Говорот на телото како универзална алатка испраќа моќни невербални сигнали кои се впечатливи кога се работи за изразување на статус, хиерархија и доминација. Голем дел од успешните луѓе во светот на бизнисот, политика и други останати професии знаејќи го ова свесно се едуцираат и ги развиваат овие вештини во сите области во кои делуваат за да ги усовршат своите кариери, да ги подобрат своите животи или за да извршат контрола и доминација над други лица во различни ситуации и тоа во своја полза.
Пренесување на статус преку говорот на телото
Во невербалната комуникација висината и изгледот на еден човек влијаат и се примарни во пренесувањето на неговиот статус. Сите ние имаме различна висина. Потребно е да се се напомене дека повисоките лица секогаш се позабележителни во однос на оние кои се поситни и со понизок раст. Со самото тоа и невербалните сигнали кои ги испраќа оваа категорија на луѓе се позабележителни. Антрополошки, карактеристиката на нашето македонско поднебје е дека поголем дел од популацијата е со средно низок раст, но изминатите децении нештата се менуваат па така, можеме да забележиме дека младата популација е со повоочлив и забележителен раст. Затоа, општа карактеристика е дека физичката големина на луѓето, стасот и појавата, некои луѓе сметаат дека автоматски значи и поголем статус. Ова и не мора да биде сто проценти точно но, во глобала тоа е генерално мислење на околината. Не мора да бидеме физички висока личност за да ја користиме висината со цел да го пренесеме својот статус. Колкава и да е нашата висина секогаш е мудро и корисно да стоиме подигнато, главата и рамениците да ни се исправени и најважно од се е да сме самоуверени. Ваквиот став ќе придонесе да изгледаме поголеми без оглед на нашата реална висина.
Допирот како дел од невербалната комуникација е исто така моќна сугестивна алатка кој спаѓа во групата на гестикулации во говорот на телото. Сите ние невербално го користиме во секојдневието. Доколку се анализираме, ќе станеме свесни колкупати допираме луѓе околу нас додека комуницираме. Многумина од нас дури и кога разговараат, како потврда во своите објаснувања континуирано го допираат по рака или рамо соговорникот, несвесни дека можеби тоа некого и ќе вознемири.
Кога се работи за презентирање на статус, во ситуации кога лица со повисок статус сакаат да се наметнат, скоро и задолжително се случува некаков вид на допир. Ова честопати можеме да го видиме кај политичарите, еве да речеме Доналд Трамп при своите поздравувања секогаш и задолжително го користи говорот на телотот како оружје за доминација и секој пат при своите ракувања со државници и луѓе од јавен живот се поздравува со едната рака, а го допира соговорникот со другата рака. Секако ова е само еден пример. Доколку имате желба, време и сакате да истражувате на оваа тема секако ќе видите многу вакви примери и кај Владимир Путин и други државници. Тоа го прават воглавно сите луѓе кои се дел од јавните светски сцени во различни професии. Ова со политичарите беше само пример.
Се верува дека ако ве забележат дека иницирате некаков вид на допир, ваква интеракција, во тој случај на вашиот соговорник му е автоматски дадено до знаење дека имате повисок статус.
Пренесување на хиерархија преку говорот на телото
Хиерархијата и статусот се слични, но сепак различни во смисла на тоа дека хиерархијата многупати се поврзува со позицијата на една личност во рамките на фирма, компанија, семејство. Ќе дадам само пример, да речеме еден раководител е повисок во хиерархија отколку еден архивар во истата компанија. Или кога се работи за семејство, родителот е секогаш на врвот на хиерархијата за разлика од децата, внуците итн.
Во деловниот свет е многу важно да се почитува таа хиерархија која е секако тесно поврзана со деловниот бон-тон кој секој од нас е потребно да го владее доколку сака да е успешен со својата работа и живот. Постојат повеќе показатели за видови на хиерархија и говорот на телото. Еве уште еден пример. Доколку сте патувале со авион да речеме, аранжманите за седење јасно ја покажуваат хиерархијата во смисол на тоа дека во 80% од летовите постојат економска класа и да речеме бизнис класа. Тука е секако и вип класата која не е својствена за нашиве балкански простори освен ако не се работи за приватен лет и сопствен авион. Преку овој пример на седење, јасно може да се воочи демонстрирање на хиерархија.
Доколку се работи за деловни состаноци, бизнис ручек или вечера , организаторот кој е домаќин по бон-тон е предвидено секогаш да седне центрано ( на нашиве подрачја тоа би значело на чело на масата). Сите оние кои се дел од неговиот тим седат блиску до него (се разбира во однос на нивната позиција и важност во компанијата) и на таков начин комуницираат со останатите луѓе кои се дел од состанокот. Секако гостите, како деловни соработници имаат исто така важна позиција и се блиску до домаќинот на средбата, повторно според нивната хиерархија во компанијата. Лидерите, вообичаено се квалификувани и тренирани за вакви средби (имаат и долгогодишно искуство и тренинзи за ваков вид на состаноци) секогаш мудро знаат да демонстрираат моќ и позиција спрема потребите. Оние кои се искусни и се долги години на вакви работни позиции многу пати свесно избираат говор на тело со демонстрирање на помала позиција од реалната и тоа се со цел за потребите на склучување на добра зделка и успешна продажба. Со ваквата ненаметлива невербална комуникација добиваат автоматски поотворена дискусија.
Пренесување на доминација преку говорот на телото
Кога некој ќе спомене доминација тоа веднаш асоцира на моќ, контрола и давање некакви команди. Сите ние можеме да покажеме доминација, но мора да внимаваме дали со таа доминација ќе демонстрираме позитивен или негативен начин на некаква интеракција. Тајната лежи во нашата намера. Како и за се во животот. Комуникацијата е основа на нашето живеење, разбирање, однос кон живот и култура. Освен вербалната, невербалната и останати видови на комуникација, постои и комуникација за изразување на доминација.
Доминација преку комуникација наједноставно пластично може да се прикаже преку пример во светот на образование. Имаме професор кој држи предавање, со релативна висина, исправен со соодветно позиционирање на своето тело и е јасна доминантна личност во просторот каде се одвива предавањето. Друг пример за доминација преку говорот на телото ќе дадам со луѓе кои повторно се од политиката. Тие во периодов се некако најекспонирани поради глобалната пандемија и секојдневно даваат изјави. Соодветно на функцијата повеќето од нив се јавни говорници, секогаш зборуваат на некаков вид на подиум, имаат пред себе говорница и ја користат височината за да комуницирааат. Ваквиот говор на тело е всушност повторно доминација преку невербална односно вербална комуникација. Во моментов зборуваме исклучиво за невербалниот говор, не елаборираме за кој колку е оратор и слично. Конкретно само за пренесување на доминација преку говорот на телото. Треба да знаеме дека позиционирањето на телото во вакви ситуации и квалитетна контрола над него одат заедно.
Доминантно дејство исто така може да се искаже невербално преку физичко доближување до одредена личност. Доминација значи и упаѓање во разговор на одредени луѓе. Во секодневниот живот пример за доминација се парови кои се држат за рака. Следниот пат кога на улица ќе забележите пар кој се држи за рака, внимателно погледнете чија рака е на горна позиција (кој кого држи) и ќе воочите дека дури положбата на раката на една личност е демонстрација на доминација. Ова го има вообичаено кај родителите и малите деца, тие скоро секогаш не ги испуштаат од рака пред се како знак на сигурност и се разбира доминација.
За крај од денешното дружење сакам повторно да потенцирам дека говорот на телото иако не е екзактна наука, е една од најмоќните и најуспешни алатки за комуникација во било кој домен од нашето живеење. Доколку се посветиме, навлеземе во оваа наука, ги совладаме вештините на невербалната комуникација можеме да бидеме уште поуспешни во животот и работата.
Успешно совладан говор на тело е вистински моќна алатка и поттик за постигнување на целта која сакаме да ја постигнеме. Мене лично ми требаа години работа, опсервации, пракса и тренинзи за да го усовршам говорот на телото одејќи на предавања на различни универзитети и посетувајќи едукации врзани за оваа тема. Имав можност да учам од најдобрите но и покрај тоа секогаш има уште нешто повеќе кое може да се совлада и научи.
Животот е предизвик кој секој од нас треба успешно да го совлада. Затоа сите ние е потребно да посветиме на себе си онолку време, енергија и средства колку што мислиме дека ни е потребно да бидеме утре поуспешни од денес.
За сите оние кои сакаат едукации на оваа тема ќе ми биде задоволство да ве воведам во светот на невербалната комуникација преку кастомизирани обуки и тренинзи на оваа тема и тоа за различни професии.
До следната недела останете во добро здравје, мотивирани и успешни во својата работа и живот.
ISBN 987-608-4880-03-5 Материјалот е авторски. Секое реобјавување мора да е во согласност со авторот каде јасно ќе биде ставен изворот на текстот.
Напишете коментар