Од блиску со Милчо Јованоски

категорија: Интервјуа | 2

Го запознав пред 22 години во радио Охрид. Во тоа време кога ќе имав нов музички сингл секогаш одев во радиото да им однесам ЦД како носач на звук за да имаат да пуштаат на програма. Тој ме пречека како вистински домаќин. Кафе, сокче, насмевка и позитивна енергија. Се гледаше дека си ја сака работата како новинар и уредник на програма на тогашното Радио Охрид. Дури и веднаш ми направи интервју на незакажано, ме испочитува и покрај тоа што тогаш бев дете кое беше на прагот на својата кариера. Како што поминуваа годините и можностите за реализација на некои други теми освен музиката нашето пријателство го продолживме и во друга насока. Оттогаш наваму поминаа две и кусур децении, а ние во континуитет продолживме да соработуваме, што во денешно време е исклучително тешко. Нас не ни претставуваше тешкотија бидејќи пријателството не ни се засноваше на материјално – финансиски аспект, туку на пријателски се разбира со реципроцитет.

Милчо Јованоски е денеска успешен човек во својата професија, посветен сопруг и татко и важен дел од општествените случувања во Охрид. Сопственик е на порталот Публицитет мк кој е уважен и читан од целиот регион. Дел е и од НВО заедницата како еден од основачите на “За Трпејца со љубов“ здружението кое помага во развивање на културата и уметноста во руралниот дел на Охрид. На наша чест и задоволство, тој е  дел и од ЕУ ИНСТИТУТ Скопје, како редовен соработник и лектор.

Милчо Јовански со Снежана Липковска во радио Охрид

Како се роди љубовта кон вашата професија?

Од кога знам за себе, се сеќавам дека радиото и ТВ ме привлекувале премногу. Од дете, не е ова фраза, туку жива вистина. Бев зависник од разните музички и контактни емисии, вести, емисии не само од цртаните и куклените филмови за деца. Растев со згодите на Славка Чавка, на Диди и Дади од Изгубено па најдено… Научив многу рано на речиси 5 – 6 годишна возраст да читам и пишувам. Сакав пред дедо ми, баба ми, пред родителите да кажувам временска прогноза… Од мал сонував да сум спикер или новинар. Ги обожував Бранка Станкоска, Снежана Липковска, Иван Антонов, Миќа Орловиќ, Оливер Млакар, Хелга Влаховиќ и ред други водители и новинари кои како што растев влегуваа во мојот живот. Некаде во петто или шесто одделение кусо бев дел од детската радио драма на Радио Охрид. Бев на аудиција и ме примија меѓу многу деца од градов кои сонуваа да бидат дел од радиото. Претходно, понекогаш додека слушав на радио Охрид: Поздрави и честитки, Наш водич, Настани, Рекламно ехо, си замислував како изгледаат Леонора Чекреџи, Цветко Божиноски и Гоце Крстаноски, спикерите и техничарот од радиото. Години потоа станав нивни колега. Верувале или не, тие личеа исто така како што јас си ги замислував. Чудно нели?

Милчо Јованоски на денови на македонското радио, Отешево 1996 година

Имавте ли трема кога требаше да читате пред микрофонот?

Ооо, секако на почетокот. За среќа првите прилози се снимаа и можевме да враќаме. Иако дома ги знаев наизуст, таму грешев, ама не само јас туку и останатите деца. Подоцна кога влегов во Младинската редакција некаде во 1983 година, а пред тоа бев неколку пати гостин – пишував и читав поезија, беше поинаку. Пак трема, ама во живо ме пуштија да читам и водам емисија после неколку месеци. Мораше прво обука. А за тремата сега за јавен настап, ја имам само онаа почетната која значи одговорност и респект кон присутните. Водењето и пишувањето се професија, како и секоја друга. Само што не можете да избегате среде емисија или интервју и не можете да се скриете зад друг.

Милчо Јованоски на обука за DW, Сараево 2009 година

Што се случуваше потоа?

Па , од овој агол гледано, сѐ си одеше по некој логичен ред. Но не така едноставно како што сега го раскажувам. Имаше многу непроспани ноќи, многу откажувања од плажа, летувања и ќе кажам поради што! Завршив средно – гимназија. Се двоумев што да запишам дали новинарство и филолошки и го одбрав второто, послушав поискусни и повозрасни им благодарам за советот, не згрешив. Студиите ги поминав експресно за четири години и веќе во јуни 1988, станав дипломиран професор по македонски јазик и книжевност. Но, знаев дека тоа нема да го работам, цврсто бев решен да станам новинар и тоа во моето Радио Охрид и станав. Но никогаш не вели не. Дваесет и кусур години подоцна го искусив и професорскиот леб, предавав македонски една учебна година во Петта гимназија – Струга ( имам убави спомени) а патем ќе заборавев кога требаше да го полагам предметот Методика на настава, за на факултет, месец и пол по игра на случајот бев замена за моите драги, некогашни наставнички по македонски во моето ОУ „Христо Узунов“. Сега за откажувањата. Јас студирав и не прекинав со одењето и соработката со радиото. Така во Скопје запознав стотици колеги од тогашна РТС сега МТВ . Следев бројни настани во Скопје – фестивали, концерти и јавував секоја сабота во Младинската, преку телефонот на уредникот на Втората радио програма. Преку лето додека друштвото уживаше во плажирање, ретко бев со нив. Постојано го учев занаетот со многу љубов и откажување. За подадената рака и денес му благодарам на познатиот новинар, тогаш директор на радиото, Веле Митаноски, кој ја забележал мојата љубов кон радиото и ми даде шанса да влезам во дневната редакција на вести и прилози на почетокот од туризмот, види дали се чисти кејот и езерото, плажите, хотелите, цените на пазарот. Нормално тука се калев  и „крадев“ од занаетот од моите повозрасни колеги. Првите сериозни интервјуа – снимки ги направив со академскиот уметник Димитар Кондовски, актерот и режисер Коле Ангелоски, академик Милан Ѓурчинов, токму во Трпејца во родната куќа на татко ми. Скоро дваесет години од вечер во вечер го следев професионално Охридско лето. Немаше настан каде што не бев, особено на тие од културата кои и денес ми се најдраги. Наоѓав време за сѐ.  И на 1 ноември 1988 станав и официјално дел од тимот на Радио Охрид. Таму останав до крајот на април 2009 година, а од почетник новинар, многу брзо станав одговорен уредник на програмата на таа позиција бев речиси една деценија и цели 6 години директор на радиото. Убави времиња и спомени.

Милчо Јованоски во студио на DW, Келн

Долги години бевте новинар во радиото, дописник. Какви се вашите професионални животни искуства, соработувавте со еминентни но и со секојдневни личности на различни теми во информативната редакција на Радио Охрид?

Да, го преферирав радиото. Долги години ги заменував колегите дописници на МТВ од Охрид, (Сашо Нелоски и покојниот Јаким Каневче) и гледано од оваа перспектива, токму од таа дописничка школа и научив најмногу.  Работев и за Радио Белград две лета на прилози од култура. Скоро две децении бев активен дописник на Дојче веле од Охрид и Струга, повремено, а над 10 години сум дел од екипата на СБС радиото од Мелбурн и Сиднеј. Прво морам да признам со работата во Дојче веле ја научив железната германска дисциплина, иако колегите во редакцијата беа и се наши Македонци. Паметам долгогодишната уредничка Нада Штајнман ќе ми речеше: Кога ќе речеш дека прилогот ти е готов за да го преземеме биди точен, речи и десет минути подоцна, не е  проблем, ама терминот не го менувај (сфатив што сакаше да ми каже, да заборавам за балканското поимање на времето). Или кога ќе најавев, на пример три теми, кои од овде гледани беа која од која топ, од таму ќе ми речеа прави прилог за ова, понекогаш не можев да го разберам изборот. Сепак, имав шанса да го посетам DW, тогаш во Келн, и да почувствувам дека од тамошна перспектива случувањата од Охрид се само капка во морето од  актуелни вести. Соработката продолжи со уредникот Зоран Јордановски, а сега повремено трае и со Борис Георгиески. По заминувањето од радио Охрид кога една врата се затвори ми се отвори нова -случајно почнав соработка со австралиското државно радио SBS. И таму бев трпелив, иако зад себе имав богат новинарски багаж одново учев новинарство и правила кои се сосема други од ове европските и особено нашите. Можам да кажам дека не е лесно во девет или 10 минути да соберете 24 часа во Македонија и на нашинците да им пуштите една реална аудио слика на случувањата кај нас. Благодарение на отворената и безрезервна поддршка и искуството на уредничка Радица Бојковска, колегите Васе и Маргарита, мислам дека сум на висина на задачата што ми е дадена. Новинарството, ако го сфатите сериозно воопшто и не е лесна професија , иако од страна гледано понекогаш изгледа така. Две минути прилог и … Но, речиси секогаш зад тие две минути, за читателот, слушателот и гледачот се невидливите осум, десет или 12 часа потрага по информацијата „дремењето“ чекајќи епилог од некој настан и адреналинот да се биде прв и точен. Сум известувал од многу тешки ситуации но и настани кои ми причинувале, радост и ако не бев новинар тешко дека ќе стигнев да бидам дел од нив. Сега е друго време, мобилни и интернет, но пред дваесет години беше сѐ поинаку и потешко технички. Со часови би ви пишувал анегдоти ама нека остане за некој друг пат. 

Милчо Јованоски за Црвен Крст на град Охрид, РСМ

А околу контактите со соговорниците би кажал научив дека за да се стекне довербата кај луѓето кои се на позиција или сосема обични треба да ја заслужите. Никако со ласкање и додворување, туку со директен контакт, објективен пристап и конкретно прашање. Не го знам бројот на прилози кои сум ги одработил, но во секои сум ставил парче од мојата душа. Зад мене се часови и часови водење програми во живо од разни места и локации, интервјуа со стотици луѓе. Дел од нив ги имам во мојата аудио архива, а другите – заминаа со (в)етерот. Жалам само што немам фотографии, (да ми се драг спомен) тогаш ги немаше мобилните, а и ретко кој се фотографираше со намера.  

Милчо Јованоски прима награда “Св.Климетн Охридски“ , 8ми Декември 2007 година

Колку е важно, како и на кој начин новинарот ги спроведува информациите, бидејќи е важен чинител во креирање на јавно мислење?

По правило новинарот е должен да би пренесувач на информацијата, никако да се стави во улога на судија или коментатор. Да се разбереме. Се надевам моите колеги и јавноста ќе го прифатат мојот став или ќе го коментираат ама ќе го кажам: Никогаш и никаде во светот до крај и до коска што би се рекло не постои целосно слободно новинарство или како што го викаат објективно. Колку и како да пишувате и за кого од нечија перцепцијата ќе сте на погрешната страна од медалот. Но вистинскиот новинар треба да работи по етичкиот кодекс и правилата на новинарството и колку повеќе се труди  да биде нивен поборник толку ќе е објективен. Денеска, со чест на исклучоци, кај нас новинарството се сфаќа како бизнис, шоу и исполнување на нечии  интереси за кои новинарите немаат ни поим, туку работат по налог на уредниците а тие секако на газдите, а тие по она што ќе го дошепнат финансиерите и лоби групите. Новинарскиот леб секогаш бил тежок ама сега се чини најтежок.   

Сопственик сте на еден од ценетите и влијателни портали во регионот “Публицитет мк“. Колку граѓанскиот сектор следи он-лине информации за разлика од тв медиумте?

Повеќе од пет години го работам и веб порталот Публицитет.мк. Возбудата и адреналинот го има и во овој Проект би го нарекол (во кој влегов за да ми тече стаж и да имам приход) ама со потполна одговорност, иако човек не е ист и не сака да се троши, а и не смее во едни средни години во кои сега сум. Ми требаше долго време за да се одлучам да го отворам порталот, почнав и не се каам. Не трчаме по ексклузиви или шок вести, туку сме еден смирен Интернет весник. Тоа за среќа го препознаа и читателите. Најдраго ми е што токму граѓанскиот сектор бара да пишуваме за нивните активности, отворени сме за талентите, самостојните уметници и сите креативци. Мора да признаеме веб порталите некако во сенка ги ставија радиото , весниците и ТВ. Впрочем сега секој човек со секоја објава на социјалните мрежи е новинар – репортер, еден вид медиум. Сепак друго е кога инфото ќе излезе на релевантен медиум и ќе му се даде одредена тежина на нештото. Искрено уште на невладините им недостига таа медиумска култура, па испраќаат штури и непотполни информации кои во трка со времето стануваат неупотребливи.

Животот на една вест може да се спореди со животот на пеперутката – трае само еден ден.

На кој начин ги проверувате информациите кои сакате со вашиот тим да ги споделите на вашиот портал? Постои ли некаков филтер на информации?

Нормално. Ги проверуваме изворите на информации и реков не објавуваме вести што ќе кренат енормна читаност само поради многу допаѓања или наслов кој е бомбастичен а текстот празен. Секако дека постои филтер кој е воден од мислата: објавете час подоцна ама да не може никој да ве демантира.

Од неодамна сте дел од тимот на НУ Библиотека “Григор Прличев“. Нов предизвик?

Да, за некој месец, таму сум веќе три години. Чувството да се биде барем осум часа дневно надвор од пресинг новинарството е убаво. Моја задача како библиотекар се односите со јавност и маркетинг, работа блиска со новинарството. На почетокот ми беше чудно од човек кој бара одговори да се трансформирам во човек кој соопштува и пренесува одговори во име на раководството и Установата и се грижи за имиџот на Библиотеката. Благодарение на прекрасната соработка со колегите и поддршката и отвореното поле за работа од страна на директорката Гордана Змејковска, можам, ќе биде нескромно ама да се пофалам дека резултатите во креативна смисла се видливи. Среќен сум што коментарите на граѓаните се најчесто позитивни. Се пронајдов и во ова. Новинарството пак ми помогна.

Вљубеник сте во пишаниот збор. Што е битно за креирање на здрави животни навики во поглед на создавање навика за читање?

Навиката за се’ па и за читање треба да почне од мали нозе, уште од домот, градинката, училиштето. Човек е толку богат колку што има прочитано книги. Книгата е медиум кој се докажа дека ги надживеа сите технички чуда и еволуции и оттука ако сакаме писмени генерации мораме на сите нивоа да им ја всадиме љубовта кон читањето, ама и пишувањето. Нема сите да станат писатели и поети, но доволно е да знаат добро да се изразуваат и кога еден ден ќе бидат нешто друго во животот. 

Милчо Јованоски со средношколци во НУ Библиотека “Григор Прличев“ во Охрид

Во услови на пандемија луѓето сѐ повеќе остануваат во удобноста на сопствениот дом. Колку се зголеми читаноста во вашата библиотека во Охрид?

Пандемијата нѐ затвори сите во себе, предизвика би рекол страв од непознатото. Но од друга страна луѓето имаа време да се свртат кон себеси кон блиските. Библиотеката како и сите останати превентивно беше затворена од средината на март до почетокот на јули 2020. Книги не се издаваа, а се извршуваа само неопходните работи. Читателите преку нашиот веб и фб страница се интересираа кога ќе отвориме, кога ќе почнеме со зајмување книги? Одговорот не зависеше од нас. Но откако се вративме на работа првите две –три недели верувајте се создаваа редици за враќање и земање нови книги како што за жал навикнавме да ги гледаме пред банките и други витални институции. Тоа го покажа односот на луѓето кон книгите. Нас тоа не радува и се трудиме постојано да го збогатуваме фондот со нови книги и изданија за да сме во чекор со времето и актуелните наслови и домашни и светски автори. Анализите се прават, колегите од издавање велат дека и бројот на нови зачленувања расте, а и ние се осовременуваме со користење на Кобис системот кој има низа предности за читателите. 

„На зајдисонце“ во Трпејца е интердисциплинарна манифестација, годинава ќе славите 10 години. Минатата година имав чест и задоволство да имам свој солистички концерт на отворањето на фестивалот и морам да кажам дека навистина пријатно ме изненади заинтересираноста на младите и воопшто на заедницата. Верувам дека ќе се дружиме и оваа година?

https://www.facebook.com/verica.pandilovska/videos/10159365518609367

Здружението го формиравме седум луѓе по потекло од Трпејца или вљубеници во оваа прекрасна населба. И можам да речам од стартот имавме визија како ќе се развиваме. Концептот девет дена настани сврзани со децата, младите и возрасните, уметност, музика, малку алтернатива, спорт се покажа како успешен и привлечен. Сите ние имаме свои професии и обврски, ама ова некако ни е убав издувен вентил и среќни сме кога ќе имаме уште едно успешно културно – забавно лето кое го наоѓа сонцето на културната карта и понуда. Дел од настаните се интерактивни и во нив се вклучени и домаќините и туристите. Имаме помош од месната заедница, општината, министерството за култура и лани за првпат и од ЕУ за тебе. Навистина го правиме со љубов. Четврта година, во септември ќе ја организираме  Интернационалната уметничка колонија во Трпејца а издадовме брошура „Етнолошката ризница на Трпејца“. Постојано сме насочени и колку што е нашата моќ притискаме да се реши проблемот со изградба на пречистителна станица на отпадните води, изградба на паркинг простор. Тие што биле во Трпејца во лето знаат кои се проблемите.

Во 2019 година од страна на ЕУ ИНСТИТУТ Скопје бевте прогласен за најдобар новинар во својата област во РС Македонија. Мотивација, обврска, одговорност или задоволство?

Ако може да се рече три во едно. Пријатно бев изненаден од Вашиот избор и гест. Нема човек кому не му значат наградите или убав збор по успешно завршена работа. Зад себе имам и бројни награди од радио новинарството, во 2002 бев прогласен за Новинарско перо на годината од страна на Црвен крст на Македонија. Тоа беше резултат на мојот хуманитарен ангажман во Црвен крст – Охрид и пионерските чекори и иницијативи за издавање на гласилото Хуманост. Но оваа Ваша награда дојде во период кога полека им отстапувам простор на младите колеги и ентузијасти и навистина ме израдува.

Во 2020 година соработувавте со ЕУ ИНСТИТУТ Скопје на проектот КОМУНИКАЦИСКИ ВЕШТИНИ кој беше наменет за целна група средношколци, студенти, младинци. Преку статии на овие теми заеднички создадовме услови за зајакнување и поддршка на граѓанскиот сектор за развивање на комуникациска писменост на населението во регионот на Охрид и Битола. Вашето ценето мислење на оваа тема?

Ви честитам за упорноста и истрајноста и принципите кои ве водат кон успехот и патот кој им го трасирате на оние кои доаѓаат. Начинот на комуницирање е можеби нешто најважно во животот. Ако сакате да бидете успешен, треба да научите да комуницирате. Мора постојано да го збогатувате речникот и секогаш да имате својот став кон одредени нешта. Ве охрабрувам да не застанете во оваа насока полето за работа ви е широко.

Татко сте и сопруг. Колку семејството е важен фактор кој влијае на кариерата?

Како беше онаа:

ако имате кревет и дом, уште леб и некој кој што ве чека и му се радува на вашето присуство – тогаш вие сте богат човек.

Му благодарам на Бога што се остварив и на тој план. Пребогат сум. Семејството е тука и по секоја бура да ме заштити и да ми даде и поддршка и сила. Жена ми Гордана и ќерка ми Љубица ми се основниот двигател за се’ што правам во животот. Секако не смеам да ја заборавам и целосната поддршка од моите родители за кои и денес сѐ уште сум дете. Најсреќни сме кога сме тројцата заедно на некое патување и на кус одмор не мора далеку…

Знам дека сакате музика, уметност и креативност. Имате ли некое хоби?

Јас сум воркохолик, забележувате. Ме релаксира по некој убав филм, театарска претстава и често имам потреба да разменам мисли со пријателите ако сме гледале ист филм на пример. Како хоби можам да го сметам пишувањето текстови за забавни и народни песни, со кои повеќе локални пејачи настапуваа на фестивали. Најплодно тло најдов во песните за деца благодарение на нашиот охридски фестивал „Распеано рибарче“. Не ги бројам ама сигурно зад мене се над 30 песнички во кои ги опеав сите куќни љубимци на ќерка ми на пример. Да ќе заборавев сакам да играм јамб и не е важно дали победувам или губам. Важна е дружбата со пријателите и разменатата енергија. Но Ковидов некако ми го скрати и тоа задоволство.

Што добивте а што изгубивте во животот од работата во медиумите?

Убаво прашање. Добив многу. Бидејќи секогаш сѐ што сакам да работам, го работам со љубов. Тогаш ништо не е тешко. Оние кои ги гледав на ТВ актери, пејачи, режисери … искрено беа мои соговорници и не само тие и политичари и домашни и странски. Така ми се исполнуваа соништата. Ако ме прашате дали бев популарен? Да. Но тоа не ме направи ни малку арогантен и тогаш и пред тоа и сега сум тој истиот. И денес оние кои не ми го знаат презимето ме знаат како Милчо од радио Охрид. И тоа е комплимент. А што изгубив? Не знам. Можеби многу повеќе слободно време за безделничење, а на тоа не сум навикнат, за дружба со семејството бидејќи секојдневно „бркам“ термини, односно да завршам куп работа навреме. Со години поради природата на работата имав рани утрински смени, работа на празници, работа до рано наутро, водење ноќни програми, трка со времето и многу стрес во минатото,  сигурен сум дека тоа ќе ми се одрази на здравјето. Нека биде по стотата!

Ваш ценет совет за сите кои сакаат да се бават со новинарство?

Неблагодарно е човек да им дели совети на луѓе со кои само виртуелно ги познава или воопшто не. Еднаш се обидов, бев замолен да одвратам дете на мои блиски кои сакаше да е во медиумите ама бев матиран со контра прашање: Кога е тешко , зошто си сѐ уште новинар?  Новинарството е комплексна професија бара цел човек, многу одрекувања, борба со себе и со останатите. Мој совет е доколку сте се решиле да бидете новинар – трудете се да сте константни. Филозофијата не е во тоа да светнеш и да угаснеш , туку  да траеш.

Верица Ви благодарам за инспиративните прашања. Јас постојано правам интервјуа ми правеле и други колеги, но ова ќе признаам ќе ми е едно од најдрагите со оглед на дадениот простор и формата. Интервјуто е форма  во која јас најмногу уживам кога работам. За крај една моја модифицирана мисла која ја кажував на одјавите на ноќната програма:

Имајте добра ноќ ( убав ден ) и мислете на оној што ве сака!

За сите млади, средношколци, студенти и останати граѓани кои сакаат совети и одговори на прашања врзани со новинарството можете да пишете и Милчо Јовановски ќе ви одговори и ќе ве посоветува на оваа тема.

2 Responses

  1. Олга Вељановска

    Ова морало да биде mega интервју, за да се обфати и скенира целата професионална активност на г-н Милчо Јованоски, се радувам на секој негов успех, благодарна сум што имаме таков професионалец во нашата средина, благодарна сум што го познавам… ми било чест и задоволство што ми правел интервјуа во отворени емисии на Радио Охрид, тогаш како новинар, а јас дипл.социолог со општествена ангажираност…Му посакувам само здравје, а за успех… упорните успеваат за тоа говорат неговите активности…

Напиши одговор на Олга Вељановска Откажи одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *