Ниска самодоверба влијае на нашето ментално здравје

категорија: Самодоверба | 0

На почетокот ќе речам дека кај секого е различен факторот кој влијае на моменталната самодоверба. Кај секој еден од нас тоа е индивидуално. Ќе дадам неколку примери кои ги среќаваме во секојдневниот живот а се фактори кои влијаат и придонесуваат една индивидуа да има проблеми со сопствената сигурност во себе. Доколку подлабоко размислиме и навлеземе во суштината на нашето живеење и постоење, во реалното наше опкружување ќе можеме да видиме дека расколебана самодоверба најчесто имаат лица кои во изминатиот период од своето живеење имале серија негативни настани во сопствените животи. Тие ситуации и случувања придонеле до намалување на нивната сигурност.

Недостаток на самодоверба се појавува кај следнава категорија на лица:

  • малтретирани и злоупотребувани лица
  • лица кои ја изгубиле работата
  • лица кои имаат потешкотии да најдат вработување
  • лица изложени на континуиран стрес
  • лица со некаков хендикеп
  • лица со нарушено ментнално здравје
  • ранлива категорија на граѓани
  • лица кои искусиле семејно насилство и многу други…..

Денеска сме сведоци на бројни негативни ситуации каде луѓето во ова современо живеење сеуште се малтретирани или злоупотребувани. Секако дека ваквите индивидуи ќе имаат проблем со сопствената самодоверба. Сведоци сме дека и со моменталната глобална пандемија и Ковид-19 криза секојдневно голем број на лица ја губат работата која им е главна егзистенција во животот и од неа ги хранат своите семејства или пак немаат работа и имаат реални потешкотии да најдат ново вработување. И кај оваа категорија на луѓе постои можност за појавување и недостаток на лична самодоверба. Во многу други ситуации во ова денешно време-невреме сме изложени на континуиран стрес кој исто така знае да се рефлектира со намалување на самодоверба кај една личност. Кај друга пак категорија на луѓе кои се со некаква физичка болест, постојано провејува и владее тој недостаток на самодоверба. Лица кои се со благо или сериозно нарушување на менталното здравје континуирано имаат проблеми со личната самодоверба. Лица од ранливи категории кои се жртви на семејно насилство имаат пореметени вредности и се исто така со ниска самодоверба.

Мораме да сме самосвесни за тоа како се чувствуваме. Да се дијагностицираме себе си е веројатно најкомлексна работа и најтешко. Но доколку сме во нормална физичка и психичка состојба и доколку сме реални, ќе сфатиме дека сами сме тие кои единствено можеме да си помогнеме себеси при тоа анулирајќи ги сите промени кои ќе ги дијагностицираме во нас самите за да го оспориме ниското ниво на самодоверба.

За оние кои се во потешка ментална криза секогаш е препорачливо да се обратат кај стручни лица кои ќе им помогнат да ги надминат сите проблеми и потешкотии кои ги спречуваат во животот и работата да имаат подобра самодоверба а се однесуваат на оваа тема.

Ниската самодоверба влијае на нашето ментално здравје!

Ниската самодоверба кај една индивидуа е тесно поврзана со менталното здравје. Лицата кои како искуство имале ниска самодоверба честопати покажуваат проблеми со менталното здравје. Од моите искуства кои ги имав во изминатите години при работа со мојот ментор кој дел од своето време го посветуваше на консултации на млади лица и парови кои имаа вакви проблеми можам да кажам дека кај сите можев да видам чувство на безнадежност, себе обвинување за се и сешто. Во многу ситуации и мразење на себе си и грижа дека поради несигурност и недоверба во себе нема да постигнат ништо.

Ќе резимирам од она што го видов и доживеав во пракса. Доколку долг временски период многу вакви наведени фактори влијаат во животот на едед човек, тоа доведува до воопшто немање на никаква самодоверба и проблеми со менталното здравје. Затоа и на почетокот реков дека самодовербата и металното здравје се тесно поврзани.

Многупати ваквата состојба во која една личност има ниска самодоверба доведува до преиспитување кај луѓето. Пример: кој што рекол, каде згрешил или што се друго направил или му се случило.

Личната евалуација секој еден од нас е потребно да ја прави на крајот од денот.Тоа е пресуден фактор за понатамошен успех. Но, во никој случај не смееме себеси да се обвинуваме за се и сешто. Ваквата деструктивност не води никаде!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *