Јога вежби во лежечка положба

категорија: Јога | 0

Ако по утрото денот се познава верувам дека ќе се сложите со мене дека денешниов ден ќе имаме прекрасно време, а со самото тоа и уживање во февруарските сончеви зраци кои ќе ни поттикнат серотонин и дополнителна доза на чувство на среќа и позитивна енергија. Денеска за вас Ана подготви сет од утрински вежби кои сум сигурна дека ќе станат ваш ритуал за започнување на денот и лајфстајл во животот понатаму. Вежбите за денес се вистински предизвик за нас како жени бидејќи опфаќаат нешто што сите ние сакаме да го подобриме, а тоа се јаки нозе, задник, исправен грб и уште многу други нешта. Подгответе си го омилениот чај или кафе, одберете инспиративна музика за јога вежбање по ваш вкус и спремете се да го разубавите сопствениот ден. Да ги слушнеме советите и заедно да се раздвижиме ова утро. Вежбите на Ана се спремни па еве што подготви таа денеска за вас.

Доколку имате на располагање само десетина минути, се чувствувате напнато или уморно и не сакате дополнително физички да се напрегате, а сепак имате потреба од раздвижување – овој сплет е од јога вежби е токму за вас!

Стимулативни природни движења

Тука се вклучени вежби кои главно го таргетираат долниот дел од телото – колковите и нозете. Со нежни природни движења, ротации и свиткувања, ги “подмачкуваме” глуждовите, колената и колковите, а нежно ги растегнуваме мускулите по должината на задниот дел на нозете и глутеалните мускули.

Силно јадро

Со неколу вежби кои постепено стануваат поинтензивни нежно работиме на зајакнување на абдоминалните мускули. Силното јадро е особено важно за стабилноста во лумбалниот дел од рбетот.

Еластични и силни флексори

Понатаму во текот на сплетот, ќе имате можност да го ротирате рбетот и нежно да ги растегнете флексорите на колковите. Тоа се оние мускули кои, меѓу другото, ни помагаат да ги кренеме нозете, и доколки се стегнати можат да придонесат кон болки во долниот дел од грбот. Воедно, тука ќе имате можност да работите на внатрешна и надворешна ротација во колковите.

Силни нозе, задник и грб

Во положбата мост динамично ги зајакнуваме нозете, глутеалните и мускулите ма грбот, а рацете и рамниците добиваат блага стимулација.

Активација на целото тело

Откако ќе завршите со практиката, ќе забележите дека за кратко време сте имале можност да го активирате целото тело без притоа да ја напуштите лежечката положба. Речиси сите зглобови и поголеми мускулни групи имаа можност да се вклучат во акцијата.

Посилни и пофлексибилни

Со редовно и внимателно вежбање, почитувајќи ги сигналите кои ви ги испраќа телото, овој едноставен, но ефикасен сплет од вежби има потенцијал да ве направи посилни, што ќе ви даде поддршка, и пофлексибилни, што ќе ви даде, пак, слобода во движењата.

Можете да не контактирате и да испратите прашања кои Ана со задоволство ќе ви ги одговори.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *