Од блиску со Александар Сибиновски

категорија: Интервјуа | 0

Александар го запознав 2019 година, кога како ЕУ ИНСТИТУТ Скопје од страна на Град Скопје ни беше доделено да вршиме неформална едукација на средношколци, ученици во четврта година средно образование, на тема „Комуникациски вештини“ во СУГС „Владо Тасевски“, каде што тој беше директор. Првиот впечаток, кој вообичаено е и последен, ми беше дека се работи за млад и амбициозен човек, упорен и продуктивен на својата работна позиција. Коректен и исполнителен во сите аспекти од заемната соработка што ја имавме како организација со училиштето. Од денешна перспектива, верувам дека ова беше наш вистински заеднички чекор кон градење млад кадар што ќе биде движечката сила на нашето општество. Александар е семеен човек, грижлив сопруг и татко. Вљубеник во спортот, а многумина го познаваат и по семејниот бренд кој е дел од традицијата на Скопје, ресторанот ФОТКА.

За почеток, кажете ни како се чувствувавте кога за првпат добивте одговорна функција – да бидете директор на средното училиште „Владо Тасевски“ и кога станавте татко на стотици деца кои се дел од училиштето? Предизвик и одговорност?

Најпрво, сакам да Ви се заблагодарам за убавите зборови. Ќе бидам искрен, убаво е кога ќе слушнете дека луѓето ве доживуваат на тој начин. Тоа само потврдува дека сте на вистинскиот пат.  Да, нашата соработка со ЕУ ИНСТИТУТ Скопје беше навистина добар чекор и задоволството од соработката е обострано. И искрено се надевам дека ќе продолжи.

Ме прашавте како се чуствував кога бев назначен за директор на училиштето. Беше малку чудно, но првичниот впечаток беше позитивен и бев одлично прифатен од сите – од моите колеги, претставниците на стручната и техничката служба и учениците, како и од сите оние со кои училиштето соработува во рамките на реализацијата на воспитно-образовниот процес. Ако треба да ја посочам разликата меѓу позицијата наставник и директор на училиште ќе кажам дека како наставник бев класен раководител на паралелка со 34 ученици, а откако станав директор на училиште класот со кој раководам има 1 200 ученици.

Се разбира, раководната позиција не е ниту лесна, ниту едноставна. Потребна е посветена работа, желба и волја да се соочите со предизвиците кои стануваат ваше секојдневие. Притоа е многу важно да имате добар тим на кој ќе можете да се потпрете. Благодарение на мојот тим и навременото и максимално посветено вложување на сиот расположлив човечки и финансиски капитал, ние – како училиште –  постигнуваме одлични резултати –  и на образовно-институционален и на инфраструктурен план.

Колку ученици учат во Владо Тасевски и каков е интересот за уписи?

СУГС „Владо Тасевски“ е едно од средните училишта во Град Скопје со најголем број ученици. Во учебната 2020-2021 година ние имаме вкупно 1 200 ученици кои следат настава во три струки – сообраќајна, електротехничка и машинска струка. Споредбата на бројките од уписите во последните неколку години покажува позитивен тренд и движење по нагорна линија. Благодарение на подобрувањето на условите за изведување на наставата, како и вложувањето во напредна IT-технологија, успеавме да го привлечеме вниманието на основците и последнава година имавме зголемување на бројот на ученици за приближно 30 %. Тоа е, ќе се согласите, навистина добар резултат и нашите планови и активности во однос на годинешниве уписи се во насока на тоа ваквиот тренд да продолжи и во иднина.

Се надевам дека иницијативите на МОН, БРО, ЦССО и на Владата на РСМ за реформи во средното стручно образование и насочување на идните средношколци за изучување на техничките науки, ќе доведат до промена во свеста на учениците и на нивните родители за тоа дека новите индустриски капацитети што се отвораат во РСМ имаат потреба од стручно обучен кадар, каков што може да произлезе само од средните стручни училишта, и дека средното стручно образование конечно ќе го добие вистинското место во образовниот систем на РСМ.

Набрзо откако станавте директор, евидентни беа резултатите во поглед на инфраструктурното уредување на училиштето, модернизацијата и опремувањето со најнова технологија и иновативниот пристап во наставата. Верувам дека и родителите, но и надлежните институции и општеството, во целина, ги делат нашите впечатоци и дека ги ценат сите вложувања во насока на развојот и модернизирањето на училиштето. Какви се размислувањата и мотивацијата на децата на ова поле?

Со должна почит кон сè она што е направено во училиштето од страна на моите претходници кои раководеле со установата, јас и мојот тим направивме амбициозен план кој во својата основа ја имаше идејата да го разубавиме и облагородиме просторот за сите ние – и вработените и учениците – да се чувствуваме пријатно. Едноставно, сакавме да го искористиме она што ни е предност – убава и сочувана училишна зграда и простран и убав училишен двор и, како добри домаќини, да го уредиме тој простор во кој минуваме голем дел од своето време. Вработените позитивно ја прифатија мојата иницијатива и дадоа зелено светло за нејзина реализација. Ги уредивме сите простории во училиштето – наставничката канцеларија, работните кабинети на наставниците, училниците, кабинетите за практична настава, училишната библиотека, спортската сала, а во дворот на училиштето се опреми современо фудбалско игралиште. Притоа, не работевме само на просторното уредување, туку и на опремување на училиштето со современа ИТ-опрема компјутери, паметни табли, уреди и опрема за реализација на практична настава, спортски реквизити, книги – или, накусо, со сè што е потребно за реализација на наставниот процес. 

Со посебно внимание го уредивме училишниот двор, претворајќи го во простор каде што можеме да се дружиме – и ние и учениците, да се одмориме во просторот меѓу часовите и да ги наполниме батериите за сите предизвици со кои се соочуваме во нашата работа, која е убава, мошне сериозна и одговорна, а во одредени моменти и навистина напорна. Така што, оваа мала зелена оаза ни е простор што нè релаксира за да можеме одговорно и посветено да се соочиме со сите ситуации.

А што се однесува до учениците, нивното задоволство е големо и тие отворено го искажуваат. Тоа е очекувано и разбирливо – и кога станува збор за уреденоста и опременоста на училниците и кабинетите, но и за убавиот училишен двор. Зашто, сите ние сме биле ученици и паметиме дека покрај тоа што училиштето примарно е место каде што се стекнуваме со знаење, тоа е и простор каде што се родиле многу искрени пријателства и дружби, па и средношколски љубовни приказни кои вечно се паметат. А убавиот простор е инспирација за убави нешта!

Вашите ученици имаат привилегија да изучуваат професии кои се барани и дефицитарни на пазарот на трудот. Дали тоа значи дека тие деца имаат привилегија веднаш по завршувањето на средното образование да најдат вработување? Колкав процент ученици се вработуваат веднаш по завршувањето на средното стручно училиште?

Средното стручно образование има исклучителна важност за нашата држава, бидејќи овозможува стекнување знаења, вештини и способности, односно, компетенции потребни за директно вклучување на учениците кои го завршуваат средното образование на пазарот на трудот. Во нашето училиште се застапени три струки со следниве профили: електротехничка (електротехничар за електроника и телекомуникации и електромеханичар), сообраќајна (техничар за транспорт и шпедиција и техничар за железнички сообраќај) и машинска струка (машинско-енергетски техничар / техничар за производно машинство и инсталатер за греење и климатизација).

Да, тоа се профили кои се барани на пазарот на трудот и голем дел ученици кои не го продолжуваат своето образование во високообразовните установи релативно брзо наоѓаат работа во својата струка. Тоа, во голем дел се должи на добрата стручна подготовка што ја добиваат на часовите по практична настава и, секако, на реализираната редовна и феријална практична настава во производните капацитети и претпријатија каде што учениците изведуваат дел од часовите по практична настава. Не можам прецизно да ви кажам колкав е процентот ученици кои се вработуваат набрзо по завршувањето на училиштето, бидејќи ние не правиме такви анализи, но од контактите со учениците, кои често го посетуваат училиштето, особено кога имаме некој повод за прослава и празнување, но и од нивните контакти со класните раководители и со предметните наставници кои продолжуваат и се негуваат и по завршувањето на училиштето, имам податоци дека тој процент е прилично висок.

Инвестирате во учениците како кадар и организирате практична настава во компании, што е драгоцено искуство во денешно време. Колку учениците ги сакаат часовите по практична настава покрај редовната настава?

Часовите по практична настава се можност „на дело“ да се провери колку и што се научило и разбрало на часовите по теоретска настава. А со оглед на определбата на учениците да изучуваат технички науки, јасно е дека за нив овие часови се омилен дел од наставниот процес. Наша цел, во таа насока, е постојано да ги опремуваме кабинетите за практична настава со уреди, машини и инструменти со помош на кои учениците ќе можат да ги реализираат практичните задачи во согласност со наставната програма.

Дел од практичната настава се изведува во стопански субјекти со кои училиштето потпишува договор за соработка, во кои учениците можат да работат на конкретни задачи и да стекнат работно искуство што може да им послужи при аплицирање за работни позиции по завршувањето на средното образование.

Ние сме единственото средно стручно училиште во земјата кое образува кадри што се подготвени да се вклучат во извршувањето работни задачи во Македонски железници. Нашите ученици часовите по практична настава ги изведуваат во Македонски железници, работејќи на конкретни задачи и утврдувајќи го знаењето стекнато на часовите по теоретска настава во реални работни околности.

Во учебната 2020/2021 година во нашето училиште, во соработка со германската компанија за медицинска пластика Гересхајмер, се формираше комбинирана паралелка во машинска струка, во која се воведе нов профил техничар за производно машинство. Во текот на средното образование, учениците имаат можност да изведуваат практична настава и да стекнуваат работно искуство работејќи на кокретни задачи во компанијата. По завршување на четиригодишното образование, оние ученици кои сакаат да го продолжат своето образование можат да полагаат државна матура и да се запишат на факултет, а оние кои не планираат да  продолжат понатаму со своето школување имаат можност да се вработат во компанијата.

Во склоп на училишните активности, освен за реализацијата на наставата, водите сметка и за анимирање на децата преку различни секции и воннаставни активности  – мизика, филм, драма, видеоедиција, новинарство, маркетинг, екологија, спорт и многу други. Како децата реагираат на ваквите активности?

Она што е посебна карактеристика на нашето училиште е дека, паралелно со наставниот процес, во нашето училиште активно работат многу секции во кои се подготвуваат: иноватори, информатичари и програмери, маркетари, претприемачи, спортисти, шахисти, музичари, дебатери, новинари, актери, оратори, дека учениците снимаат филмови, реклами, изработуваат постери, учат колку е важно да бидат хумани и да даруваат крв, да ја развиваат мултиетничката толеранција и разбирањето, да ја поттикнуваата еколошката свест и грижата за животната средина… Најдобар доказ за тоа колку овој дел од работата во училиштето е значаен за учениците и со колкава љубов и желба се вклучуваат во воннаставните активности се бројните награди и признанија на сите натпревари, активното учество на сите проекти, како и фактот дека сме едно од ретките средни училишта во кои патрониот празник е посебен и мошне важен датум што секогаш се одбележува со посебно подготвена програма и активности. Оној кој барем еднаш присуствувал на нашите свечености, не пропушта да биде наш гостин на секое наредно празнување. Во овој сегмент, секако, мора да ги пофалам и да им изразам голема благодарност на колегите кои се ангажираат на реализацијата на овие активности, по кои сме препознатливи и во градот и во државата.

Имавме можност да ви честитаме 60 години од постоење на училиштето. Во истата година успесите се редеа, па добивте еминентна награда за најпретприемачко училиште. Кажете ни нешто повеќе за ова, за иновативноста, креативноста, инспирацијата на децата и за севкупниот успех на училиштето…

Мене ми е особена чест што бевте наши гости на празнувањето на 60-годишнината од работата на училиштето, на свеченоста што се одржа во Кино Фросина, во Младинскиот културен центар, свеченост на која бевме домаќини на повеќе од 300 гости. Тоа беше една неверојатно убава вечер на која направивме ретроспектива на работата на училиштето од неговото основање и со посебна програма ги поздравивме сите гости и пријатели кои со своето присуство го збогатија нашето празнување. Потоа следуваа низа успешни претставувања и освоени награди на државно ниво, кои беа своевидно продолжување на успешната приказна.

На 9 ноември 2020 година нашето училиште е прогласено за најпретприемачко училиште за 2019/2020  година, во мрежата на Џуниор Ачивмент Македонија, со што се стекна со можноста да биде дел од настанот организиран од #JAEurope “The Entrepreneurial School Awards 2020”. Дигиталниот настан требаше да ги обедини претставниците на училиштата и наставниците од 39 победнички училишта од 25 европски земји и да им оддаде признание за нивното изворедно залагање во поддршка на претприемничкото образование. Дел од планираните активности не се реализираа поради избувнувањето на пандемијата, но нашиот тим продолжи да работи на реализација на поставените цели и јас сум сигурен дека круна на вложениот труд ќе биде некој нареден голем успех на овој план.

Во 2019 година како ЕУ ИНСТИТУТ Скопје имавме чест и задоволство да соработуваме и обучиме 100 средношколци од четврта година во СУГС „Владо Тасевски“. Каков беше фидбекот, гледано од денешна дистанца, од страна на децата, Вас и Вашот тим со кој беспрекорно соработувавме на проектот „Комуникациски вештини“ Дали цените дека ова е добра практика и дека како таква треба да продолжи и во иднина?

Како образовна институција, нам ни е особено важно да ги подготвиме нашите ученици за квалитетен и успешен живот. Затоа, ми беше особена чест што нашето училиште беше избрано и вклучено во проектот „Комуникациски вештини“, реализиран од ЕУ ИНСТИТУТ Скопје, и поддржан од страна на Град Скопје, и што бевме домаќини на работилниците на тема комуникација. Децата беа особено задоволни што имаа можност да научат нешто ново и да стекнат практични искуства применливи во секоја животна ситуација. Сметам дека ваквите настани и проекти се навистина драгоцени за секое училиште и искрено се надевам дека нашата соработка ќе продолжи и во иднина.

Ковид-19 и глобалната пандемија го сменија стандардниот начин на образование. Како тимот на СУГС „Владо Тасевски“ се справи со овој предизвик?

За жал, така е. Оваа пандемија од корен ги смени нашите животи и наметна една нова реалност на која моравме да се навикнеме брзо и сите проблеми да ги решаваме во од. Онлајн наставата е ново искуство и за нас, како наставници, но и за учениците, како и за сите институции во чија надлежност е работата на училиштата и спроведувањето на наставниот процес. Правиме сè што можеме за да одговориме на предизвикот и да понудиме решение кое нема да оди на штета на постигнувањето на наставните цели и обезбедувањето квалитетно образование. Она што е најважно во овој момент е дека нема прекин на наставниот процес, дека наставната програма се реализира и дека учениците се секојдневно во директна комуникација со своите наставници, од кои можат да побараат помош, дополнителни појаснувања и да добијат материјали кои им се неопходни за да стекнат солидни знаења.

Како средно стручно училиште кое образува кадри од електротехничка, машинска и сообраќајна струка, ние сме обврзани дел од наставниот процес (часовите по практична настава) да ги реализираме со физичко присуство на учениците. Мошне внимателно направивме план за реализација на часовите по практична настава и се погриживме да обезбедиме услови за безбедно присуство на учениците во училиштето. Тимот наставници кои ги реализираат часовите по практична настава се грижат за спроведување на протоколите и мерките за заштита и засега нема никакви проблеми.

За колегите, физичкото неприсуство на учениците и празните училници се неприродно опкружување, но сепак тие го прифатија овој тип настава и даваат сè од себе содржините предвидени во наставната програма да ги доближат до учениците, да го слушнат нивното мислење, да одговорат на нивните прашања и да го разјаснат она што не е доволно јасно. Наша цел, како училиште и како тим наставници, е да го премостиме овој период и притоа да им овозможиме на учениците да добијат соодветна замена за редовниот образовен процес. 

Во градскиот живот сте препознатливи како успешни семејни претприемачи и сопственици на ресторанот ФОТКА, кој е синоним за квалитетна пастрмајлија. Споделете ни ја накратко приказната за ФОТКА!

Фотка е семеен бизнис што го започнаа моите родители во 1995 година, што значи дека веќе четврт век сме дел од скопската гастрономска приказна. За нас тоа место има посебно значење. Замислен како катче во кое ќе го почувствувате здивот на традицијата и вкусот и миризбата на старата македонска домаќинска куќа, нашиот ресторан е место каде што можете да консумирате традиционални македонски специјалитети, а наш заштитен знак, секако, е пастрмајлијата. Фотка е вистински избор за оние кои сакаат да пробаат добра храна во пријатна атмосфера. Всушност, оставам оценка за нашето работење да дадат оние кои се наши редовни муштерии и кои веќе 25 години уживаат во вкусовите и мирисите од нашата кујна.

Дали е полесно да се менаџираат три жени во семејството, училиште со стотици деца или ресторан со реноме, квалитет и традиција?

Интересно прашање. Секој од овие сегменти на мојот живот за мене е мошне важен и секој е поинаков на некој посебен начин. Ќе се обидам да дадам „политички“ коректен  одговор – во училиштето ги менаџирам потребите на институцијата, во семејството желбите на моите три девојки, а во Фотка ја продолжувам семејната традиција. Не е лесно, но со добар тренинг и упорност резултатот е загарантиран. А јас, по природа, прифаќам само победи. Од нив ја црпам енергијата и волјата за соочување со нови предизвици.

Интервјуто е автризирано. Забрането е да се копира и реобјавува во целост или во делови, без дозвола од ЕУ ИНСТИТУТ Скопје.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *