Од блиску со Горан Десковски

категорија: Интервјуа | 0

Го запознав 1995 година на приватна забава во еден скопски ресторан, култен за вечерни дружења. Во тоа време сеуште бев дете кое започнуваше да настапува по ресторани, клубови и дискотеки. Не знаев дека е познат професионален македонски фотограф. При нашето запознавање впечаток ми остави неговата пристојност, култура и манири кои не беа честа појава кај лица кои беа медиски етаблирани. Тогаш ме фотографираше без да побарам, пријатно ме изненади и дури дваесет и шест години подоцна ме потсети кога ми ја даде првата фотографија која ми ја направи во време кога бев анонимна. За фотографијата како уметност и израз на еден професионален фотограф ќе разговараме од блиску со Горан Десковски. Тој е професионален фотограф кој својот живот комплетно го посвети на фотографијата како уметност. Ќе ми биде чест и задоволство денеска да поразговараме за него и неговата работна кариера. За неговата инспирација и креативен израз преку слика со нас денеска ќе ги сподели своите искуства.

Верица Пандилоска, МНТ, фото Горан Десковски од снимање на спотот “Цвеќе за извини“

Што беше пресудно да одлучите професионално да се бавите со фотографија?

Судено ми е! Со уметноста сум во контакт уште од својата најрана возраст и веројатно не може да биде поинаку. Уште дури бев дете на 6 годишна возраст имав допир со уметноста, конкретно балетот бидејќи мојата братучетка беше балерина. Ми ја всади љубовта кон класичната музика и балетот. Подоцна со текот на годините љубовта кон фотографијата, сликањето ми ја распламтија моите двајца чичковци кои беа уметници. Едниот од нив живееше и работеше во Париз, срцето на Европа кога е во прашање уметноста. Имав среќа и можност преку двајцата да научам навистина многу техники и правци кои подоцна ги користев во својата работа. Секако кога дојде време да се определам што понатаму, разбирливо беше дека мојата животна работна определба ќе биде фотографијата.

Како започна вашата развојна животна приказна?

Веројатно како и кај многу други …. се започна сосема спонтано. На почетокот имав некое скромно познавање од фотографијата. Секако тоа не беше доволно за професионално да се занимавам со неа па најпрвин, на почетоците фотографирав за своја душа. На моја голема среќа, во далечната 1986 година имав можност да заминам за Париз. Имав драг пријател Vincent Shemain кој се бави со фотографија таму. Ја виде и препозна мојата пасија кон фотографијата и ми понуди да учам и работам, во неговата агенција во Париз. За мене тоа беше извонредна можност. Така започна моето животно патување, навлегов во тајните на професионалната фотографија.

Имавте можност привилегија да се едуцирате во странство. Престижниот Париз беше вашата појдовна дестинација за едукација. Колку е важно да се има можност и едуцира?

Париз за мене беше пресврница во животот и тоа по многу нешта. Во градот на уметноста се комплетирав, надополнив како личност.

Париз секого очекува со раширени раце и како да го прашува каде беше до сега….

Душан Савковиќ роман ГОРИЛА

Целото мое знаење кое се однесува на фотографијата го добив во градот на светлината, гламурот. Во овој контекст би сакал да напоменам дека знаењето со кое што се стекнав во Париз, Франција е неспоредливо со едукацијата која ја имав кај нас. Тука би напоменал дека пристапот и методологијата на учење и работа е навистина многу поразлична од она кое сме научени да го имаме на нашите простори. Следно што би потенцирал е дека сите можности кои се на дофат и располагање, ги нуди Париз.

Во Македонија сте синоним за квалитетна фотографија. Соработувавте со најеминентни македонски и странски списанија како редовен фотограф. Раскажете ни со кои се списанија, весници, портали соработувавте низ годиниве?

Ви благодарам на комплиментот. Откако се вратив во Македонија почнав да работам во повеќе редакции на познати списанија , весници и неделници како што беа ТАА и КОМПЛЕТНА. Долги години работев за дневниот весник ВЕСТ кој што беше еден од најчитаните и тиражни весници. Работев и за повисоко буџетни списанија како што беа ВИП ГАЛА, ГЛАМУР, СВЕТ. Денеска работам за списанието ЗДРАВЈЕ И УБАВИНА каде што моите фотографии ги илустрираат голем дел од текстовите кои се објавуваат. Соработувам и со портали во земјава и странство. Кај нас скоро во сите портали има дел од моите фотографии како “Женски магазин“ , “Утрински“ и многу други. Надвор од земјава би кажал дека мои фотографии се објавуваа во престижниот Hellomagazin.rs како и во glossyespresso.co.rs.

Денес, кога се поретко има печатени неделни списанија, какви се вашите искуства од ваша гледна точка, недостасуваат ли?

Моето видување е дека весници, списанија навистина недостасуваат во печатена форма и тоа многу. Неспоредливо чувство е кога со првото утринско кафе го прелистувате омилениот дневен весник или неделен магазин. Ниту еден електронски медиум не може да го замени тоа чувство. Мирисот на свежо отпечатена боја и мирисот на хартијата е тоа што најмногу ми недостасува кога се работи за дневен весник. Секако тука е и трката по најнови вести кои треба да се илустрираат со фотографии.

На ЕУ ИНСТИТУТ Скопје сте редовен соработник, пријател на кој му ја дадовме довербата да ги овековечи низ годините сите за нас важни јавни дебати, конгреси, промоција на книги, мотивациски говорења, годишнини, работилници. На крај на 2020 година наменски изработивте серија фотографии за нашиот веб сајт на тема Скопје. Раскажете ни од ваша страна какво беше искуството?

Археолошки Музеј, Скопје

Кога ми ја доверивте задачата да направам за вас кастомизирани фотографии и тематски да го фотографирам Скопје, наменски за реконструкција на вашата веб страница пријатно се изненадив. Да кажам само дека тоа беше сосем на крајот на 2020 година. Временските прилики беа тие кои што беа, но и покрај ладното време и светлото кое што секој ден гледавме какво ќе биде според временските прилики, верувам дека направивме одлична екранизација на Скопје која транспарентно може да се види на главниот слајдер на веб страницата на ЕУ ИНСТИТУТ Скопје.

Промоција на книгата “Говорот на телото“

Соработката со ЕУ ИНСТИТУТ Скопје започна во име на скоро тридецениско пријателство кое трае лично со вас. Некако спонтано беше, можеби и очекувано. Се познаваме долги години. Вие најдобро ја познавате мојата работа и ми ја дадовте вашата доверба која и до ден денес само ја надоградуваме. Од мој аспект ќе кажам дека не ми беше воопшто тешко да одговорам на задачата да ги документирам сите семинари, промоции, конгреси и се што работевте ни годините, ми беше задоволство. Имено тоа е дел од мојата професија и материја која исклучително добро ја владеам и професионално обавувам. Секогаш се трудев да одговорам доследно на вашите потреби. Интересно нешто што би сакал да споделам со вашите ценети читатели е дека како што следеа темите на вашите обуки и семинари се повеќе бев заинтересиран за темите и со уживање ги следев предавањата. Тука веќе се спои работата со уживањето. Верувајте со нетрпение го чекав секој следен семинар, работилница или мотивациско говорење бидејќи навистина од темите кои што ги обработувате за граѓанскиот сектор има што да се научи.

Во 2020 година бевте избран и за најдобар фотограф во Македонија од страна на ЕУ ИНСТИТУТ Скопје. Предизвик, одговорност или обврска?

Оваа награда за фотограф на годината доделена од ЕУ ИНСТИТУТ Скопје ја примив со особена чест и задоволство. Во оваа прилика секако јавно би сакал да ви се заблагодарам. Ова е плод на повеќегодишна соработка и взаемна доверба. Би напоменал дека кога ќе се спојат работата и задоволството како уживање во истоимената работа тогаш резултатите се очигледни.

Колку промената на технологијата ја промовираше експанзијата на професионалната фотографија?

Со напредокот на технологијата многу работи за нас фотографите се поедноставија. Во минатото процесот на создавање на една фотографија изискуваше релативно повеќе време од денеска. Во минатото после секое снимање морав да трчам до лабораторија за да се развијат филмовите, а потоа како што следи процесот и да се направат фотографии. Истите да се скенираат и да се обработат, за да се објават. Во фотографијата, на сите материјалот им е потребен час поскоро, па секојдневно се брзаше за да се стигне навреме. Денеска е далеку се поедноставно. За кратко време по фотографирањето, фотографиите се спремни за објавување. Поедноставено е и нивното испраќање кон редакции или други лица и тоа без разлика дали се работи за печатено или електронско издание во земјава или странство.

МОБ Престава

Редовен соработник сте на МАНУ. Имавте можност 13 години да соработувате со Академикот Томе Серафимовски. Каква беше одговорноста и искуството да екранизирате девет книги на тема вајарство и скулптури?

Горан Десковски со Академик Томе Серафимовски

Ќе бидам искрен, кога се работи за таков доајен, одговорноста е огромна. Со Академик Томе Серафимовски имав прекрасна соработка полни 13 години. Верувам дека таа соработка ќе продолжеше и ден денес ако за жал не починеше. Го ценев пред се како уметник, професор, педагог, родител, човек кој знае што сака и што бара. Тој беше личност што го вреднуваше и почитуваше сопствениот труд но и тој на деловните соработници. Со Академик Томе Серафимовски не поврзуваа многу работи меѓу кои Париз и уметноста. Моето искуство со него беше прекрасно иако морам да признаам и да кажам дека на почетокот кога ја започнавме соработката, ми беше навистина тешко да фотографирам скулптури од причина што за првпат се сретнав со таа проблематика.

Авторско дело на Академик Томе Серафимовски

Има многу правила на кои мора строго да се внимава, да се слеат точки, позиција, светло. За првпат се соочив со мермер, бронза оникс, со светли и темни зони, вадење на детали и тоа се со цел да се добие успешна фотографија. Целта е постигната кога на еден скулптор ќе му се долови фотографијата токму онака како што тој го гледа своето дело од негова перспектива, со свои очи. На почетокот на нашата соработка имав голема помош од неговиот асистент Сокол кој несебично ми откри неколку тајни, корисни при фотографирањето на скулптури. Потоа со текот на годините и работата следеше фотографирање на целокупниот творечки опус на Академик Томе Серафимовски кој се издаде во публикација за потребата на издавачите. Одговорноста беше навистина голема. При подготовка на материјалот комплетната документација од фотографии беше потребно да се исчисти, среди и да се спреми цел опус за печатење. Како резултат на оваа соработка се 9те книги од кои ќе ги издвојам “Балканско Соѕвездие“, “Духовноста и преродбата“, “Портрети“, “Жената de profundis“ каде што јас сум комплетен автор на фотографија.

Авторско дело на Академик Томе Серафимовски

Соработувавте и со Хрватската и Српската академија на науки како автор на фотографии издадени во нивни книги. Раскажете ни нешто повеќе за ова искуство?

За ХАЗУ ( Хрватска Академија Знаности и Умјетности) која ја работеше монографијата на Академик Томе Серафимовски имав малку потешка задача. ХАЗУ како институција работеа со посовремена технологија па така и следствено на тоа самата фотографија мораше да биде на највисоко можно ниво. За нивните потреби, а и за да одговорам на задачата и одговорноста која што ми беше доделена (не беше воопшто едноставна) морав да купам и комплетно нова опрема за работа. Во текот на работата на прв проект, гостинки ни беа и двете директорки од Глиптотека Загреб. Ги прошетавме низ Македонија на една мини екскурзија, поточно во сите градови каде што беа поставени делата на Академик Серафимовски. Јас како овластен фотограф имав задача да ги фотографирам сите скулптури поставени во Скопје, Велес, Битола, Охрид, Маврово и Тетово. Гостите беа презадоволни и од виденото, но и од сработеното. Потоа следеше вообичаена постапка, средување на фотографиите и испраќање на печатење како финална фаза.

Авторско дело на Академик Томе Серафимовски

Соработував и со САНУ ( Српска Академија на Науки и Уметности ). Таму имав полесна задача. Повторно за потребите на Академик Серафимовски. Со оглед на тоа дека веќе имав опсежни готови материјали од делата, потребно беше само дополнително да се селектираат и да се фотографираат неколку нови скулптури. Резултат на оваа наша соработка се публикациите: “Скулптури и цртежи“, “Споменици и спомен обележја“. Во овие публикации сум автор на фотографија.

Од останати уметници со кои сум соработувал би ги издвоил Милош Коџоман и Драган Спасески-Охридски.

Авторско дело на Академик Томе Серафимовски

Ја сликавте Матка, Врело, Дојран но и многу други пејсажи и природни убавини.  Потребно ли е само предизвик или и созреаност и години за да се екранизира и пренесе природата во фотографија?

Горан Десковски со екипата на документарниот филм “Зародиш“

Секој правец во фотографијата е различен и претставува нов предизвик за мене. Матка за мене беше едно незаборавно искуство и доживување. Бев задолжен за фотографија и дел од екипата која го работеше документарниот филм за Матка со наслов “Зародиш“ во режија на Соња Р. Јовановска. Филмот го работевме цели девет месеци и беа опфатени сите пет елементи на Матка. На овие фото снимања ја почувствував енергијата на Матка за која што претходно имав само наслушнато дека постои. На еден посебен начин се чувствуваме избрани што на тоа место го работевме филмот.

Кањон Матка

Матка после Охрид представува второто најголемо светилиште во Македонија. Го обработивме комплетно кањонот како и трите пештери Врело, Крштална и Убавата. Ги фотографирав и сите манастири и цркви на тоа подрачје заедно со целата природна убавина која ја нуди самата Матка.

Пештера ВРЕЛО, Матка една од најдлабоките подводни пештери во свет

При оваа работа имавме несебична помош од алпинисти, спелеолози, кајакари, велосипедисти и други кои активно зедоа учество во реализација на овој проект.

Пештера УБАВАТА, Матка
При фотографирање на пејзажи многу е битно каква сторија сакаме да прикажеме и на што ставаме 
акцент. За таа потреба се избира период од денот, годишно време, се планираат дури и временските 
прилики. Некогаш се случува да имате сосема различни фотографии во различен период од денот на 
одредено место.  
Пештера УБАВАТА, Матка

Колку е поразлично да се сликаат уметнички дела во однос на луѓе?

Мароко

Дијаметрално различно е фотографирањето на уметнички дела во однос на луѓе. Сепак, секое фотографирање си има своја тежина. Као што и претходно веќе напоменав, фотографирањето и кај едните и другите се врши по строго одредени правила. Да речеме кај скулптурите се внимава на позицијата, аголот, осветленоста и материјалот од кој се изработени. При фотографирање на луѓе имам нормално сосем поинаков пристап, потребно е да се долови карактерот на личноста која ја фотографирам. Обрнувам посебно внимание на ликот, очите кои ги отсликуваат емоциите, фацијалната мускулатура и конструкција на лицето. Давам секогаш инструкции за изразување на емоција, насмевка и слично, со еден збор го контролирам секој момент за што поблиску да се прикаже не само како изгледа визуелно личноста туку многу подлабоко, каква е всушност таа личност.

Речиси да не паметиме јавни настани каде не сте биле задолжени за професионално фотографирање. Колку пандемијата ви го измени секојдневието кога се работи за фотографија. Се адаптиравте ли кон фотографирање други приоритети освен луѓе?

Пандемијата не изолира сите. Не зборувам тука само за себе и браншата од која сум дел. Ги замре сите јавни настани и случувања. Со самото тоа и нашата работа застана. Да се надеваме дека ова набрзо ќе заврши и полека дека ќе се вратиме во некоја нормала.

Неколку децении наназад речиси да нема концерт од домашни или странски изведувачи каде не сте задолжени за професионално фотографирање. Пасија или потреба?

Oumou Sangare концерт во Скопје

Повеќе би рекол дека се работи за пасија отколку потреба. Чувството да се биде во епицентарот на еуфоријата што се случува на концертите е неописиво. Многу емотивен набој, позитивна енергија, распеани и разиграни фанови кои во еден здив наизуст ги пеат стиховите на своите идоли…. Како официјален фотограф на PRAGMA MUSIC, BALKAN MEDIA, PLAN B, AWARDS ја имам таа ретка можност да сум секогаш во првите редови и одблиску да ги следам тие моменти на еуфорија.

Читателите ќе ги интересира кого се фотографиравте низ годините?

Долги години работев за магазинот Свет и за нивни потреби ја имам фотографирано целокупната македонска естрада како и голем број на глумци, политичари. Фотографирав и голем дел од пеачите и групи од бивша Југославија. Секако фотографирав и дел од плеадата пеачи од светската музичка сцена од кои што би ги издвоил: Carlos Santana, Joe Cocker, Billy Idol, Eros Ramazzoti, David Garret, Vanesa Mae, Sting, Lenny Kravitz, Pet Shop Boys, Diana Krall, Mariza, Bryan Adams….. и многу други.

Lenny Kravitz концерт во Скопје

Во последно време можеме да видиме дека фотографирате пејсажи, природа. Дали со текот на времето ги сменивте вашите приоритети на фотографирање?

Дојранско езеро, Македонија

Со оглед на пандемијата и тековните случувања со Ковид-19 криза се адаптирав да фотографирам и објавувам природа, пејзажи. Ова го работам првенствено за своја душа но и да си го задржам континуитетот и кондицијата додека не помине оваа криза. Сепак приоритет ми се луѓето и секако останувам на практикување на тој тип фотографија.

Западна Сахара

Колку е важно да се долови моментот. Дали тоа се вежба, тренира или сепак се работи интуиција и талент?

Joe Cocker концерт во Скопје

Во зависност од тоа каде и што фотографирате, моментот е доста важен фактор, но не и пресуден. Доколку центарот на случување на дејствието е да речеме спортски натпревар, концерт, воена состојба или слично каде има акција, во тој случај најважно е да се долови вистинскиот момент. Додека при фотографирање на пејзажи, природа или скулптури тој момент е неважен. Како и за повеќето работи во животот и за оваа потребно е континуирано учење, надоградување и тренинг па потоа секако искуство и икс факторот наречен интуиција кој си го прави своето, а тоа е дека знаеш во кој момент точно да реагираш и да го притиснеш копчето, да овековечиш.

Саша Ковачевиќ на концерт во Скопје

Според вас, колку изложбите се важни за креирање на едукација на населението на тема фотографија? Дали ги има во моментов доволно кај нас?

Горан Десковски на фото сесија во Венеција, Италија

За сите љубители на добра фотографија ќе речем дека изложбите се важен сегмент кој влијае на креација и едукација. Организирање на ваков вид на јавни настани е потребен на нашето општество од повеќе аспекти. Се дава можност да се видат и научат нови техники, нови видици, нови стории. Секој фотограф што организира изложба се труди на најдобар можен начин да го изнесе и прикаже внатрешното од себе. За жал кај нас чинам дека нема доволно организирани изложби на тема фотографија. Голем дел се должи на економската состојба на фотографите кои не се во можност да организираат вакви настани на кои ќе ја претстават својата работа на јавноста. Не секој фотограф има доволно финансиски и организациски способности да организира изложба, покани критичари, да најде спонзори кои тешко во моментов се наоѓаат.

Sting

Која е вашата најголема инспирација во животот?

Позитивната особина на фотографот е да гледа поинтензивно од други луѓе, да поседува чувствителност на дете кое првпат го здогледува светот, или патник кој влегува во непозната земја. Според тоа, најголемата инспирација ми е да пронајдам нешто интересно на обично мало место, нешто што зрачи позитивна енергија, топлина…

Carlos Santana

Која е вашата препорака за сите кои сакаат да за започнат да се бават со фотографија. Што ќе им препорачате како искусен професионалец во браншата?

Горан Десковски со Раде Шербеџија

Моја препорака до сите кои што сакаат да се занимаваат со фотографија е за почеток да купат апарат. Секој според можностите. Потоа да направат почетна едукација и да фотографираат буквално СЕ, се што за нив е вредно и инспиративно. Да створат рутина и искуство. Потоа е важно да седнат и да ги организираат своите сработени фотографии ( ова е значаен процес од работата) бидејќи на ваков начин ќе се пронајдат себе си во кој жанр на фотографија им лежи срцето и оттаму да тргнат и да го дадат својот максимум. Со текот на времето ќе согледаат дека фотографијата не е само фино отпечатено парче хартија од еден заробен момент туку претставува комплексен збир на посветеност, одвоено време, материјал, опрема, талент, чувства, а честопати и самиот СЕБЕ.

Од името на ЕУ ИНСТИТУТ Скопје ви благодариме што бевте дел од сите наши активности. Веруваме дека досегашната успешна соработка ќе биде мотивација за уште поплодна понатамошна соработка.

Сите ваши прашања или можеби коментари можете да ги испратите на нашата електронска пошта или во коментари.

Интервјуто е авторизирано. Забрането е да се копира и реобјавува во целост или во делови, без дозвола од ЕУ ИНСТИТУТ Скопје.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *