Во чест на 33 години независност, во Амбасадата на Република Северна Македонија во Ден Хаг се одржа свечен прием, кој традиционално ги собра македонците од дијаспората во Холандија. Нејзината Екселенција, амбасадорката Бети Јачева, во својот говор ги истакна значењето на 8-ми Септември и посебната важност на овој ден за сите македонци, каде и да се наоѓаат.
Покрај значајната македонска заедница, на приемот присуствуваа и истакнати професионалци од различни индустрии, како и претставници на институции меѓу кои и ЕУ ИНСТИТУТ Скопје , кои традиционално се дел од настанот и неговото одбележување.
ЕУ ИНСТИТУТ Скопје, посветен на промоција на вредностите на едукација, истражување и интеркултурен дијалог, продолжува да работи на зацврстување на меѓуетничката толеранција, одржувањето на националниот идентитет и градењето на подобра иднина за сите македонски граѓани.

Амбасадорката Јачева, во својот инспиративен говор, нè потсети на долгогодишната борба за независност и значењето на суверенитетот и националниот идентитет. Таа го истакна и заедништвото на Македонците во Холандија, кои преку своите успеси во различни области придонесуваат за промоција на нашата земја на глобално ниво.
Овој настан беше уште една прилика за македонската заедница да се обедини и да ја прослави својата култура, историја и иднина. Како и секоја година, свеченоста не само што го обележа Денот на независноста, туку и го зацврсти духот на солидарност и заедништво.

„Независноста е повеќе од историски момент. Тоа е симбол на нашето заедништво, гордост и иднина. Како македонци во дијаспората, важно е да продолжиме да ги негуваме нашите корени, јазик и култура, и преку нашите активности да го промовираме имиџот на нашата татковина. За мене лично, како претседател на ЕУ ИНСТИТУТ Скопје, е голема чест да бидам дел од настаните кои го слават македонскиот дух, но и да работам на градењето на мостови меѓу нашата земја и останатите култури низ Европа. Нашата институција ќе продолжи да го промовира образованието, истражувањето и меѓуетничката соработка, кои се клучни за нашата иднина.“ – м-р Верица Пандилоска Гичева
Особена благодарност беше искажана кон целиот тим на амбасадата, вклучувајќи го и заменикот амбасадор Есад Велиу, конзулот Биљана Владичева, и останатите вработени, кои со својата посветеност придонесоа за успешна организација на овој важен настан.
Текстот е авторски! За споделување на содржината и објавување (во целост или парцијално) потребно е да побарате дозвола од авторот и да го наведете изворот!

Напишете коментар