Боите на светот во рајската градина на лалињата

Дали на момент размислуваме дека треба да најдеме барем малку време за себе и за свое лично уживање? Имам чувство дека како луѓе многу малку си посветуваме време на себе си за да го најдеме сопствениот мир и нашиот издувен вентил за релаксација.

Секој од нас е потребно во одредена зрелост во животот да осознае и открие што е она што го прави среќен и потоа секако да ужива во сопствената релаксација. Тоа ќе му дојде како еден вид полнење на батериите на нашиот организам.

Верица Пандилоска, Фотографија: Звонко Гичев ЕУ ИНСТИТУТ Скопје

Доколку немате време или идеја за релаксација, денес ќе ви предложам место за уживање каде можете да ги наполните очите и душата во друштво на 7 милиони расцветани лалиња, нарциси, орхидеи заедно со други останати крошнести цвеќиња.

Јас лично од дете научив да уживам во нив. Имено мојот дедо беше цвеќар повеќе од 40 години од својот живот и имав привилегија да израснам во семејство каде ваквата култура се ценеше и беше професија од која живееше семејството. Како деца со сестра ми и братучедите по цели денови поминувавме во огромниот двор на дедо ми кој беше засаден со разновидни дрвца и цвеќиња. Најголемото задоволство кое мене ми беше, неговата стаклена оранжерија каде одгледуваше саксиско цвеќе кое секој Четврток заедно одевме и го продававме на локалниот пазар во Тетово. Денес нема да зборувам за ова туку сакам да го споделам моето лично искуство за боите на рајската градина која неодамна ја посетив.

Верица Пандилоска, Фотографија: Звонко Гичев ЕУ ИНСТИТУТ Скопје

Кога ќе спомене рајска градина асоцијацијата веднаш се Адам и Ева и Еденската градина, библиска градина во која живееле. Некого можеби ова ќе го потсети на Ернест Хемингвеј со романот “Рајска Градина“. Но, јас денес ќе зборувам за рајската градина на лалињата.

Уникатно доживување

Почитувани читатели денес ви ја претставувам Keukenhof градината во Lisse, царството на лалињата во Кралството Холандија. Стимулација за очи и уживање за паметење. Еве вака со само неколку зборови можам да ја опишам рајската градина која е единствена и незаборавна за секој еден кој ќе ја посети. Вака барем јас се чувствував кога ја видов убавината на сите видови лалиња кои постојат концентрирани на една локација и едно место.

Фотографија: Звонко Гичев ЕУ ИНСТИТУТ Скопје

Искрено со нетрпение очекував да обезбедам карта за посета. Тука би напоменала дека градината за посета е отворена само 3 месеци во годината (карта морате однапред да резервирате бидејќи влезот за посетители е ограничен со време). Затворањето на градината во сезоната завршува некаде на 15 Мај и тоа е разбирливо бидејќи од средината на Март до средината на Мај е периодот кога цвета лалето.

Преку милион луѓе од сите земји и култури ја посетуваат градината во текот на една година. Верувам дека ова е нормално бидејќи сите сакаат цвеќе, пролет и ги асоцира на позитивна енергија.

Незаборавно искуство

Кога првпат ги видов боите на целиот свет во кои беа обоени сите можни лалиња не знаев што попрвин да направам, како да реагирам, а видов дека истото чувство го имаа скоро сите посетители. Реакцијата кога ќе почнете да ги гледата лалињата уште од самиот влез е дали да ги сликам, дали да ги гледам или двете наеднаш.

Верица Пандилоска, Фотографија: Звонко Гичев ЕУ ИНСТИТУТ Скопје

Говорот на телото на дел од посетителите укажуваше дека оние кои се сликаа, го одминуваа вистинскиот момент. Некако имав впечаток дека не успеаа комплетно да ја доживеат магијата на она што беше пред нив. Имаше и такви (кои воглавно беа азијци) и доаѓаа со цел арсенал различни професионални објективи и ги чекаа лалињата да ги отворат крошните за да може да го фатат и доловат моментот на отварање. Како и да е, според невербалната комуникација, движења, гестикулации на тело, сите посетители кои ги сретнав беа видно возбудени и зрачеа позитивно бидејќи на ваква глетка не знам како поинаку некој би можел да го рефлектира своето расположение.

Инспирација

Од она што однапред можев да го истражам, дознав дека не смееме да ја промашиме оваа историска градина бидејќи историјата на одгледување на лале во Холандија е стара дури 400 години. Во градината можев да видам и врсти лалиња кои датираат уште од 17ти век.

Фотографија: Звонко Гичев ЕУ ИНСТИТУТ Скопје

Во каталозите (каде хартијата е делумно направена од листови од лале и може бесплатно да се добијат на влезот пред градините) можете да добиете комплетни мапи на пространството хектари лалиња и се останато кое содржи овој простран парк на убавина. Секако тука се и најновите трендови на лалиња кои може да бидат инспирација за секој еден од нас да си го уреди сопствениот дом или двор. Останува само на нашата креативност и лична инспирација како да го направиме тоа.

Фотографија: Звонко Гичев ЕУ ИНСТИТУТ Скопје

Во внатрешноста на огромните пространства магични лалиња открив дека постојат и стаклени градини кои се неколку. Првата која ја посетив е наречена Beatrix Pavilion. Неа ја сочинуваа само Орхидеи и Анториуми какви што моите очи до сега немаа видено. Стотици орхидеи во најразлични бои и големини го исполнуваа стаклениот просторот кој беше исполнет до последно место. За оние кои сакаат да си однесат дел од рајот дома, може и да се купат саксиски примероци или корени за засадување во сопствениот дом.

Верица Пандилоска, Фотографија: Звонко Гичев ЕУ ИНСТИТУТ Скопје

Willem Alexander Pavillion e кралскиот павиљон , централно е поставен во стотици хектари цветната рајска градина. Во него можев да видам буквално кралски лалиња во најразлични бои заедно со кринови и некои други останати видови цвеќиња. На око може да се види дека крошната на овој вид на лалиња е двојно поголема и стеблото е значително подолго. На прв поглед кога ги видов помислив, џиновски лалиња. Чувството е како да сте Алиса во земјата на чудата, волшебно.

Верица Пандилоска, Фотографија: Звонко Гичев ЕУ ИНСТИТУТ Скопје

Oranje Nassau Pavillion е всушност третиот простран стакленик кој можев со очи да го уживам. Тој е затворена варијанта на шоу и е всушност тематски. Во различни временски интервали, значи секоја недела во самиот простран стакленик има буквално шоу кое се состои од различен вид сечено цвеќе. Интересно тука е што може да се види цветен мозаик, ѕид на славните (Flower mosaic, Wall of Fame).

Верица Пандилоска, Фотографија: Звонко Гичев ЕУ ИНСТИТУТ Скопје

Мелницата (Mill), е во склоп на пространството лалиња и се наоѓа некаде десно од кралскиот павиљон. Работи и дозволено е да се качите и да гледате во каналите каде е можно да изнајмите голем чамец со придружба и да по течението на каналот се искуси како изгледаат полињата кои се насеани со лалиња кои се извезуваат и продаваат низ целиот свет. Тоа се пространства со портокалови, црвени, жолти и секакви бои на лалиња.

Верица Пандилоска, Фотографија: Звонко Гичев ЕУ ИНСТИТУТ Скопје

Овие вертикални пространства на лалиња можев да ги забележам уште пристигнување и слетување со авионот на писта. Ова мајка ми од сопствено искуство ми го повтори многупати како посебен момент, дека е приоритетно и некако ми дојде како должност па си се потсетив при слетување да гледам обавезно низ прозор! И да, верувајте вредеше.

За крај на посетата на рајската градина како верен фан на кралските зелени огради ја посетив Irene градината која се состои од врвно висок скратена ограда, поткастрени високи дрвца (бонсаи фазон) фонтана и базен. Некако ми се чинеше дека туристите ја одбегнуваа, но мене тоа ми дојде како да имав привилегија сама да си седам и уживам во неа, па го искористив моментот на приватност.

Верица Пандилоска, Фотографија: Звонко Гичев ЕУ ИНСТИТУТ Скопје

Мое лично мото и совет

За крај би рекла дека малите нешта го сочинуваат животот. Задоволства на кои можеме пријатно да се сеќаваме и да ги паметиме. Некогаш е тоа добра мисла, за некој е можеби нешто сосема друго. Разбирливо, сите ние сме различни во тоа е нашата убавина. За мене барем, убавината е во сличностите и различностите кои го сочинуваат светот. Не е битно дали се работи за рајска градина на цвеќиња или за луѓе. Ќе повторам дека нашата убавина е во сличностите и различностите.

Верица Пандилоска, Фотографија: Звонко Гичев ЕУ ИНСТИТУТ Скопје

Ве оставам со добра мисла и позитивна енергија. Поставете си ги сопствените цели во животот без оглед дали се тоа краткорочни, среднорочни или на долг рок.

Верица Пандилоска, Фотографија: Звонко Гичев ЕУ ИНСТИТУТ Скопје

За крај ќе речам дека среќата е избор! Таа не е цел (цели се нешто сосема поинакво, за нив ќе говорам во некоја следна прилика)! Таа е чувство! Јас избрав да бидам среќна, верувам дека тоа ќе го направите и вие. Ценам дека тоа е формулата за еден од успесите во нашите животи.

Текстот е авторски! За споделување на содржината и објавување (во целост или парцијално) потребно е да побарате дозвола од авторот и да го наведете изворот!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *