Јога на столче за горниот дел од телото

категорија: Јога | 0

Дали го испивте утринското кафе и се спремате за вашите работни обврски? Веруваме дека добро ќе ви дојде раздвижување од 15тина минути со првиот час за јога на столче. Не е важно колку години имате бидејќи овие вежби може да ги направи секој од нас. Како поддршка во прилог на овој текст е и видеото кое Ана го подготви како поддршка. Доколку имате прашања можете да ни пишувате на блогот или во инбокс. Ги очекуваме вашите коментари.

Сплетот јога вежби на столче со фокус на горниот дел од телото е базиран на првата серија Паванмуктасана од Бихар школата за јога.

Столче и добра волја

Овие вежби овозможуваат нежна стимулација на зглобовите, растегнување и зајакнување на мускулите, постигнување на оптимален опсег на движењата на екстремитетите и рбетот, ослободување од телесна напнатост… Тие не побаруваат посебен простор, ниту пак помагала или опрема. Сѐ што е потребно е столче и добра волја.

Вежби за секое тело

Тоа се едноставни вежби погодни речиси за секого, за постари и лица со ограничени можности за движење, лица кои закрепнуваат од повреди, за луѓе кои и бездруго минуваат долго време зад работната маса или во затворен простор и на кои би им било од полза повремено благо раздвижување. Тие се и одлична подготвителна практика за оние кои сакаат понатаму да занимаваат со јога. Со овие вежби би можеле да ги направат првите чекори и да го подготват телото за посложена практика.

Општи насоки

Она што важи за секој вид вежби, важи и тука. Не е сѐ за секого, но има за секого по нешто. Работете внимателно и во рамките на вашите можности. Вежбите стануваат прогресивно потешки.Слушајте и почитувајте го вашето тело. Некои вежби можеби ќе бидат премногу лесни за вас, некои нема да можете да ги исполните. Но, немојте да се осудувате.

Вежбајте без брзање и нежно

Препораката е да ги вежбате во редоследот по кој се дадени. Колку можете, толку. Постепено и нежно, нема потреба од брзање. Доколку за прв пат правите одредена вежба која ви изгледа тешка, побарајте помош од член на семејството или пријател, понекогаш самото присуство е доволно охрабрувачко. Ако некоја вежба воопшто не можете да ја направите, создадете си ментална слика како ја изведувате вежбата. Без разлика колку чудно ви звучи, обидете се, од искуство можам да ви кажам дека дефинитивно има ефект. Користете помагала, перничиња, ремени, јога блокчиња и слично, секогаш кога ќе имате потреба од тоа.

Координација на дишењето и движењето

Особено е важно да внимавате на дишењето и да го координирате со движењето. Кога телото се шири – вдишуваме. Кога телото се собира – издишуваме. Концентрација и фокус на вниманието, длабоко и рамномерно дишење, свесно движење – сите овие компоненти ни се потребни за да ги почувствуваме позитивните ефекти на вежбите.







Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *