ЕУ ИНСТИТУТ Скопје и Општина Аеродром со проект во градинките

На 21 Јуни Општина Аеродром свечено ги објави и ги потпиша договорите со ГО кои во 2022 година ќе имплементираат проекти на територија на општина Аеродром.

На избраните грантисти им се обрати градоначалникот на Општина Аеродром, м-р Тимчо Муцунски кој го пренесе своето задоволство и поддршка на општината кон невладините организации добитници на грантови кои ќе работат во функција на граѓаните кои живеат во општината преку реализирање на проектни активности насочени кон позитивно влијание кон заедницата.

За првпат општината објави јавен повик на кој беа избрани десеттина невладини здруженија кои се регистрирани и функционираат на територија на општината и тоа во различни сектори и дејности. Им посакувам успех и поддршка во реализирање на проектите, изјави градоначалникот.

ЕУ ИНСТИТУТ Скопје 2022 година ќе реализира проект за деца од предучилишна возраст со финансиска поддршка на Општина Аеродром.

Изминатата 2021 година ЕУ ИНСТИТУТ Скопје со финансиска поддршка на општината, реализираше исклучително важен проект за млади на кој учествуваа 200 средношколци, студенти и младинци кои живеат и учат на територија на општината. Евалуацијата на проектот САМОДОВЕРБА, КОМУНИКАЦИЈА, МОТИВАЦИЈА и измерените резултати од истиот покажаа исклучително позитивни резултати на што сме особено горди како ЕУ ИНСТИТУТ Скопје.

Оваа 2022 година ЕУ ИНСТИТУТ Скопје повторно ќе работи на територија на Општина Аеродром на проект “Ментална хигиена за деца од предучилишна возраст“ кој ќе се имплементира во градинките на територија на општината.

2021 година ЕУ ИНСТИТУТ Скопје реализираше меморандум за соработка со Јавна установа за деца – Детска градинка “БУБА МАРА“ и Јавна установа за деца – Детска градинка “СРНИЧКА“ кои се наоѓаат на територија на Општина АЕРОДРОМ-Скопје, вклучувајќи ги и сите опфатени објекти.

“Социо-емоционален развој на деца од предучилишна возраст“

2022 година ја посветуваме на подобрување и зајакнување на комуникативни и менаџерски капацитети на образовниот кадар во градинките како и зајакнување на соработката со родителите.

Креиравме интерактивна програма за социо-емоционален развој на деца од предучилишна возраст и зајакнување на нивните капацитети за подобрување на менталното здравје. Изработивме и публикација која ќе помогне да се зајакнат капацитетите на воспитувачите, родителите, децата и тоа преку аналогни ресурси за работа со децата и во градинките, но и во удобноста на сопствениот дом.

Содржините се наменети за деца со квалитетно ментално здравје и се од предучилишна возраст, но важно е што целиот проект има инклузивна можност во однос на децата со попреченост како и нивна социјализација. Од тој аспект целиот материјал е препорачлив и за деца до 11 годишна возраст кои се со лесна ментална попреченост. Социјализацијата на оваа ранлива категорија е особено важна за нивниот ран детски развој и образованието. Во тој контекст материјалите од проектот можат да ги ползуваат и сите основни училишта на територија на општината кои работат со вакви деца.

Како организација, искрено веруваме во успешна понатамошна соработка со општината и сите инволвирани учесници во проектот.

Верица Пандилоска Гичева-претседател на ЕУ ИНСТИТУТ Скопје

На свеченото потпишување на договорите на избраните невладини организации се обрати раководителот на Сектор образование, Тане Димовски кој се заблагодари на ГО кои ќе помагаат во заедницата и тоа во делот на образование, спорт, заштита и спасување, брза асистенција за несакани дејствија по училиштата, јавни настани и др. Изјави дека голем дел од средствата на општината овој пат одат во одржување на зголемените ставки на одржување на општината.

Уште еднаш се заблагодарувам од името на градоначалникот, општината, секторот и од името на комисијата која одвои доста време да ги разгледа сите проекти (кои не беа малку) и да ги елаборира. Се надевам дека догодина повторно ќе се видиме со ист или поголем буџет и ќе ја задржиме оваа финансиска динамика за поддршка на здруженијата и фондации. Се надевам и дека ќе ја зголемиме, бидејќи гледајќи ве тука како претставници на ГО кои ќе придонесат во образовани, спорт, култура, ќе бидете потребни и идната година.

Тане Димовски- раководител на сектор образование, Општина Аеродром Скопје, РСМ

ЕУ ИНСТИТУТ Скопје за сите настани и активности отчетно ќе ги информира граѓаните на општината и целокупната јавност преку електронски и телевизиски медиуми.

Текстот е авторски! За споделување на содржината и објавување (во целост или парцијално) потребно е да побарате дозвола од авторот и да го наведете изворот!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *