Од блиску со Ана Симоновска, нашиот нов соработник на тема Јога за физичка и ментална хигиена во услови на ковид криза

категорија: Интервјуа, Јога | 0

Ана ја запознав пред скоро две децении на еден скопски фестивал каде настапувавме и двете. Поинаква од другите кои во тоа време беа дел од македонската музичка сцена. Маркантна, уникатна со своите песни и боја на глас. Не се дружевме активно, но пред извесен период патиштата ни се споија и верувам дека не случајно. Таа успешно работи како повеќегодишен јога практикант и сертифициран јога учител. Мулти талентирана е бидејќи освен со музика и јога успешно се бави со фотографија и видео едиција. Изминативе неколку години имаше привилегија да патува низ цел свет и да ја изучува јогата во Индија, Хималаи, Италија, Амстердам и Русија. Преку нејзините совети и видеа во проектот Јога за физичка и ментална хигиена во услови на ковид криза, ќе ви помогне да креирате здрави животни навики.

Длабоко верувам во трансформативната и исцелителна моќ на јогата. Овој богат систем нуди за секого по нешто, без оглед на индивидуалните можности на практикантот. Се вели „секој може да практикува јога, 
само мрзеливиот не“. Тоа не значи дека секој може сѐ, туку дека за секого има нешто во јогата што би 
можело да му го подобри квалитетот на животот и да му помогне на патот на личната еволуција.

На почеток ќе ве замолам да објасните што е јога?

Постојат разновидни толкувања, меѓутоа една општоприфатена дефиниција е дека јога значи унија, поврзување со самиот себе, поврзување на умот, телото и духот. Таа претставува длабок, повеќеслоен, богат систем кој нуди алатки и техники за развој на сите аспекти на човековата личност, на физичко, интелектуално, духовно и емотивно ниво. Тоа е систем кој (доколку се практикува без егоизам) ни дозволува реализација на нашите највисоки потенцијали, без разлика „каде се наоѓаме” во дадениот момент и на кое од претходно наведените нивоа го гледаме нашиот развој. На пример, некој го наоѓа „патот кон себе” преку телото, преку разните форми и техники кои ги нуди системот на хата јога. На други пак поприроден им е медитативниот пат на раџа јогата… трети пак го следат патот на безусловна љубов и обожување — бакти… на кратко, за секое лонче има капаче, а секој кој бара, може и да најде нешто што ќе му одговара и помогне на патот кон самореализацијата.
Се вели, секој може да практикува јога, само мрзливиот не… тоа не значи дека секој може се, туку секој може да стори нешто што ќе го направи да биде подобра личност… Затоа е најдобро човек да си ги постави следните прашања? Каде го гледаш најголемиот потенцијал во себе? Што значи за тебе да се поврзеш со себе?

Како може јогата да му помогне на секој еден од нас?

„Редовната јога практика му помага на човекот да постигне оптимално телесно здравје и сила, да стекне 
контрола врз сетилата, да развие дисциплиниран, чист, јасен и смирен ум, интелект остар како сечиво, 
силна волја, срце полно со безусловна љубов и сочувство, кристално чисто его и живот исполнет со врвен, ненадминлив мир и радост.“

Зошто е важно еден човек да практикува ваков вид на физичка активност?

Како што веќе напоменав, физичките вежби, иако уживаат најголема популарност, се само дел од богатиот систем на јогата. Сепак, придобивките се огромни, дури и ако практикантот нема интерес за останатите аспекти. Со редовна практика телото се прочистува и зајакнува. Тоа неминовно влијае на нивото и протокот на енергија во телото, што пак позитивно влијае на тоа како се чувствуваме, како гледаме на самите себе и на светот, и на тоа како размислуваме.

Која беше клучната одлука за да се решите јогата да ви биде дел од
секојдневието? Зошто јога? Што ве привлече, која беше пресвртницата?

Пред некои 7-8 години видов фотографија од себе, целата подгрбавена. Благо шокирана си реков дека не сум подготвена да остарам и дека морам нешто да преземам. Кога почнав да се занимавам со јога, мојата главна мотивација беше да му помогнам на сопственото тело. Со текот на времето, ја постигнав таа цел, тоа стана силно и флексибилно надминувајќи ги сите мои очекувања. Но, набргу ми стана јасно дека физичките вежби, иако многу важни самите по себе, се сепак само еден мал дел од системот на јога. Постепено почнав да интегрирам и други елементи во мојата лична практика – вежби за дишење, техники за медитација и концентрација, прочистувачки техники… Кога се почувствував спремно отидов во Индија и ја минав својата прва обука за јога учители. До сега имам поминато 3 обуки во Индија, имам учествувано во низа работилници во Русија и Холандија, а имам поминато и неколку онлајн курсеви.

Како јогата стана примат во вашиот живот после музиката по која јавноста ве познава?

Музиката никогаш не ја напуштив. Сѐ уште со задоволство пеам и свирам дома. Престанав да снимам и да презентирам песни во јавноста. Јогата, од друга страна, ми откри делови од себе за кои не знаев дека се таму, па желбата да го споделам тоа стана силна. На кратко, можам да кажам дека музиката, јогата и фотографијата имаат горе долу подеднакво место во мојот живот. Разликата е во степенот на нивното експонирање во јавноста.

За крај на ова наше денешно интервју кое е вовед во он-лајн серијалот на тема Јога како физичка и ментална хигиена во услови на ковид криза погледнете го првото видео. Овој сплет вклучува вежби од првата Паванмуктасана серија од Бихар Јога школата, а има за цел раздвижување на зглобовите, нежно растегнување и зајакнување на мускулите во горниот и долниот дел од телото посебно, раздвижување на рбетот, подобрување на координацијата на движењата и рамнотежата. Се гледаме следната недела со ново видео и првата сесија јога вежби на столче.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *