Од блиску со Проф. Д-р Устијана Речкоска Шикоска

Денеска имам особена чест и задоволство со посебно внимание да ви ја претставам Проф. Д-р Устијана Речкоска-Шикоска. Таа е успешна жена во својата професија која посветено работи долги години. Декан е на Факултетот за Комјутерски Науки и Инжинерство (CSE)  при Универзитетот за Информатички Науки и Технологии “Св. Апостол Павле”-Охрид. Грижлива и посветена сопруга и мајка на две деца. Вљубеник во културата, уметноста, религијата, но пред се’ вљубеник во музиката.

Внимателна, позитивна жена со харизма и позитивна енергија беше мојот прв впечаток за неа при нашиот прв контакт. Ја запознав пред три години кога првпат соработувавме преку ЕУ ИНСТИТУТ. Ме пречека срдечно и организираше промоција на книга и предавање за студентите на тема “Говорот на телото” на англиски јазик во Универзитетот “Св. Апостол Павле” во Охрид.

Пред неколку дена не’ удостоивте со своето присуство на интернационалната конференција која ја организиравме и изработивте свој труд на тема “Big Data Analytics & Security in Smart City” кој го презентиравте.

Да, со големо задоволство ја прифатив Вашата покана за оваа интернационална конференција, со оглед на долгогодишната заедничка соработка, ми беше чест и предизвик. Зборував на тема “Big Data Analytics & Security in Smart City”  како глобален тренд во изнаоѓање паметни решенија со примена на информатичко-комуникациски технологии (ИКТ) во денешницата, кои секако ќе помогнат во секојдневниот живот на луѓето, особено во оваа пандемија во која за жал се наоѓаме.

Cyber Security, колку е ова атрактивно кај нас?  Дали се трудите младите да ги вмрежите и соработувате со други сродни универзитети глобално?

Секако, Cyber Security, Digital Forensics, Offensive Security се неизмерни извори на ИКТ предизвици за  истражувачка работа, но и за работа со моите драги студенти, со кои, покрај бројните информатички науки и технологии кои ги обработуваме и применуваме, работејќи на Алгоритми и податочни структури, Интернет програмирање, Cloud, Edge & Fog Computing, работиме со особен интерес и во овие области од безбедност на мрежи, како на прв, така и на втор циклус студии, соработуваме со повеќе сродни универзитети од САД, Канада, Англија, Австралија, Јапонија, Европски земји, како и од регионот. Веќе 9 години сум назначена за Координатор за Cyber Security во регионот (прв и единствен од овој тип во тоа време) за Универзитет во Вермонт, САД, што ми дава особен предизвик да продолжам посветено и со голем ентузијазам да работам со моите драги студенти и колеги и во двете земји, а и низ светот.

Со оглед на тоа дека сеуште сме во глобална пандемија, какви се’ предизвици во вашиот живот и работа ви донесе Ковид-19?

Ковид-19 пандемијата за жал го промени нашето секојдневие и секако има големо влијание во секојдневното живеење и работење на сите. Гледам да извлечам се’ што е можно позитивно од сето ова (секако зборот “позитивно” добива друга димензија сега и не често го користиме ), ги почитувам максимално мерките за претпазливост, јас како и целата моја фамилија, приватно и службено, наставата на Универзитетот се изведува комплетно онлајн цел овој период, за некои работи од административна природа поретко сме на Универзитетот, секако со мерки на заштита. Мене лично ме мотивира целата ситуација да направам нешто со моите истражувања како би помогнала во оваа светска ситуација во која се најдовме, а околу наставата и потребите на Универзитетот и студентите сум максимално посветена. Домашната атмосфера (бидејќи сите сме дома онлајн периодов) исто така има и свои предности – повеќе време заедно, што лично и ме радува, но секако да не беше поради причина пандемија.

Вие предавањата ги држите он-лајн, какви беа резултатите во севкупното работење со студентите во овие несекојдневни услови?

Комплетно наставата ја изведуваме онлајн, што и не е така чудно за нас, со оглед на тоа што имаме позитивни долгогодишни искуства, јас лично, но и како Универзитет – изведував Distance Learning или Учење на далечина со наши и студенти од САД уште 2010-2011 учебна година, со навистина одлични резултати и од двете страни. Денешните студенти наши се посветени, вредни, интелегентни и искрени, инжинерски ориентирани, млади кадри, со кои успешно изведуваме онлајн настава предавања, вежби, одбрани на дипломски, магистерски работи, полагања на колоквиуми, испити, истражувачки проекти, онлајн квизови, секако сме многу поангажирани и наставниот кадар и администрацијата, но мислам дека сме навистина успешна приказна и во овие услови, за што говорат наши бројни студенти кои со стекнатите дипломи, знаења, едуцирање, па и воспитување секако се многу успешни дома, но и во светски рамки, во реномирани светски универзитети и ИКТ компании, банки, итн.

Знам дека имате студенти од различни земји па како се вклопуваат според вас различните менталитети, култури, обичаи во однос на наставата која ја водите и изведувате? Кои се вашите досегашни искуства со различните студенти?

Навистина прекрасни искуства – студентите од целиот свет поминале низ нашите предавања, вежби, работа на проекти, одбрани на тези, па и публикување на истражувања – предизвикот е голем – ние сме една голема фамилија, каде секој го прифаќа и почитува другиот без разлика од каде доаѓа. Многу пати сум се наоѓала во улога на “мајка” да помогнам на студенти дури и во тешки ситуации, во отсуство на нивните родители, што сум го правела со голема одговорност и задоволство. Наставата е комплетно изведувана на англиски јазик, од навистина солиден наставен, а и административен кадар – модерни сме. Целиот тим на универзитетот е исклучително посветен, работиме со голем ентузијазам и желба да одиме напред, веќе дванаесет години, што не е период за занемарување, релативно млад и не така голем универзитет како што се вели понекогаш за нас – но секако единствен од ваков тип, не само во земјата, туку и во регионот, што навистина го прави доволно голем. Секако се развиваме понатаму и се трудиме за најдоброто.

Колку зачестија конференции, јавни дебати во текот на пандемијата и колку вие активно учествувате во нив?

Учествувам секогаш кога ќе се појави соодветна прилика за тоа, исклучително онлајн во овој период и од природа каде јас можам да дадам свој скромен придонес, најчесто со примена на ИКТ истражувања во медицината, кое е од голема потреба во овие услови.

Знам дека сте омилен професор кај студентите, но дали можеби ви е поголем предизвик да извршувате должност на декан или комбинација и од двете?

Мојата професија “учител” ми е најдрагото од се’, уживам во својата професија, ги сакам студентите искрено, со нивните целокупни знаења, карактерни особини, потреби и имам разбирање за нивните чувства и ставови на млади луѓе, веќе интелектуалци на свој начин – пред се’ треба да имаме педагошка компонента во нас како професори, па потоа и едукативна, со што успешно се постигнува целта да произведете прекрасни млади професионалци пофалени овде и насекаде – соработувам со сите мои минати и сегашни студенти, без разлика каде се наоѓаат во моментот и тоа ми дава желба за напред. Како Декан на Факултетот за компјутерски науки и инжинерство, а претходно и како Проректор за настава и меѓународна соработка при Универзитетот, работам посветено и пожртвувано со цел да одиме напред заедно со моите драги колеги, секако дека чувствувам задоволство со академските функции, но повторно поради потребата да помогнам на студентите – тие се мојот мотив и живот!

Битолчанка сте која живее и работи во Охрид. Битола или Охрид?

Да, Битолчанка, со цело срце, родена и растена во Битола – мојата прва и вечна љубов, во кругот на најсаканите, ама сепак вљубена во мојот Охрид, во кој живеам и работам, тука припаѓам, како никаде во светот.

Верник и вљубеник во религијата, дали тоа го наследивте од вашите родители?

Верата во БОГА е суштината на моето живеење. Да, родителите и целата моја фамилија сме верници, така сум воспитувана уште од раното детство, моите ценети мајка, татко и брат биле пример за вера, љубов, добрина, искреност. Мислам дека тоа да сум верник најповеќе го внесе во мене мојата ценета баба од Битола, која ненаметливо и скромно ме воодушевуваше постојано со нејзината вера во БОГА, добрина, посветеност, љубов и срце големо за сите што и всушност е суштината на секоја вера – да почитуваме, да имаме љубов несебична за сите, да простуваме, да не осудуваме, да сме скромни и трпеливи, да правиме секогаш добро, да веруваме, да се надеваме, да љубиме!

Верувам дека и вашите деца ги воспитувате во истиот дух?

Апсолутно да, ги сакам неизмерно и почитувам моите син и ќерка, тие се мојата најголема радост, мојот живот. Ги воспитуваме заедно со мојот ценет сопруг во тој дух, да изградат трајни вредности, кои ќе останат вгнездени длабоко во нивното “јас”.

Како успешна реализирана личност, ќе ве замолам накратко да ни ја споделите вашата мотивирачка приказна за тоа како се определивте за оваа професија?

Љубовта кон мојата професијата и желбата за истата мислам дека најдлабоко во мене ја вгради мојата ценета мајка, која исто така е универзитетски професор, а потоа и мојот ценет брат – гледајќи ги како се посветени на науката, истражувањата, студентите, наставата, колегите длабоко се вгради кај мене таа желба и после долг период моја работа во ИТ индустрија, менаџерски функции овде и низ светот, сепак се одлучив да преминам во академија и воопшто не жалам, уживам во секој момент од моето творење, а најголемиот мотив – моите прекрасни студенти!

Знам дека домашните дружења секогаш ги разубавувате со музика. Колку често свирите и пеете на вашето пијано?

Домашните дружења, семејните собири се навистина најзначаен дел од мојот живот – го љубам семејството, потесното со мојот сопруг и деца, како и поширокото мое и од сопругот, ние сме сите една Happy Family како јас ја викам – уживам во заедничките моменти, секако преполни со музика. Да, голем дел на моето пијано свирејќи заедно со брат ми, син ми и ќерка ми, пеејќи со снаа ми, сите пееме со љубов голема, често и дуети со мајка ми и татко ми. Свирам со љубов за сопругот, кој е љубител на убава музика. Да, музиката е огромен дел од нашиот живот. Се надеваме овој период да помине побрзо и повторно да се чести нашите дружења, кои сакале или не се редуцирани поради мерките за претпазливост во време на пандемија…

Класика, традиционална музика или можеби поп? Што е она што ви лежи на душа кога сакате да се опуштите во удобноста на сопствениот дом?

Smooth Jazz е мојата вечна љубов, да музицирам, но и слушам секогаш кога имам можност за тоа. Свирам со ќерка ми и слушам често класична музика, ме опушта. Се свири и пее македонска староградска музика кај нас со љубов, а секако и поп музика, хитови кои вечно добро звучат – вашиот вокал ме инспирира Верица. Неодамна почнав да се вљубувам во некои хип хоп нумери кои ги слушаат син ми и ќерка ми, највеќе во музиката на мојот ценет син, кој веќе има свои песни, уживам да го слушам, да засвирам и запеам со него, моменти на неизмерна среќа. Често свирам и пеам со моите внук и внука од брат ми – преслатки дечиња, неизмерно музикални, уживам со нив!

Дали сте љубител на вино, и ако да кое?

Љубител на вино да, мускатно вино, со нежен тон, мое омилено.

Како е да се живее со уште еден професор во домот како партнер? Збор два за сопругот…

Интересно, некако и логично. Се надополнуваме со сопругот – блиски и сродни научни области, но ангажманите како универзитетски професори се големи и на двајцата, така што имаме разбирање еден за друг, се надополнуваме и навистина верувам дека е важно партнерите да имаат ако не иста барем слична професија, сепак подобро ќе се разбираат и надополнуваат. Сопругот ми е мотив, голема поддршка и се’ што сум е едно цело, само со него!

Вашата порака за сите кои сакаат да го насочат својот живот во полето на науката?

Верувајте во себе, во она што го сакате – науката е неисцрпен извор на нови доживувања, следете ја својата цел, со љубов, труд и посветеност, искреност, не се откажувајте никогаш – успехот е неизбежен!

Какви насоки им давате на вашите деца во поглед на меѓучовечноста, животот, културата, религијата?

Нашите деца ги воспитуваме да ги сакаат и почитуваат подеднакво сите луѓе, да го даваат доброто од себе секогаш, да бидат благородни, искрени, да го сакаат животот, да се благодарни за се’ што имаат, често една насмевка е причина за најголема среќа! Да бидат културни, воспитани, да посетуваат културни настани, да учат, да читаат книги, да свират и пеат, да спортуваат! Вистински да ги почитуваат начелата на верата оти тоа ги води секогаш кон добро со сите луѓе – да прават добро за себе, фамилијата, пријателите, колегите и сите луѓе, па и непознатите, да простуваат, да почитуваат, да не осудуваат, да знаат да истраат и на злото колку што е можно да возвратат со добро – да бидат хуманисти, мирољубиви, срдечни и одмерени – среќата и успехот се неибежни! Мислам дека секој родител ги посакува овие нешта и се труди најдобро можно да ги воспитува своите деца. Конечно иднината е во нив!

Почитувана , Ви благодарам на исклучителната соработка, убава енергија и мотивација – секогаш со задоволство со Вас! До нашето следно видување Ви посакувам секое добро!

Интервјуто е автризирано. Забрането е да се копира и реобјавува во целост или во делови, без дозвола од ЕУ ИНСТИТУТ Скопје.

2 Responses

  1. Gordana petrovska Reckoska

    Bravo draga nasha Ustijana cestitki za ovoj nastap cestitki za se vo zivotot sto ni davash da uzivame!
    Tvoite vrednosti gi nosish so sebe gi predavas nesebicno so sto se gordeam!
    Blagodaram i na sorabotnicite tvoi i urednicite so koi ste go napravile ova intervju dobar uspeh i ponatamu i ja potvrdi na site polinja emancipiranosta na zenata!

  2. Dobri Mickovski

    Se gordeeme što e del od familijata. I čestitame ja sakame i ja počituvame. Pozdrav do nejziniot soprug i decata.

Напиши одговор на Gordana petrovska Reckoska Откажи одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *