Од блиску со Тања Турунџиева

категорија: Интервјуа | 1

Денес гостин во блогот е една навидум нежна плавуша која само така изгледа однадвор, оддалеку. Во суштина е од оние железни жени која цел живот се бори сама. Посветена на семејството и својата работа, до максимум. Се дава себе си секој ден за да спаси човечки живот. Сопруга и мајка на три деца, лидер во својата професија. Сака добра музика, поезија, свири пијано и ужива во прошетка со своето куче. Тоа е Тања Турунџиева. Нутриционист со 21 годишна кариера во земјава и странство. На взаемно задоволство сме повеќе од дведецениски пријателки. Може да не се видиме и неколку месеци но секој следен пат чувството е исто, можеме се да си кажеме. Ваквите пријателства се бесценети и ретки. Таа е редовен соработник во ЕУ ИНСТИТУТ Скопје кога се работи за нутриционизам. Денес од блиску ќе ми биде чест и задоволство да поразговараме со неа за нејзината работа и живот.

Во регионот сте препознатлива како една од малкуте основоположници на нутриционизмот во Македонија. Нашите ценети читатели ќе ги интересира како започна оваа ваша мисија во животот, како започна вашето патување во светот на нутриционизмот?

По завршувањето на студиите, мислев дека мојата идна професија ќе биде белиот мантил и лабораторијата, се надевав дека ќе завршам во научни-истражувачки дејности. Но, за жал во 1996 година на мојот постар син му се случи специфично заболување, кое ме наведе да навлезам во сосема различна сфера од онаа која што ми беше планирана во животот. Само маката може да натера човек да навлезе во некоја сфера што дотогаш била мистична за него. Иницијална каписла за да навлезам во светот на здравата исхрана ми беше подарената книга која што упатуваше во магичните светови на лековитоста на храната. Факт е дека во далечната 2001 година, беше отворен прв диетален клуб, не само во Македонија туку и во Западно Источна Европа. Од тогаш па навака мојата професија се нарекува нутриционизам. Во ниеден момент не се покајав што токму овој пат го одбрав да го следам. Сметам дека нутриционизмот ќе стане една од видните професии и најбарани во светот.

Се едуциравте во Германија. Редовно одите на доусовршувања и слично. Кои се разликите во култура на исхраната за разлика од Македонија?

Моето едуцирање и усовршување е секој ден и секој миг. Германија ми беше мое животно училиште. Ако некој сака да биде успешен во својата професија, сметам дека треба константно да се едуцира и доусовршува. Можете да завршите студии, можете да магистрирате и докторирате, ама доколку не продолжите со едукација, пратење на трендови, тогаш ќе останете на нивото стекнато само на вашите основни студии. Специфичните професии кои побаруваат константно пратење на промените на трендовите во светот, бараат секојдневна и постојана едукација и пратење на светските трендови. Секојдневно во светот во областа на нутриционизмот, толку многу се менуваат работите од час на час, особено по настанување на пандемијата, така што ако само еден ден пропуштите да прочитате или осознаете нешто, нема да бидете во можност да промените нешто во исхраната на некому, кој има потреба токму од таква промена. Во софистицираниот западен свет, уште многу одамна се правеле најразлични испитувања во однос на исхраната и како сето тоа се одразува врз подобрување на здравјето на луѓето. Многу ми е драго што во последно време, кај нас во Македонија е пробудена свеста и совеста кај многу луѓе. Можеби требаше да се случи пандемијава, па да едноставно почнат посовесно и поодговорно да се грижат за своето здравје. Очигледно и конечно дојде мојата фамозна реченица која години уназад ја говорев, дека здравјето се чува секој ден, а не кога ќе се изгуби.

Во многу приватни болници бевте долги години консултант-нутриционист кој се грижеше за сите болни. Каква беше одговорноста и искуството?

Токму така. Од почеток па до ден денес, соработувам со многу приватни болници и приватни ординации. Во принцип, работам како тимски играч и несебично го споделувам своето знаење, совети и искуства со моите колеги. Не се срамам да кажам дека нешто не знам, а гледам во секој момент да научам нешто ново од специјалисти во својата област, како би можела уште подобро да приготвам здрав и правилен режим на исхрана. Тимската работа е навистина многу важна и таа вродува со плод за здравјето на човекот. За да се постигне саканиот ефект кон подобрување на здравјето, важна улога игра и храната која човекот ја конзумира при одредено заболување. Често знам да се посоветувам и со стручни, врвни професионалци и надвор од нашите граници. Секое едно искуство и едукација која ќе се научи секојдневно е големо богатство. Независно дали работам индивидуално или во тим, одговорноста е секојдневна и секогаш иста кон сите пациенти. Посветеноста, одговорноста, истрајноста и желбата за триумф кон подобро здравје, треба да е секој миг.

Во 2019 бевте избрана за најдобар нутриционист во РСМ од страна на ЕУ ИНСТИТУТ Скопје. Одговорност, задоволство или обврска да соработувате со невладин сектор кој сака да го подигне нивото на едукација на население кога е во поглед нутриционизмот?

Посебна чест и задоволство ми беше наградата која ја добив од страна на ЕУ ИНСТИТУТ Скопје. Таа ми е една од најдрагите награди кој што сум ги добила, а ги има многу. Посебно задоволство ми беше преку едукативните, реторичките и образовните работилници, допиравме до будење на свеста и одговорноста кон здравјето. Едуциравме најразлични популации. На секоја покана од страна на институтот чуствував посебна чест, затоа што е една од врвните институции која што навистина се залага за подигнување на свеста кај народот. Таа функционира не само на овие простори туку и во неколку светски земји надвор од Македонија.

Како ценет соработник на ЕУ ИНСТИТУТ Скопје во 2018 бевте предавач на работилници за храна и емпатија, во 2019 со вашата животна приказна бевте гостин мотиватор на семинарот за САМОДОВЕРБА, потоа промотор на книгата ГОВОРОТ НА ТЕЛОТО, во 2020 дадовте и неколку ваши совети во прирачникот кој го креираше институтот на тема МЕНТАЛНА ХИГИЕНА ВО УСЛОВИ НА КОВИД-19 И ГЛОБАЛНА ПАНДЕМИЈА. Колку е важно да ја подигнеме свесноста на населението на тема здрава и правилна исхрана?

За сите овие години на мојот работен век како нутриционист, многу внимавав во секојдневното едуцирање на народот. Дали тоа беше преку пишан медиум, телевизија, отворени работилниции, едукации по градинки и училишта или било какви институции, максимално се давав себеси за да го пренесам сопственото искуство и на некого да му ги променам секојдневните навики во исхраната со цел да се храни поздраво, а со тоа и подобро здравје. Најинтересни ми беа децата од градинките со своите погледи кон храната. Тие ме одушевуваа со тоа што за секоја храна си имаа своја приказна. Бев изненадена кај повозрасната популација, која со голем интерес ги менуваше секојдневните навики за подобро здравје.

Научно и медицински е докажано дека неправилната и нездрава исхрана е главна причина за сите хронични заболувања, а дека главниот чинител на ваквата неправилна и нездрава исхрана е неправилната подготовка на храна. Дадете стручен осврт на оваа тема, каква е состојбата кај нас?

Секогаш знам да кажам: како ќе се храниш така ќе изгледаш и така ќе се чуствуваш. Сиве овие години се трудев да сменам некој секојдневни навики кај нашата популација, во интерес на нивното здравје. Храната може да биде наш лек или наш непријател. За жал, кај некој треба да го наруши сопственото здравје па да почне да се храни здраво. Здравјето се чува секој ден со здрава и правилна исхрана. Некој може и најздраво да се храни, но дискутабилно да биде колку е тоа правилно. Некој може да употребува и најздрави нутритиви сметајќи дека се тие добри за неговото здравје, а всушност да бидат контраиндикација по неговото здравје. Секогаш сметам дека индивидуалниот пристап кон храната е вистинската формула за здрав живот. Прво треба да знаеме што носиме во себе, какво е нашето здравје, каква храна ни одговара, а потоа да направиме правилна промена на секојдневната исхрана. Здравјето се чува секој ден а не кога ќе се наруши. Да не заборавиме дека покрај здравата и правилна исхрана, потребна е и физичка активност и здрав ментален склоп.

“Нека храната твоја биде лек твој, нека лекот твој биде храна твоја“.

Хипократ, грчки научник и татко на медицината (460BC-370ПНЕ)

Денес после 2500 години знаеме дека квалитетот и должината на животот зависат пред се од неправилната и нездрава исхрана. Дали денес во овој современ живот на сите нас ни е потребно, повеќе од било кога таа мисија на здравје?

Со денешното темпо на живеење едноставно забораваме дека храната е столб на нашето здравје. Честопати од преголеми обрвски се заборава да се јаде, се прескокнуваат оброци, се внесуваат оброци со неквалитетни нутритиви, не мислејќи дека тоа го ремети нашето здравје и ја тревожи секоја наша клетка. Пандемијата покажа дека со добар имунитет, здрави навики, физичка активност, позитивна мисла може да се чува здравјето. Задолжително треба да имаме три квалитетни оброка дневно, кој ќе го чуваат нашето здравје. Добро избалансираната и правилна здрава исхрана е столб на здравјето.

Колку како држава сме свесни за обезитетот и гојазноста кај нас?

Дебелината е глобален проблем не само кај нас него и на светско ниво. Се повеќе, особено во пандемијава стана реален проблем. Многу е важно да навремено кога ќе почнеме да ги зголемуваме килограмите, поведеме сметка дека треба да ги намалиме. Сметам дека свесноста на народот во Македонија е на прилично ниско ниво и затоа поголем е процентот на луѓе кои потешко поминуваат со вирусот за разлика од северно западните европски земји. Но, како што напоменав и предходно се повеќе и повеќе се крева свесноста на нашиот народ во врска со здравата исхрана. Мислам дека народот веќе почнува да ја гледа здравата исхрана како лек и штит од вирусот кој што владее денеска во светот. На почетокот на пандемија се купуваше бело брашно, макарони и конзерви, но сега се повеќе се пазарува свежо овошје и зелечук. Тоа посебно ме радува. Исто така се радувам за тоа што млада популација се повеќе и повеќе почнува да го практикува здравиот начин на живот и исхрана. Со повеќе едукација и образување кон храната можат да се постигнат сакани ефекти и резултати.

Научно и медицински е докажано дека неправилната и нездрава исхрана е главна причина за сите хронични заболувања, пред се на гојазноста 60%, дијабетесот 15%, хипертензијата 75% и срцевите заболувања 40%, кацерот 62%. Генерално сите овие предизвикуваат 70% од смртните случаи на пример во САД и 60% во целиот свет.

статистика на СЗО

Дали имате сознанија колкава е бројката во Македонија да речеме според истражувањата на Институтот за Јавно здравје? Каква е реалната слика кај нас на оваа тема?

Реално немам сознанија како стоиме статистички во тој поглед. Но, со оглед на секојдневната работа мислам дека ситуацијата е сериозна. Можеби оваа пандемија ќе го потикне народот повеќе да внимава на својата исхрана и на својот тежина, а со тоа ќе подобри своето здравје. Сметам дека без разлика дали сме здрави или болни, секојдневно треба да си го чуваме своето здравје со здрав и правилен начин на исхраната. Од лошата исхрана и да немаме заболувања, со текот на времето ќе се здобиеме.

Гојазноста, глобална пандемија која предизвикува респираторни проблеми, болки во колената, зглобовите, рбетот, неподвижност, тешки психички заболувања, остеоартритис, неплодност, заболувања на црниот дроб, дијабетес, атеросклероза, хипертензија, срцеви заболувања, инфаркт, мозочен удар и канцер. Се пресметува во светот дека до 2025 ќе има 3,6 милијарди гојазни луѓе. Во последните 30 години е двоен бројот на гојазни деца.

СЗО

Ќе ни ги споделите ли вашите искуства кога се во прашање децата?

Како што напоменав и претходно, дебелината повлекува заболувања од секаков вид. Сметам дека децата треба да се учат на здрави навики уште од мали нозе. Обично родителите се тие кои што треба да внимаваат на исхраната на децата. Тие одлучуваат каква перцепција ќе имаат децата кон храната. Ако од мали нозе се научат што е здраво, а што не, тогаш со сигурност и понатака во животот ќе имаат добра база за добро здравје. Ниту еден оброк не треба да се замени со некоја токсицирачка храна, која не само што ќе влијае негативно на здравјето на детето туку ќе влијае и негативно на неговата тежина. Ниту едно дебело дете не може да биде здраво дете. Тоа повлекува нарушување на здравје, физички фрустрации и емотивна несигурност. Мој совет е секојдневно да се внесува по некој нов здрав нутритив уште од најмала возраст. Со тоа самите деца уште од мали години ќе им се вроди таа навика на здрав начин на исхрана. Доколку некое дете има проблем со вишок на килограми, проблемот да се решава веднаш и одма, во консултација со стручно лице.

Канцерот, чума на овој век немилосрдно го нападна населението на оваа планета, земја. Како разурнувачка болест ги напаѓа сите без разлика на возраст, пол, вера, религија. Истражувањата велат дека причина за сите канцерогени заболувања ( 62%) и речиси ( 100% ) карцином на дебело црево се предизвикани од неправилна и незрава исхрана.

СЗО

Каква е состојбата на канцер во Македонија?

Според мене состојбата во Македонија во поглед на карциноми е алармантна. Точно е дека не бира ни години, ни пол, ни вера, ни религија. Едноставно хара, без пардон. За жал, нема правила кој се ќе заболи со оваа лоша болест. Самото сознавање дека некој е заболен од карцином, кај нас како да е осуден на предвремена смрт. Но тоа не е така одговорно го тврдам. Има многу луѓе кои успеале да ја победат оваа лоша болест. Со помош на тимска работа и правилен пристап кон лекување како и поддршка од семејството. Се се победува и се е можно. Никому не треба да му судиме кој колку ќе живее со карцином. Треба да преземеме се за да на крај излеземе како победник на болеста. Барем тоа во мојата пракса се случувало многу пати. Се се може кога се сака и треба. И невозможното станува возможно.

Едукација на нас како нација ни недостасува на многу полиња, но како да ја подобриме свесноста на населението за фактот дека сите болести доаѓаат преку уста? Вие како релевантно лице во областа каков предлог би дале на оваа тема?

Кратко и јасно. Хранете се здраво секој ден, затоа што здравјето доаѓа преку устата. Направете промена веднаш, сега и одма, а не од 1ви, од понеделник или од среда како среќен ден. Направете го како индивидуален пристап и нахранете го вашиот организам со адекватно потребни хранливи продукти. Само со посветено време и труд кон здравата и правилна исхрана можеме да дојдеме до подобро здравје и посилен имунитет.

Вашиот центар за нутриционизам важеше како тренинг центар за сите кои сакаа да се бават со оваа професија. Имавте безброј практиканти на кои им бевте ментор, а кои денеска имаат веќе свои работни позиции во одредени медицински установи, а дел од нив и сами имаат свои канцеларии. Создадовте кадар кога е во прашање нутриционизмот. Познавајќи ве, знам дека секогаш сакате да го поделите вашето знаење, нели?

Да токму така. Несебично сакам да го споделам своето искуство и знаење, кон секој кој сака да се занимава и работи како нутриционист. Секогаш праксата е таа која повеќе може да не научи отколку пишаниот учебник. Во праксата секоја индивидуа ќе се сретне со најразлични случаеви кој што во пишаниот учебник дури не се ни запишани. Затоа покрај образование и едукација потребна е и пракса. Индивидуалниот пристап за подготовка на режим на исхрана без разлика за каков организам станува збор, вродува со плод кон подобро здравје. Посветеноста кон индивидуата за решавање на одреден проблем кон исхраната е нешто што со истрајност и упорност прави вистински чуда. Секогаш кој што се обратил кај мене за едукација бил несебично прифатен. Тоа го правам со години и планирам да продолжам да го правам.

Нутриционизмот во Македонија е моментален тренд или суштинска потреба? Некако на секој чекор се појавија вакви советници.

Нутриционизмот не е тренд само во Македонија туку и во светот. Се повеќе се отвараат портите на здравата исхрана и сметам дека допрва доаѓа времето на нутриционизмот. Секако на крај на денот најважно е здравјето на луѓето. Тоа што се појавуваат нови советници само значи дека интересот кај народот во нашата држава расте, што секогаш е добра работа. Изборот треба секој да го направи сам. Доколку новите нутриционисти навистина се грижат за здравјето на своите пациенти, тогаш јас сум повеќе од среќна.

После 20 години работа и градење на бренд, во 2021 година создадовте нов бренд ТАГАМА. Како ваша блиска пријателка знам дека долги години го крчкавте во вашата кујна. Па еве за читателите претставете ја “ТАГАМА“.

ТАГАМА е нов бренд кој неодамна беше лансиран не само во Македонија туку и на глобално светско ниво. Мојата идеја позади овој бренд е да допрам и помогнам на што повеќе луѓе ширум светот. Со тоа можам да го пренесам моето знаење и помогнам на луѓето од различни земји, континенти… Се гордеам со новиот бренд, а тие што добро ме познаваат знаат дека ќе следат нови иновативни начини кој што ќе направат значителни промени на светско ниво. Тоа и ми беше целта после 21 година работно искуство во нутриционизмот. Но, да оставиме времето да го покаже и докаже сето тоа.

Уживате да готвите, супер домакинка сте, проверено и пробано. Како постигнувате да ги ускладите семејните обврски како жена, мајка со професионалниот деловен живот? Која е вашата движечка сила?

Работниот ден ми минува како “ураган”. Започнувам во моментот со онлајн работа од 10 часот, а завршувам скоро во 2 часот наутро. Максимално се посветувам на се она што го работам, како во приватниот така и во деловниот живот. Преку здравата исхрана ја црпам секојдневната енергија. Најголемото мое богатство се моите три деца, Ѓорѓи, Александар и Андона Марија. Тие се мојата движечка сила, мојата енергија, мојот живот, моето се. Иако сите тројца се тотално различни, секогаш се едно цело. Постарите синови веќе не се во Македонија и ги тераат своите успешни кариери. Навистина сум горда на нив. Во моментот тие се мојата најголема поддршка за постигнување на успеси со новиот бренд ТАГАМА. Андона Марија е веќе тинејџерка која во последно време се повеќе се интересира за нутриционизмот. Во животот немав амбиции некое од моите деца да ме наследи во мојата професија, но можеби тоа ќе се промени.

Сметам сепак здравата храна е добра база за добар имунитет. Секојдневно да се чува здравјето со создавање здрави навики кон храната и физичка активност. Помалку стрес и повеќе позитивна мисла.

Сакате добра музика, книги, природа. Колку е важно еден човек да си посвети време за себе?

Секој од нас треба да има време за себе. Пред пандемијата сакав да патувам многу. Да осознавам нови светови, нови култури, да патувам на егзотични и интересни места. Секогаш покрај стручната литература сум читала и некоја интересна книга без разлика на жанр. За мене најголема движечка сила е љубовта и не би можела да функционирам без неа. Тој што љуби значи дека постои. Нема дефиниција за љубовта, таа нема рамки и не може да се дефинира. Секој од нас си има своја дефиниција за љубовта и си ја тера онака како што знае и умее. Љубовта се дава секому без обврска дека треба да биде возвратена. Има само различни форми на љубов. Љубов кон децата, љубов кон саканата личност, љубов кон работата, љубов кон пријателите, љубов кон животните, љубов кон убавите нешта кои не прават среќни… Секогаш тоа што сум го наумила го правам. Во животот сум ризикувала многу, а сум постигнала доволно. Живеам со 100 на час во свој свет, исполнет со многу пријатели и убави нешта. Се радувам на секое добро, секој постигнат успех, се радувам на секоја среќа… Секој што е здрав и среќен ме прави среќна.

Што ќе им препорачате на сите оние кои сакаат да се бават со оваа професија?

Најнапред секој треба да ја сака својата професија. Така што човек кој што сака да се занимава со нутриционизам, треба да исто така да го сака нутриционизмот и да го шири своето знаење секојдневно. Потребно е многу љубов и посветеност. Секој кој ќе се бави со оваа гранка, треба да создаде огромно знаење поддржано од најразлични научни трудови или книги со цел да може да направи паметна одлука кога станува збор за здравјето на една индивидуа. Ако ја работите работата со љубов, тогаш успесите се загарантирани, не само за нутриционизмот, туку за било која друга професија. За се треба посветеност, максимална едукација и одговорност.

За сите оние кои сакаат да се информираат или да постават прашања на тема нутриционизам можете да пишете на нашата контакт адреса.

Интервјуто е авторизирано. Забрането е да се копира и реобјавува во целост или во делови, без дозвола од ЕУ ИНСТИТУТ Скопје.

  1. Виолета Дракулевска

    Прекрасен текст.Чиста вистина за вистински професионалец кој е експерт во областа и кој одговорно се грижи за здравјето на своите клиенти .Делата се тие кои го потврдуваат вистинскиот и квалитетен приод на почитуваната и на наша среќа,нашата нутриционистка за начинот на исхрана, предусловот за квалитетно здравје што е гаранција за среќен и спокоен живот.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *