ЕУ-ИНСТИТУТ-Скопје-Поддршка-на-развојот-на-емоционалната-интелигенција-и-воспитно-образовниот-кадар-во-градинките-2024

ЕУ ИНСТИТУТ Скопје: Поддршка на развојот на емоционалната интелигенција и воспитно-образовниот кадар во градинките

Во денешниот свет, емоциите играат клучна улога во формирањето на нашето однесување, карактер и начин на комуникација. Емоционалната интелигенција (ЕИ) е од суштинско значење за менталното здравје и личниот развој и заслужува посебно внимание, особено од најрана возраст. Препознавајќи ја оваа важност, ЕУ ИНСТИТУТ Скопје го креираше проектот „Емоционална интелигенција во детскиот свет“ кој имаше за цел да ги истражи и разбере начините на кои емоционалната интелигенција може да се развие и поддржи, особено во контекст на кадарот во предучилишните установи, Јавни установи за деца – детски градинки на територијата на општина Гази Баба.

Опис на проектот

Проектот „Емоционална интелигенција во детскиот свет“ беше посветен на поддршка и развој на кадарот во градинките (воспитувачки, негувателки и стручни служби) кои играат клучна улога во едукацијата и стимулирањето на менталното здравје на децата кои ги посетуваат градинките. Проектот беше поддржан од Општина Гази Баба-Скопје, РС Македонија.

Основната цел на проектот беше генерирање на нови информации преку истражување и испорака на специфична обука на тема емоции и емоционална интелигенција кои беа дистрибуирани на воспитно-образовниот кадар во градинките на општината (ЈУДГ “25 Мај“ и ЈУДГ “Детска Радост“). Содржината на проектот беше фокусирана на поттикнување на кадарот за надградба на личните и колективните капацитети на тема емоционална интелигенција. Засегнатите страни добија нови, квалитетни информации и сознанија кои понатаму ќе ги имплементираат во секојдневните работни активности.

М-р Верица Пандилсока Гичева

Контекст и важност на истражувањето

Детскиот свет е чист, искрен и автентичен. Секое дете носи со себе уникатен спектар на емоции и чувства, кои често не ги разбира во целост. Спроведеното истражување беше фокусирано на тоа како можеме, како општество, воспитувачки, негувателки, психолози, педагози, специјални едукатори и родители, да го поддржиме овој емотивен развој на децата, така што тие ќе можат да израснат во емоционално интелигентни и балансирани личности.

Цели на истражувањето

Специфичната цел на проектот „Емоционална интелигенција во детскиот свет“ беше да го истражи и анализира сегашниот степен на емоционална поддршка што децата го добиваат (од кадарот) во државните градинки (ОГБ), како и да ги истражи ставовите и искуствата на воспитувачките, негувателките и другите стручни лица (стручни служби) кои работат со нив.

Проектот идентификува практики и стратегии кои во иднина имаат интенција да го поттикнат развојот на вештини и компетенции на кадарот на тема емоционалната интелигенција кај децата, да ги зајакне емоционалните вештини кај воспитно-образовниот и стручен кадар кои ги подготвуваат децата за предизвиците кои понатаму ќе ги очекуваат во животот.

Преку ова истражување, веруваме дека ќе дадеме квалитетни препораки за тоа како може да се подобри емоционалната поддршка и воспитување во државните воспитно-образовни институции, јавни установи за деца, детски градинки.

Методологија

Истражувачкиот процес
Во ова истражување беше применет комбиниран методолошки пристап, кој вклучи и квантитативни и квалитативни методи на истражување. Овој пристап овозможи поцелосно разбирање на прашањата поврзани со емоционалната интелигенција кај кадарот кој работи со децата и начинот на кој таа може да се поттикне и развива во предучилишните установи (ЈУДГ). Искуства од набљудување и интервјуа беа користени за дизајнирање и дистрибуција на инструментот, анкетен прашалник. Исто така, беше реализирана и интерактивна обука како и дискусија со фокус група од 35 учесници.

Истражувањето ги опфати ставовите и искуствата на воспитувачките, негувателките, раководителите и другите стручни лица, со цел да се добие комплетна слика за тоа како се перципира и применува емоционалната интелигенција во пракса во државните градинки на територијата на општината.

Интерактивна обука и дискусија

Во рамките на истражувањето, беше организирана и интерактивна обука за учесниците, фокусирана на развој на емоционалната интелигенција кај вработените (воспитувачки, негувателки, стручни служби и раководители) кои работат со децата во државните градинки на општината Гази Баба. По обуката следуваше интерактивна дискусија со фокус група, во која сите учесници имаа можност да ги споделат своите размислувања и искуства. Оваа дискусија придонесе за продлабочување на разбирањето на прашањата кои беа предмет на ова истражување.

Важност на истражувањето

Проектот „Емоционална интелигенција во детскиот свет“ е од големо значење за иднината на нашите деца. Со разбирање и поддршка на предизвиците кои ги има воспитно-образовниот и стручен кадар во државните градинки ќе се создаде позитивна клима за емотивен развој на децата. ЕУ ИНСТИТУТ Скопје верува дека преку ваков пристап и инвестирање во знаења и вештини на кадарот во државните градинки ќе се рефлектира позитивно влијание во воспитувањето на децата на кои не само што ќе се помогне да израснат во здрави и среќни луѓе, туку и заеднички ќе придонесеме за градење на подобро општество.

Напомена: Целото истражување е достапно на нашата веб страница тука!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *