Говорот на телото преку облеката

категорија: Говорот на телото | 0

Кога се зборува за говорот на телото, најчеста асоцијација на луѓето е дека станува збор за некаков вид на гестикулации кои се прекрстени раце, нозе, мимики на лицето и слично. Тоа е нормално бидејќи кога станува збор за невербална комуникација, тоа се најпрепознатливи сигнали. Денеска би сакала да дадам еден осврт за говорот на телото во однос на нашата облека која е исто така дел од комуникацијата.

Дали можеби сте помислиле дека сите ние комуницираме преку нашата облека? Некој можеби ќе рече дека облеката која ја носиме и нашиот стил претставува израз на нашата индивидуалност. Тоа е точно. Но, сепак факт е дека сите ние свесно или несвесно, комуницираме со околината преку облеката која ја носиме. Типот на облеката која ја носиме може да послужи и како форма на говорот на телото на сите нас. Честопати гардеробата која ја носиме ја потврдува нашата старост, пол, политички ставови и економска класа.

Сите ние комуницираме преку гардеробата која ја носиме!

Би ве запрашала, дали некогаш сте донеле некаква одлука, сте суделе за некоја особа врз база на нејзината облека? Сигурна сум дека да, на сите ни се случило. Не мора да значи дека облеката го чини човекот. Важна е содржината која секој од нас треба да ја има. Во овие тешки економски услови, не смееме да им судиме на луѓето дали имаат или немаат адекватно да се облечат за пригодата, работното место. Важно е тоа што го носиме да е чисто и уредно. За да сме успешни во работата препорачливо, добитна комбинација, е целокупниот наш изглед, внатрешен и надворешен. И како што многупати до сега пишував и говорам на обуките за деловен бон-тон и комуникациски вештини, луѓето ќе не запаметат и ценат секогаш по првиот впечаток кој ќе го добијат за нас. Најдоминантно во тој прв впечаток ќе биде нашиот став, држење, облека и нашите комуникациски способности.

Добитна комбинација е севкупниот наш пакет.

Ви се случило ли да процените личност само врз основа на неговата облека? Верувам дека да. Сигурно сте се сретнале или запознале со одредена личност и пред воопшто да ја слушнете како зборува или да знаете нешто за неа, сте креирале мислење и дале претпоставка за истата таа особа и тоа врз база на нејзината облека. Одредени луѓе според нивната позиција честопати очекуваме и да се облекуваат на одреден начин, што е сосема разбирливо.

Насоки за облека на интервју за вработување

Би и се обратила на помладата читателска публика. На сите оние кои одат и ќе одат на интервјуа за вработување. Меѓу другото, сигурна сум дека сте размислувале и како на кој начин ќе се преставите, што ќе кажете и секако како ќе се облечете. Од лично искуство и одржани солиден број на интервјуа за вработување додека работев во една интернационална компанија би кажала дека повеќето кандидати кои доаѓаа со желба и мотив да се вработат, доаѓаа облечени во според нив најубавите облеки за носење (повторно напоменувам според личен критериум). Ова кај сите нив беше различно но сега не би го образложувала. Би препорачала за сите идни кандидати кои бараат вработување да посетат обуки за деловен бон-тон, дрескод и комуникациски вештини.

Имаме врвен и искусен тим на предавачи на овие теми и верувам дека ќе им помогнеме да ја достигнат посакуваната цел, на сите идни млади или ворасни лица кои бараат работа.

Секој сака да остави позитивен впечаток кај работодавачот, да знае адекватно да возврати со пристоен одговор, да ја совлада тремата, достојно да се презентира и претстави себе си, со крајна цел за да се вработи. Повторно ќе речам, првите впечатоци се секогаш пресудни. Облеката е една од алатките која секој од нас треба да ја користи бидејќи, покрај нашето CV, е еден од факторите кои влијаат во донесување одлука на работодавецот.

Претпоставки засновани врз база на облеката

Ако отидеме во ресторан на ручек во кој ќе дојде келнер кој има неуредна гардероба, извалкана и слично, каков ќе биде нашиот впечаток за ресторанот, квалитетот на храната и се останато? Лош. Сите ние имаме одредени очекувања за одредени професии, занимања. Денеска е период во кој сите се по лекари, болници поради глобалната пандемија и Ковид 19 криза. Замислете да не пречека лекар или лаборант неуреден, во валкана униформа! Сите ние имаме одредени очекувања за одредени занимања. Очекуваме нашиот лекар да биде чист и уреден во медицинска униформа, келнерот да е во исто така чиста облека за да влее доверба на гостите и да го потврди со својот надворешен изглед реномето, квалитетот на услугата и спремената храна во ресторанот. За некои професии е нормално да се луѓето неуредни. Да речеме доколку се работи за некој кој е ѕидар по професија, градежен работник или можеби сликар и работи со бои, својствено е нивната гардероба во работното опкружување да соодветствува со она што во моментот го работат. Комуникацијата на гардеробата во ваквите професии е поинаква од останатите.

Облека на политичарите

Политичарите секогаш се трудат да носат облека која е во нивна полза. Воглавно тоа е сведена гардероба. Одело, кошула, машна. Секако има исклучоци кои веројатно и немаат добри советници на тема говорот на телото и прават понекогаш фатални грешки во изборот на гардеробата со која исто така рековме комуницираат. Многупати сме сведоци како политичарите сакаат да не импресионираат (на важни настани) па носат скапа гардероба со детали кои се понекогаш и ексцентрични. Ако се работи за момент во кој некој од нив сака да се идентификува со народот и секако доколку има квалитетен body language советник, носи кежуал гардероба, кошула и фармерки. Ова е некое непишано правило кога сакаат да дадат порака на јавноста дека се идентификуваат со обичниот човек.

Одредени видови на гардероба носат одредени претпоставки и за луѓето. Некогаш може да претпоставите за некого дека е некој или нешто, а всушност не е ни едното ни другото, едноставно така се облекол дента и така комуницира преку својата гардероба.

Тинејџери и облека

Тинејџерите ја прифаќаат облеката како форма на невербална комуникација. Сведоци сме дека тинејџерите сакаат да се облекуваат поинаку за да ја остварат својата независност, но во исто време, тие се облекуваат слично. Ако погледнеме на улица денес, евидентно е дека сите на таа возраст наликуваат еден друг. Разбирливо е, во години се кога се бараат себе си, се идентификуваат со своите врсници се додека не си го најдат сопствениот стил и израз. Тоа доаѓа по одминување на пубертетот. Од мои лични опсервации на оваа категорија на млади, само оние кои имаат афинитети кон уметнички професии и се насочуваат понатаму во тој правец да се едуцираат, гардеробата им е поинаква од останатите врсници. Генерално облеката на тинејџерите денес се состои од патики, фармерки, маички, блузони и слично.

Историја на облекување на тинејџерите и комуникација преку облека

Пред 1950-тите, тинејџерите и адолесценцијата честопати се облекувале како мали возрасни лица. Промената на оваа појава настана кога тинејџерите од 50-тите години на минатиот век започнаа да носат фармерки, маици и здолништа за да им покажат на возрасните дека се бунат против традиционалниот стил на облекување. Момчињата кои носеле фармерки и маици на прв поглед биле етикетирани како бунтовници. Еве од тоа време ќе го споменам Џејмс Дин, бунтовникот во џинс. За тинејџерите кои носеле вратоврска во текот на 60-тите години на минатиот век се верувало дека се деца на цвеќето, без оглед на нивните политички и социјални ставови.

Тинејџерите сакаат да се облекуваат поинаку од постарите за да ја утврдат својата независност и да се побунат против авторитетот. Носејќи облека различна од возрасните, многупати тие се обидуваат да изразат дека имаат различни ставови за политиката, општеството и културата. Јас ова навистина го поздравувам и ми се допаѓа ваквиот вид на комуникација преку гардероба. Што мислите вие, дали го делите моето размислување?

СОВЕТ: Запаметете, облеката која ја носиме ( комуницира ) го оддава првиот впечаток што некој го добива за нас, без оглед на тоа дали е точен или не. Честопати луѓето ќе не проценат и судат по она што го носиме. Говорот на телото е единствениот јазик кој сите ние го разбираме!

До следната недела останете во добро здравје и позитивна енергија. Пишете ни и споделете ги, со нас и нашите читатели, вашите размислувања на оваа тема.

ISBN 987-608-4880-03-5 Материјалот е авторски. Секое реобјавување мора да е во согласност со авторот каде јасно ќе биде ставен изворот на текстот.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *