинејќи уште еден чекор напред, песната беше изведена и од Биби Мајкл, ќерка на тогашниот американски амбасадор во Бугарија, на истиот фестивал, што беше нешто што предизвика неверојатна реакција кај колегите и публиката. По извесно време, добив повик од Лидија Кочовска, која ми ја испрати нејзина верзија од песната, за роденден. За мене ова беше неверојатен гест на признавање и поддршка. Голема благодарност до неа.
Дел од опусот текстови на М. Павловска: Мартин Вучиќ, Дали вреди; Тоше Проески Магија која ја изведе со Есма (мк); Сон егзотичен мк/енгл/ср верзија; Парче од Европа (англ/срп) . Што си отишла (ср/англ.); за дует Маријан Стојановски и Лидија Кочовска Сонце низ облаци; Пеце Огненов Од небо дар; Слатка слобода ; за рок-балада со Мишко Парушев, наречена Странци и могу други за кои информации можете данајдете на нејзината веб страна.
ВПГ: За вас се ова е супер како креативност, релаксација, како човек кој твори од удобноста на соспствениот дом. Како вие одмарате, што друго сакате, што ве исполнува?
МП: Сакам да експериментирам во кујна, со син ми Боби. Гурмани сме, готвиме постојано. Храна, кујна, садење. Многу сум поврзана со природата и многу сакам да садам, и да правам експерименти. Садам пиперчиња, дури и банана посадив во Холандија. Највеќе од се сакаме да се дружиме со за нас, драги луѓе.
Едно од омилените дружења ни е семејната славата Св. Јован која по смртта на моите родители ја славиме со Боби. Тоа е за нас значаен дел од животот. Редовно каниме гости на 20 Јануари, всушност ти веќе знаеш бидејќи си редовен гостин во нашиот дом. Мора да кажам дека секогаш, значаен дел од мојот живот е дружењето со драги пријатели и блиски луѓе, што за нас е особено важно.
ВПГ: За крај, дајте им на читателите една порака. За сите кои се млади, кои почнуваат да се осознаваат себеси. Ваша назнака што би ги поткренало, мотивирало, да ги упатите.
МП: Никогаш не се откажувајте од вашите соништа и цели. Стремете се кон тоа да ги остварите своите идеи и да продолжите да работите упорно, независно од пречките. Не постои нешто што не може да се постигне, бидејќи иако имаме пречки или ограничувања, исто така сме во можност да ги надминеме со нашата постојаност и воља. Лично, иако физички имам свои ограничувања, ментално и психолошки се чувствувам силна и подготвена. Верувам дека човекот може да постигне многу повеќе ако се посвети на своите силни страни. Откажувањето е само еден мит и ме предизвикува да ги надминам ограничувањата и да продолжам да растам и еволуирам. Така го гледам животот, како низа на предизвици кои ги надминуваме, често во правец кон интерни бариери што ги среќаваме.
Не се сомневајте во вашиот потенцијал – реализирајте ги и следете ги вашите соништа, дури и во најтешки моменти!
Вибрирајте со позитивна енергија и секогаш во љубовна фреквенција!
ВПГ: Комфорната зона често се гледа како ограничувачка, но во стварност, истата не е препрека туку предизвик. Во тој момент, можеби, во нашиот страв од неизвесноста, не сфаќаме дека потенцијалните можности се многу блиску. Која е вашата перцепција, како може да се надмине стравот и да се приближи човекот до тие нешта што ги сонува?
МП: Да се ослободите од кафезот, значи да го премостиме стравот кој не ограничува. Често, нашиот најголем противник сме самите себеси. Во секој аспект на животот, излегувањето од познатото, од она што ни е удобно, е тешко. Но животот нуди многу повеќе од тие ограничувања. Лично за мене, кога ми беше кажано дека ќе останам прикована во кревет, предвидивањето беше дека ќе останам во постела и не ќе можам да седнам во столица. Во моменти, кога чувствуваме дека сме во кафез, треба да сфатиме дека преминот преку стравот е тажен и тежок, многу важен, но не е недостижен. Животот ни дава можност за нови почетоци и промени, дури и после најмрачните предвидувања.
Никогаш не се откажувајте!
ВПГ: Верувам дека ова интервју ќе ги мотивира сите кои ќе го читате и мислите дека имате тежок период во животот! Беше чест и задоволство да се разговара незадолжително, со една ваква личност и вечен оптимист. Чинам дека на сите нас ни недостасува ваква перспектива и оптимизам. Ќе бидам задоволна доколку ова интервју ви помогне за лична инспирација и животна мотивација. За ЕУ ИНСТИТУТ Скопје, со почит за сите вас, Верица П. Гичева 2024.
Насловна фотографија, Маја Грозданиќ-Амстердам. Сите останати фотографии се од приватна колекција на М.П.
ISBN 978-608-4880-16-5 ЕУ ИНСТИТУТ Скопје Јануари 2024
Текстот е авторски! За споделување на содржината и објавување (во целост или парцијално) потребно е да побарате дозвола од авторот и да го наведете изворот!
Напишете коментар