Во овој едукативен циклус ќе зборувам за човечката мотивација како движечка сила за успехот на една личност. Зборот мотивација потекнува од зборот мотив кој значи потреба, желба, придвижување на еден поединец. Латинскиот корен на мотивација значи „да се движиме“. Децении наназад мотивационите психолози проучуваат што ги придвижува луѓето да дејствуваат и зошто луѓето размислуваат и прават она кое го наумиле. Во согласност со овој широк поглед на мотивацијата, ќе се фокусирам на изборот на еден поединец и за тоа кои задачи треба да ги направи, на неговата упорност со која ги извршува овие задачи, интензитетот и ангажираноста на еден човек во реализирање на овие задачи како и на мислата и перформансот за постигнување на зацртаната цел и успех.
Во текот на овој пишан циклус ќе ги разгледаме сите прашања кои се однесуваат на мотивација. Ќе зборувам за различните цели кои секоја една личност ги има во својот живот, ќе зборувам и за тоа зошто некои луѓе вложуваат време и енергија во развој на своите академски вештини, додека други, со слично ниво на интелектуална способност, се фокусираат на други вештини како што се спортови или воопшто немаат посебни вештини. Во контекст повторно на мотивација ќе дадам осврт и на тоа зошто некои луѓе продолжуваат да опстојуваат и се борат, додека други се откажуваат од првиот знак на тешкотија. Во кракти црти главниот фокус на ова наше заедничко пишано дружење ќе биде насочен кон посебен аспект на мотивацијата и тоа за достигнување успех. Во овие пишани текстови ќе зборувам за развојните промени кај еден човек, социјализацијата и влијанието на мотивацијата. Верувам дека со ова проект ќе дадам еден вид на поддршка која на секој еден од нас му е потребна особено сега кога сме на крајот на завршување на глобалната пандемија и ковид-19 криза.
На почетокот сакам да дадам дефиниција за тоа што значи во суштина мотивација.
Мотивација е процес на стимулирање на една индивидуа да се активира и да ги оствари своите зацртани планови.
Овој проект е наменет за неформална едукација на млади лица на возраст до 29 години како директни корисници но и сите останати кои имаат потреба и интерес да се надоградат на оваа тема, а не спаѓаат во оваа категорија на млади. Затоа ќе зборувам и за онаа мотивација која ја засега младината.
Постојат различни видови на мотивација за кои ќе зборувам во текот на овој проект. Со оглед на тоа дека на секој млад човек кога ќе го заврши своето формално образование му е најпотребно прилагодување кон транзицијата дека од утре треба да заработува од својата наобразба, ќе говорам за мотивација во работна средина. Несебично сакам да ги споделам своите искуства кои ги стекнав во текот на својата работа, чисто како поддршка за сите оние кои ќе сакаат да прочитаат нешто повеќе на оваа тема и за сите оние кои се дел од овој проект насловен како САМОДОВЕРБА, КОМУНИКАЦИЈА, МОТИВАЦИЈА.

На почеток ќе зборувам за мотивација во работна опкружувачка средина каде постојат неколку психолошки фактори кои се важни за да стимулираат еден човек. Тоа се пред се психолошки фактори кои во суштина ги имаат поголем дел од луѓето. За подобра перцепција таксативно ќе ги набројам. Тоа се пред се:
- желба за успех
- желба за заработка на пари
- задоволство од тимска работа и координација
Една од најважните функции во управувањето со еден работен тим е да се создаде овозможувачка средина и подготвеност кај секој еден вработен кој претставува важна алка во синџирот. Создавање на подготвеност кај тимот кој што е жив механизам за работа е еден од клучните фактори за успешна фирма, компанија, работна организација.
Од што се состои процесот на мотивација?
Процесот на мотивација се состои од три фази:
- Потреба, креирање на чувство на потреба “drive”
- Стимулација, дејствие кое треба да се разбуди во еден човек
- Задоволство, кое значи остварување на целта
Со задоволување на потребите и стимулација кај една индивидуа се постигнува остварување на целта на поединецот кое значи задоволство. Во суштина за мотивацијата се вели дека е психолошки феномен во кој секој еден од нас е потребно да се справи со својата потреба и желба, да изготви план, да има поттик за да на крајот од денот биде успешен.
ISBN 987-608-4880-04-2 Материјалот е авторски! Секое реобјавување мора да е во согласност со авторот каде јасно ќе биде ставен изворот на текстот.
Користени материјали од: MSG, American Psychological Association,(Weiner, 1992),( Eccles-Parsons et al., 1983; Wigfield & Eccles, 1992).
Проект на Општина Аеродром и ЕУ ИНСТИТУТ Скопје. Медиски партнер Битола Њуз. Фотограф на насловна фотографија: Ана Симоновска, креатива на останата фотографиja ЕУ ИНСТИТУТ Скопје.
Напишете коментар