Од блиску со Перо Сарџоски

категорија: Интервјуа | 0

Почитувани читатели,  денешен гостин на блогот е Перо Сарџоски, директор на настава во Пегасус ЕЛС Тетово. Се познаваме долги години уште од деца па затоа слободно можам да кажам дека не зближи тоа што секогаш бевме различни од средината во која пораснавме. Од самиот почеток на 2020 година, a на мое големо задоволство тој стана почесен член и активен соработник на ЕУ ИНСТИТУТ Скопје во програмите кои се однесуваат на неформално образование на деца и млади.

Слободно ќе речам дека тој е еден исклучителен млад човек посветен на едукација пред се на деца. Иновативен и креативен во наставата за што сведочат бројни награди и признанија од релевантни странски и домашни институции. Мулти талентирана личност со особен сензибилитет за пишаниот збор (поезија и проза), но и за музика. Вљубеник во македонската историја и македонизмот.

Најпрвин би ве запрашала како почна вашето патување, желба и мотив да работите со деца?

Уште од најмала возраст бев инспириран од луѓе како Бранко Коцкица, кој знаеше на најдобар начин, преку игра и забава, на децата да им ги објасни нештата. Неретко истото сум го правел со моите другарчиња, глумејќи дека сум јас Бранко а тие мојата дружина, со кои преку игра сме го осознавале нашиот детски свет. Години потоа, откако дипломирав како преведувач на катедрата на Англиски јазик и книжевност при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, сепак одлучив да се посветам и на наставата, со тоа што моите почетоци беа во О.У. Александар Здравковски во општина Јегуновце, каде што за прв пат се запознав со интерактивната методологија, и започнав да истражувам иновативни пристапи во наставата со цел да ја зголемам интеракцијата кај учениците за да им помогнам да ги развиваат своите комуникациски вештини на поедноставен начин. Уште тогаш увидов дека учењето низ игра и забава има многу поголем ефект, а за мене тоа претставуваше остварување на мојот сон од детството и јас еден ден да бидам како Бранко Коцкица.

Патот потоа ме одведе и во Англија, каде што престојував во семејство и исто така се грижев за малечко детенце, а со тоа и спознав дека работата со деца не е само педагогија туку и психологија, за подоцна, откако се вратив во Македонија, да започнам со работа во International House – Skopje, каде што и се здобив со формална методолошка обука според тогашните светски стандарди за интерактивна настава со возрасни слушатели (CELTA). Луѓето од менаџментот на училиштето увидоа дека мојот пристап е ефикасен и препознавајќи го ентузијазмот за работа со деца ме испратија на дополнителна обука во International House – Hastings, Англија, каде што се здобив со формална обука за интерактивна настава со деца (CELTYL). Веднаш потоа ја дизајнирав целата програма за англиски јазик за деца во ова училиште, која се покажа доста успешна и го привлече вниманието на многу млади слушатели во Скопје и Тетово.

Потоа следеа немилите настани од 2001вата година, кога училиштето претрпе криза и мораше да се затвори, а јас одлучив заедно со мојата сестра, која исто така е професорка по англиски јазик, да отвориме сопствено училиште – Пегасус ЕЛС – каде што ги пренесовме сите наши искуства и знаења стекнати од меѓународните обуки. Започнавме со работа уште во 2002та година и уште веднаш се зафативме со развивање на комуникациските вештини по англиски јазик преку поттикнување на креативните вештини кај децата, со тоа што направивме адаптација на драмата Трговецот од Венеција од Вилијам Шекспир, која ја прилагодивме за ученици по англиски јазик на возраст од 12 до 19 години, и ја поставивме на сцена во Културниот дом во Тетово, со што уште повеќе се приближивме до тетовската јавност, а со тоа и ја зголемивме нашата видливост како училиште. Драмата ја изведовме со ученици од мешан етнички состав и му покажавме на градот дека сме спремни да ги надминеме сите бариери за да им овозможиме на најмладите квалитетно образование на англиски јазик. Ова беа почетоците на Пегасус ЕЛС, а од тогаш до денес, покрај тоа што е пионер, нашето училиште е и вистински пример за тоа како може да функционира образованието во една реална мултиетничка средина. 

Професионално сте овластен преведувач и толкувач од англиски јазик. Соработувате со ЕУ, Фондацијата Конрад Аденауер, преведувате конференции и слично. Каква е одговорноста пред се при симултано толкување со вакви сериозни институции?

Преведувањето, т.е. толкувањето, се мојата втора пасија. Паралелно со наставата, скоро од истиот период па навака, работам и како преведувач и конференциски толкувач, најчесто хонорарно, но еве веќе скоро 20 години соработувам со Фондацијата Конрад Аденауер, т.е. нивната канцеларија во Скопје, а низ годините и со низа меѓународни институции кои имаат свои седишта во Македонија, како што се УНПРОФОР, ЕУ Инфо Центарот, ОБСЕ, Амбасадите на Велика Британија, САД, Швајцарија, како и меѓународни институции и организации од странство. Преведувањето и толкувањето се навистина сериозна и одговорна професија која бара од преведувачот/толкувачот, пред сè, јазична подготвеност и стручно познавање на голем број области, како и целосна дискреција и етика при вршењето на должностите. Во моето искуство, уште од самите почетоци кога работев како преведувач за мисијата на УНПРОФОР во Македонија, покрај тоа што толкував на состаноци и средби од чувствителен карактер, требаше да научам и како да посредувам доколку комуникацијата „излезе од контрола“. Тоа навистина претставуваше и сè уште претставува голем предизвик за мене, но низ годините научив и како да постапувам дипломатски во такви ситуации. Денес веќе сум активен член на Здружението на преведувачи на Република Македонија, каде што веќе подолго време работиме со колешките и колегите за дефинирање на стандардите во нашата професија со цел да ги заштитиме правата на преведувачот/толкувачот во согласност со меѓународните стандарди. 

Во своето секојдневно работење први бевте во државава, а и пошироко признаени на светско ниво, за иновативноста и водење на едно училиште без користење на хартија како ресурс. Како дојдовте на таа идеја, кој ви беше основниот мотив?

Во Пегасус ЕЛС, веќе подолг период воведуваме дигитални технологии во наставата. Сето тоа започна првин со воведување на лаптоп како техничко помагало во наставата, па потоа видео проектори, а со зголемената примена на мобилните телефони, воведовме и пристап кој се нарекува Донеси го својот мобилен уред (Bring Your Own Device – BYOD), со што овозможивме и поголема интерактивност во наставата со примена на дигитални образовни платформи и алатки како што се Едмодо, Кахут, Квизлет, Квизиз и др. Подоцна увидовме дека има потреба и од тоа да се воведат таблети како технички помагала за оние ученици кои немаат мобилен уред на располагање, со што постепено наставните ресурси се сведуваа на дигитални, со сè помала примена на хартија во наставата. Морам да напоменам дека нашето училиште веќе подолго време не работи со конкретни печатени изданија на учебници и работни книги, туку врз основа на сопствена програма која ја развивавме во склад со меѓународните стандарди за изучување на англискиот јазик, ние развивавме сопствени наставни материјали, а користевме и готови материјали достапни на интернет. Сето ова значително ја намали потрошувачката на хартија во нашето училиште, што ние го препознавме како една од целите за одржлив развој на Обединетите нации, со што сосем природно го развивме овој модел на Училиште без хартија, кој го промовиравме и на меѓународни настани, како што е Конференцијата на Едмодо (ЕдмодоКон 2018) во Сан Франциско, САД, и на Самитот на меѓународната мрежа на иновативни образовни решенија на HundrED (2019) – организација со седиште во Хелсинки, Финска. Овој модел ние го промовираме веќе неколку години, користејќи ја виртуелната образовна платформа на Едмодо, училницата на Гугл (Google Classroom) и други, во комбинација со голем број дигитални алатки достапни на интернет, со цел да се постигне поголема интерактивност за време на часот. Со почетокот на пандемијата со Ковид-19, дополнително ја воведовме и алатката Zoom – виртуелната платформа за видео конференциска врска, со што нашето училиште сосем природно прерасна во онлајн училиште со веќе долгогодишно искуство во примена на дигитални технологии, кои денес станаа неопходни за интерактивна и успешна настава од далечина.

Како пионер во примената на образовни дигитални технологии во наставата, како и промовирањето на моделот на училишта без хартија и настава од далечина, Пегасус ЕЛС денес веќе нуди обуки за наставници во соработка со ЕУ Институт – Скопје, како и во соработка со националната платформа за видео инструкции за поддршка на наставата од далечина – ЕДУИНО, и активно работи на усовршување на пристапите за поефикасна настава од далечина со акцент на интерактивниот методолошки пристап.  

Кои се вашите искуства со HundrED, како станавте дел од 100те најинспиративни образовни иновации на глобално ниво со вашата програма Дигитална писменост на англиски јазик?

HundrED, како што претходно напоменав, е организација со седиште во Хелсинки, Финска, чија цел е да препознава и споделува иновативни пристапи, практики и програми од разни земји ширум светот, а која е во тесна соработка со Министерството за образование на Финска. Во взаемна соработка, HundrED организира годишен Самит на образовни иновации, во склоп на Образовната недела во Хелсинки (Helsinki Education Week), при што врши селекција на 100 најинспиративни иновативни решенија, врз основа на претходно поставени критериуми кои се во согласност со реформските решенија кои ги нуди финското образование.

Со HundrED првпат се запознав на Саемот на образовни технологии што се одржа во Белград во 2017 година, и одлучив да им пристапам со цел да ја промовирам нашата иновативна програма – Дигитална писменост на англиски јазик (Digital Literacy for EFL Students), која ја развивме уште во 2015 година со цел да се зајакнат јазичните вештини на учениците кои го изучуваат англискиот јазик во Пегасус ЕЛС со примена на дигитални медиуми во наставата, како што се блогирањето, веб дизајнот, снимање и обработка на видеа, подготовка на дигитални презентации и промовирање на содржини преку социјалните мрежи. Со оваа програма, претходно, се пријавивме на меѓународниот натпревар за иновативни програми по англиски јазик – ELTons 2017 Innovation Awards – организиран од Британскиот совет од Лондон, и бевме селектирани како едни од петте финалисти во категоријата Локални иновации.

Оваа програма, која има за цел да ги развива јазичните и дигиталните вештини кај најмладите кои го изучуваат англискиот јазик, беше прифатена од HundrED и промовирана на нивната платформа, со што, откако го помина целиот циклус на евалуации од страна на членовите на Академијата на HundrED, беше селектирана како една од 100те најинспиративни образовни иновации за 2019 година. Ова беше голем успех за нашето училиште, а и за нашата земја, затоа што успеавме да ја ставиме Македонија на светската мапа на образовни иновации заедно со низа светски признати образовни установи и институции. Воедно, со HundrED, успеав да остварам соработка за градење на мрежата на млади амбасадори на HundrED, со цел да им овозможиме и на најмладите активно да учествуваат во градењето на визијата за образованието во 21 век. Исто така, како делегат на HundrED, заедно со амбасадорот и иновативниот едукатор од Велика Британија, Алекс Бел, ја претставувавме оваа организација и нашите земји на еден од најпрестижните настани во сферата на образовни иновации на глобално ниво, Самитот за образовни награди на Јидан (Yidan Prize Summit, 2019), кој се одржува на годишно ниво во Хонг Конг.    

Денес, веќе, како амбасадор и иноватор на HundrED, а и советник во Академијата, активно работам на промоција на образовните иновации од мрежата на оваа организација во земјава, но и обратно – стимулирање на иновативност во македонскиот образовен систем според стандардите утврдени според финскиот модел. 

Во вашето училиште учат деца од различни националности што е од особено значење за заедницата. Би било интересно да ни ги споделите вашите искуства за работа во мулти етничка средина во која и јас и вие сме пораснати? Многумина избегнуваат ваков тип на мултиетничност?

Напротив, јас инсистирам на мултиетнички пристап во наставата по англиски јазик, што можеби е многу полесно остварливо поради тоа што англискиот јазик нуди неутрална основа за комуникација помеѓу децата од различно етничко потекло, а истовремено ја стимулира комуникацијата помеѓу децата, што овозможува побрзо усвојување на англискиот јазик во една природна интернационална (мултиетничка) средина. Децата на ваков начин не само што се мотивирани активно да го користат англискиот јазик во комуникацијата едни со други, туку имаат можност и да научат малку повеќе за културата на другите во рамките на изучувањето на англискиот јазик. Овој пристап до сега се покажа доста ефикасен, со тоа што учениците, како додадена вредност, градат и меѓусебни пријателства, што верувам дека ќе има само поволно влијание врз нивниот понатамошен развој.   

Глобалната пандемија ни донесе нови предизвици со кои сите ние се справивме. Како според вас влијаеше на наставата во вашето училиште и глобално?

Пегасус ЕЛС, колку и да звучи необично, беше целосно подготвен да се соочи со предизвиците кои произлегоа од глобалната пандемија. Ова се должи на фактот што ние, како училиште, низ годините ги следевме сите развојни фази во дигитализацијата на образовниот процес во светот и направивме храбар исчекор од традиционалниот образовен модел, со цел да најдеме начин како ефикасно да ги применуваме дигиталните образовни технологии кои сега веќе станаа неопходност за успешно реализирање на настава од далечина.

Морам да нагласам дека пандемијата донесе нови предизвици не само за македонското образование, туку и за многу образовни системи во светот. Токму пандемијата ги покажа сите недостатоци во образовните системи во многу земји, и укажа на потребата да се дигитализира образовниот процес, со тоа што на тој начин ќе се приближат дигиталните технологии до новите генерации преку организиран пристап, наместо да се остават децата самите да ја истражуваат дигитална џунгла која секој ден станува сè ‘погуста’! Со примена на дигитални образовни технологии, едукаторите имаат уникатна можност да ја хуманизираат технологијата и правилно да ги насочат учениците во примена на истата за нивно понатамошно образовно и професионално усовршување.

Пандемијата, колку и да ги покажа недостатоците во образовните системи шурим светот, им овозможи на многу едукатори да ги вмрежат учениците преку онлајн настани, како што е Link Online Learners, проект кој започна како реакција на мерките кои произлегоа од пандемијата, инициран од страна на одреден број едукатори од разни земји, како што се Велика Британија, Данска, САД, Нов Зеланд, Шпанија, Саудиска Арабија, Виетнам, Индија, меѓу кои и Пегасус ЕЛС како претставник од Македонија , а со намера да им се овозможи на најмладите да се вмрежат со ученици од целиот свет и да го надминат јазот на одвоеност кој го наметна пандемијата и наставата од далечина.

Денес, веќе, во овој проект активно учествуваат голем број на ученици од Македонија, кои еднаш неделно, во вторниците, се вклучуваат на Zoom и реализираат заеднички проекти со деца од целиот свет, како на пример онлајн театарски работилници, кратки видео тури, модни ревии, запознавање со локални култури, традиции, храна итн.

Дали дигиталните комуникациски алатки родителите ги доживуваат како закана?

Јас често го давам примерот со пештерските луѓе кога за прв пат го откриле огнот. Во тие темни пештери, пред да удри гром во најблиското дрво и да го донесе огнот од „боговите“, сите живееле во страв и незнаење. Но, откако храбрите членови на заедницата одлучиле да го донесат огнот во пештерата, заедницата се поделила на два табори: едните кои сметале дека огнот ќе биде од голема корист за сите нив, а други кои сметале дека тоа е опасно нешто кое може да ги изгори сите. Прашањето тука е: кој од овие две групи преовладале? Одговорот е очигледен! Така и со технологијата денес! Таа може да биде злоупотребена и да има негативен ефект врз развојот на децата, но доколку се користи умерено и на организиран начин, тогаш може да биде многу поволна алатка за понатамошниот развој на децата. Лично сметам дека многу поголем ризик е да се игнорира примената на дигиталните образовни технологии во наставата, со што ризикуваме децата да ги оставиме дигитално неписмени и неподготвени за светот кој ги очекува, а кој веќе во голема мера е дигитализиран, а истовремено да ги оставиме самите да талкаат низ тој дигитален свет и самите да бараат решенија за сите идни предизвици со кои ќе се соочат. Оттука, сметам дека е неопходно родителите и едукаторите да бидат обучени како успешно да ги користат современите технолошки помагала за поефикасен развој на децата во сите области. Не може да очекуваме децата да не минуваат саати на Јутјуб, кога тие тоа од возрасните го научиле гледајќи ги нив како го прават истото. Но, доколку родителите и наставниците умерено користат дигитални алатки, а притоа им помогнат на децата да научат нешто ново што ќе им биде од корист, тогаш ќе се зајакне врската помеѓу повозрасните и помладите генерации, што сметам дека е од големо значење за градење здрави социјални односи и здраво општество во иднина. 

Кажете ни нешто за Вашата соработка со ЕДУИНО како национален координатор за видео упатства за поддршка на наставата од далечина…

Соработката со ЕДУИНО започна уште со самиот почеток на глобалната пандемија, кога бев замолен од страна на креаторите и организаторите на оваа платформа да подготвам неколку видеа со инструкции за примена на одредени дигитални алатки за настава од далечина. Веднаш потоа ми беше предложена соработка како национален координатор за видео инструкции за поддршка на наставата од далечина, со што имав можност да дадам свој придонес во градењето на ресурси за поддршка на онлајн наставата во основното и средното образование во Македонија. ЕДУИНО е одличен ресурс за сите наставни кадри и нуди видео лекции и инструкции за примена на интерактивни дигитални алатки во наставата, со што на наставниот кадар им се дава можност да ги дигитализираат своите наставни материјали и да воведат интерактивен пристап во наставата од далечина.

Во моментов со ЕДУИНО сме во подготовка на модел за поттикнување на иновативност во македонскиот образовен систем. Искрено се надевам дека ќе успееме да го мотивираме наставниот кадар во основните и средните училишта во Македонија да започнат со сè поголема примена на дигиталните образовни алатки со цел да се воспостават иновативни практики во образовниот процес, што ќе овозможи да го приближиме македонскиот образовен систем до светските стандарди и да им овозможиме на најмладите квалитетно образование какво што заслужуваат.   

Заеднички изработивме проект на тема “Основи на дигитална писменост“ за воспитно образовниот кадар на национално ниво. Ова беше наменски проект кој го реализиравме помеѓу Пегасус ЕЛС и ЕУ ИНСТИТУТ Скопје во вистинско време. Направивме мал чекор во сферата на дигиталното образование но голем во моментот за сите оние кои имаа реална потреба, пројавија интерес и беа дел од проектот. Дали после искуствата стекнати од проектот цените дека денеска имаме кадар спремен да одговори на предизвикот наречен онлајн настава, или учење од далечина кој многу одамна светот го практикува?

Токму така, тоа беше проект во вистинско време, со што успеавме да излеземе во пресрет пред сè на просветните работници, но и воопшто на возрасните лица кои имаат потреба да ги изградат своите дигитални вештини кои се неопходни за успешно професионално функционирање во 21 век.Тука би напоменал дека тоа што недостасува како култура во Македонија е поголемо учество на возрасното население во неформалното образование, што сметам дека треба да се нагласи, од причина што живееме во динамичен свет кој брзо се менува, а за да бидеме сите ние поуспешни во нашето секојдневно функционирање, како во рамките на нашите професии, но и во приватната сфера, потребно е постојано да ги надоградуваме вештините, што особено се однесува на дигиталните вештини како основа за понатамошен индивидуален и професионален развој.

Сите ние сме професионалци во одредена сфера, но исто така сите сме постојано изложени на нови дигитални помагала во секоја сфера од современото живеење, што бара од нас да се прилагодиме и да се здобиеме со неопходните вештини за поуспешно функционирање во дигиталниот свет. Воопшто не треба да се срамиме од тоа што не знаеме како се испраќа електронско писмо, на пример, или како се врши финансиска трансакција онлајн, или тоа што не знаеме да користиме дигитални алатки во наставата. Овие нешта не постоеле кога сме биле студенти на факултет, што не треба да претставува пречка да се здобиеме со овие вештини токму преку програми од областа на неформалното образование, како што е „Основи на дигитална писменост“, која сметам дека секој возрасен човек треба да ја помине за да се здобие со една здрава основа за дигитална писменост, со што ќе си ја зајакне самодовербата при севкупната комуникација во дигиталната сфера. 

Следи нов проект кој повторно ќе го работиме во заедничка цел и интерес во Септември 2021 а се однесува на основци. Повторно тема е дигитална комуникациска писменост со помош на виртуелни алатки кои сега не би ги откривале. Сепак, се радувате ли што повторно ќе работиме со децата кои се едни од најблагодарната категорија на општеството и чинам највеќе се радуваат на ова? 

Децата треба секогаш да ни бидат приоритет. Нивниот правилен развој значи правилен развој на целото општество и градење на здрава иднина. Посебно ме радува што нашиот следен проект ќе биде насочен токму кон оваа категорија на слушатели, кои сметам дека заслужуваат да им биде овозможено да ги унапредат своите дигитални и комуникациски вештини според сите светски стандарди кои до сега се покажале успешни во поразвиените земји во светот.

Свирите на кавал што е исклучително интересно. Како откривте дека кавалот е инструментот кој ќе биде дел од вашето секојдневие?

Кавалот ми е стара љубов, уште од средношколските денови, кога на една прошетка низ малешевскиот крај на подарок го добив своето прво кавалче. Оттогаш па навака, нема миг кога сум на планина, или во природа, а да не го земам кавалот со мене, и да му ја „писнам“ една езгија по македонски. За мене кавалот е контакт со исконот, со македонскиот бит, со слободата како главен двигател на сите човечки еволутивни процеси. Често знам да кажам, кавалот ми ја плакне душата од сите насобрани јадови. Посебно ме радува што овој наш традиционален инструмент си го најде местото и меѓу новите генерации, а со тоа си го обезбеди и патот до иднината. Кавалот е дел од нашето духовно културно наследство кое заслужува и треба да биде пренесено и на идните генерации. Со задоволство ќе се погрижам да биде така! 

Рецитирате поезија, вљубеник сте во Блаже Конески и македонската култура. Сакате да ги посетувате убавините на Македонија ….. дали тоа е вашиот лајфстајл кој би и го препорачале на младината?

И не само Блаже Конески, туку сите македонски великани кои низ збор ни ја пренеле душата на предците и ни го сочувале завештанието на минатото.  Како поет (Карпа Жива, 2005) и писател (Цветниот пат, 2007) дел сум од една неформална група на поети кои организираат Слем поетски настани во Македонија на кои секогаш земам активно учество. Македонија ми е во срцето! Сè што творам во поезијата, прозата, музиката и животот, воопшто, ми е мотивирано од љубовта кон Македонија. За мене таа е Мајка Божица, заштитничка, хранителка, учителка и водилка. Токму оваа голема љубов кај мене била изворот на сета сила која ме довела до овој миг каде што сум сега во животот. Само со искрена љубов кон сопствената земја може да се постигнат сите успеси, оти без нејзината љубов сме само прашинки на ветрот, одвеани од виорот.

На најмладите би им препорачал да си ја запознаат првин својата земја пред да решат да го запознаат светот. Да ги научат вредностите кои Македонија ги нуди и по кои сме препознатливи во светот. Да веруваат во себе и да се посветат првин на усовршување на сопствените знаења и вештини, а потоа истите да ги применат за да ја направат оваа земја топол и безбеден дом за сите, а посебно за следните поколенија.

И тука би завршил со еден цитат од песната Македонија од Анте Попоски, во која вели:

О, еве ја таа проста земја, од грч и од чекање што ги научи и ѕвездите да шепотат на македонски, а никој не ја знае.

Од сите нас зависи дали ќе ја знаат! Да ја направиме позната по убавини, верувам дека можеме!

Интервјуто е автризирано. Забрането е да се копира и реобјавува во целост или во делови, без дозвола од ЕУ ИНСТИТУТ Скопје.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *