Успешно реализиран прв дел од проектот “Ментална хигиена за деца од предучилишна возраст“

Во текот на месец Јули 2022 година ЕУ ИНСТИТУТ Скопје со финансиска поддршка и соработка со Општина Аеродром, започна со подготовка и имплементирање на проект насловен како “Ментална хигиена за деца од предучилишна возраст“. Проектот е во тек на реализација.

Неформалното образование полека но сигурно го завзема приматот во сферата на едукација на население кое преку ваквиот вид на неформално-едукативни програми овој пат во фокус ги става децата во предучилишна возраст, воспитувачи/негуватели како и родителите.

223 лица придонесоа за успешна реализација на предавања за социо-емоционален развој на деца како и невербална/вербална комуникација, комуникација во колектив, емпатија за стручната служба на педагози, психолози, логопеди, лекари, социјални работници, воспитувачи, негователки, раководители, директори од градинките Срничка и Бубамара (заедно со сите клонови) кои функционираат на територија на општината. На предавањата беа присутни и претставници од општината, сектор образование и родова еднаквост.

На почетокот од предавањата се обрати раководителот на сектор образование и социјална заштита, м-р Тане Димовски како претставник од општината кој даде осврт на темата и поддршка од име на општината.

Оваа 2022 година особено ни е драго што со ЕУ ИНСТИТУТ Скопје работиме во сферата на предучилишно образование кое ни е особено важно на ниво на општината. Веруваме дека ќе ја зацврстиме и продолжиме соработката се со цел подобрување на капацитетите на стручните тимови како и на децата кои се дел од градинките во општината.

м-р Тане Димовски – Раководител на Сектор образование и социјална заштита, Општина АЕРОДРОМ

Во првиот дел од предавањето фокусот беше ставен на публикацијата (прирачник) за предучилишно образование насловен “Социо-емоционален развој на деца“ кој содржи десет различни ресурси за работа со деца и корисни информации на тема емоции и емоционална интелигенција. Истиот ќе биде промовиран на настанот и завршните предавања кои ќе се одржи на 6ти Октомври 2022 година во “МУЗЕЈ НА МАКЕДОНСКАТА БОРБА“ – Скопје.

Второто предавање опфати комплексна тема, комуникација. Предавач беше Проф. Д-р Зенделабедин Шехи, претседател на “Европски институт за менаџмент, право и дипломатија“.

Работата со децата треба да е поврзана и со родителите, така би се создале поволни услови за успешност. Верувам дека со заедничка поддршка во следниот дел од проектот ќе можеме да комуницираме и со родителите на децата. На некој начин да им дадеме до знаење за сите работи кои несвесно, ги прават и не се во тек. Најважен фактор од се е децата да бидат чувани и одгледувани со топли, искрени емоции кои ќе влеат сигурност која е дадена од мајките, татковците, старателите и од воспитно-образовниот кадар во градинките/училиштата.

Ова е дел кој на сите нас во современото живеење ни недостига.

Проф. Д-р Зенделабедин Шехи – Претседател на Европски институт за менаџмент, право и дипломатија

По успешна реализација на проектот САМОДОВЕРБА, КОМУНИКАЦИЈА, МОТИВАЦИЈА во 2021 година, ова е втор проект кој ЕУ ИНСТИТУТ Скопје го реализира со поддршка на Општина АЕРОДРОМ.

Со огромна чест и задоволство најавуваме дека на праг е успешно реализирање на проект кој е од суштинско значење за зајакнување на капацитетите на децата, стручните служби, воспитувачите и негуватели на тероторија на Општина Аеродром.

Посветено работевме на изработката на комплетна иновативна програма за предучилишно образование. Поддршка во креирање на учебник за социо-емоционален развој на деца дадоа голем број на стручни лица од различни области (лекари, психолози, логопеди, иноватори на програми за деца, професори за невербална комуникација).

Верувам дека овој проект ќе биде од особено значење за подобрување на емпатијата, комуникацијата на воспитно образовниот кадар како и на родителите.

Основна цел на овој проект е промовирање на квалитетно менталното здравје на деца од предучилишна и училишна возраст. Исто така, има инклузивна можност во однос на децата со попреченост како и нивна социјализација.

Од тој аспект, целиот проект вклучувајќи ја и публикацијата “Социо-емоционален развој на деца“ заедно со сите десет ресурси (голем дел од нив се иновативни) препорачани од страна на психолог, педагог, дефектолог, специјален едукатор, специјалист-офталмолог, доктор по спортска медицина се препорачливи и за деца до 11 годишна возраст кои се со лесна ментална попреченост.

Социјализацијата на оваа ранлива категорија на деца и зајакнување на свеста на родителите е особено важна за нивниот ран детски развој и образованието.

Верица Пандилоска Гичева – Претседател на ЕУ ИНСТИТУТ Скопје

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *